Македонија
(Видео) Бачев: Имаме план Б за името
Претседателот на Единствена Македонија, Јанко Бачев на прес-конференција истакна дека ништо не е готово по гласањето на уставните измени во Собранието, обелоденувајќи го партискиот план за спречување на преименувањето на земјата во Република Северна Македонија.
Бачев, кој е дел од движењето „Македонија бојкотира“ смета дека на потег е претседателот, Ѓорге Иванов, кој до Обединетите Нации би можел да испрати писмо дека договорот не е валиден.
„По ратификацијата на договорот од Преспа и во грчкиот парламент, според договорот, Македонија ги известува сите земји членки на Обединетите нации дека членството го продолжуваме под ново име. Многу е веројатно дека марионетата Заев како Влада прв ќе се истрча во името на државата да ги извести Обединетите нации. Во таков случај, и претседателот Иванов веднаш треба да упати писмо до ОН со кои ќе ги извести дека се работи за невалиден договор, ништовен и според домашното и според меѓународното право бидејќи договорот не е склучен од надлежен орган и нема дозволен предмет, не е почитуван референдумскиот резултат од 30 септември, не е потпишан указот од Иванов, значи сето ова добро ќе се образложи во писмото на Иванов“, вели Бачев.
Тој додаде дека во таква ситуација, ќе дојде до меѓународно недоразбирање и според Повелбата на ОН, Иванов ќе побара тоа да биде испитано од Советот за безбедност. Претседателот на „Единствена Македонија“ оцени дека во едно вакво сценарио за прв пат во историјата на ОН два органи од иста држава би биле со спротивни позиции што остава лош впечаток по угледот на една држава, но тоа не е важно, бидејќи борбата треба да се води и по цена и на угледот и достоинството на државата.
Според Бачев важно е да се добие на време и прашањето да се проблематизира на меѓународен план, а освен храброст од страна на Иванов, важно е и претседателот да побара подршка од Русија и Кина, а подоцна и од земјите кои нѐ признале под уставното име.
Единствена Македонија пред новинарите соопшти и дека го поддржува барањето на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени парламентарни избори заедно со претседателскте.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Со видео надзор, општината ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе ги заштити јавните добра
Советот на Општина Центар на 35. Седница на советот го прифати предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски во општина Центар да се постави видео надзор.
Станува збор за видео надзор поради обезбедување заштита на имотoт и имотните права на општината односно Заштита на урбаната опрема (автобуски постојки, опрема во функција на туристички и културни и спортски настани, самостоечки рекламни паноа, детски игралишта, фонтани, чешми, клупи, корпи за отпадоци и други согласно законите), Заштита на инфраструктурните објекти (улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во надлежност на Општината), Заштита на сообраќајни знаци и семафори и друга вертикална и хоризонтална сигнализација, Заштита на улична јавна осветлување, броење и евиденција на возила за статистички мерења.
Герасимовски во образложението за дополнувањето на дневниот ред истакна дека одлуката е преземена и модифицирана од други општини во кои веќе неколку години има поставен видео надзор и каде по поставувањето има намалување на штетите во општината.
„Се обидовме да ја заштитиме урбаната опрема особено детските игралишта но по сите напори не успеваме да го направиме тоа. Тие не ни траат ниту два месеци, се кршат детските реквизити, обрачите на спортските игралишта, се крши се. Затоа овие снимки може да служат како доказ за нечие дивеење. Но Министерството за внатрешни работи или Јавното обвинителство, исто така ќе може да ги користат при евентуално сторено кривично дело, нарушување на јавен ред и мир, или кршење на друга урбана опрема. Верувам дека снимките ќе ја зголемат и безбедноста во општината. Суштината е снимката да се користи како доказ за евентуална судска кривична или прекршочна постапка со цел да имаме намалување на девијантните појави во општината“, рече Герасимовски на седницата.
Македонија
Маскиран со „фантомка“ влегол во казино во Лешок, репетирал автоматската пушка и украл 329.780 денари: притвор за 28-годишник
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка.
На 24 април, осомничениот, маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка која на граѓаните им е забранета им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно присутно лице. Ја репетирал автоматската пушка и им наредил на оштетените да легнат на подот, по што од фиоките на касите одзел 329.780 денари.
На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1, како и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.