Македонија
(Видео) Богдановиќ, Шилегов и Заев на увид во градежните активности на улицата „Орце Николов“

Заврши првата фаза од реконструкцијата на една од главните сообраќајни артерии во Центар и во Скопје, улицата „Орце Николов“, информираат од оваа скопска општина.
Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ, заедно со градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов и премиерот, Зоран Заев, денеска извршија увид на градежните работи на улицата.
„Неубавите слики кои што ги гледавме каде лица со посебни потреби со инвалидски колички се движеа по коловозот и мајки со деца во колички поминуваа само кога нема возила по улицата, полека, но сигурно стануваат минато. Благодарение на градот Скопје се донесе нов сообраќаен режим каде целосно се измени концептот и на динамичниот и на стационарниот сообраќај. Претходната власт на градот Скопје инвестираа само во десеттина канти боја и неколку знаци, а од ‘Орце Николов’, наплаќаа огромни средства без да помислат за безбедноста на пешаците и велосипедистите а уште помалку на паркинг места за станарите“, изјави градоначалникот Богдановиќ.
Сопред општинските власти, целта на реконструкцијата е да се зголеми безбедноста на улицата „Орце Николов“ преку воведување на физички мерки за смирување на сообраќајот, а со самото тоа да се намали бројот на сообраќајни незгоди на овој потег.
Со реконструкцијата ќе се даде поголем приоритет на пешаците, со тоа што ќе се стимулираат пешачките токови и ќе се зголеми безбедноста при нивното движење по цела должина на улицата.
„По целосната реконструкција на улицата, целосно ги ослободуваме коловозот и тротоарите од паркирани возила и со тоа на жителите на овој дел од градот им создаваме услови за олеснето движење по пешачките површини и велопатеките, што ќе доведе до општо намалување на сообраќајниот метеж на оваа улица“, рече градоначалникот Шилегов.
Тој посочи дека со новиот проект, ќе се стесни коловозниот дел на улицата, со задржување на двете ленти за возила и ќе се изведе нов кружен тек.
Со реконструкцијата ќе се воведат велосипедски ленти кои ќе овозможат поврзување на велосипедистите и корисниците на алтернативни средства за транспорт, со останатите велосипедски патеки кои веќе постојат или се предвидени согласно Планот за развој на велосипедски патеки на Град Скопје.
„Брзината на движење на оваа улица за моторните возила е ограничена на максимални 30 километри на час, а предвидените дополнителни зафати ќе обезбедат уште поголеми можности за безбедност на учесниците во сообраќајот и на пешаците. Тоа е одлика и одраз на најдобрите искуства од големите метрополи за пријателско опкружување на граѓаните на нивното урбано секојдневие“, додаде премиерот Заев, потенцирајќи ја потребата од уште вакви зафати во сите општини во државата.
Целосната реконструкција на улицата ќе биде поделена во шест посебни фази, од кои секоја ќе опфаќа посебен дел од „Орце Николов“. Реконструкцијата на улицата ќе го опфати целиот потег кој е под надлежност на Општина Центар, од раскрсницата со булеварот „Св. Климент Охридски“ до раскрсницата со улицата „Франклин Рузвелт“.
Реконструкцијата на „Орце Николов“ ќе опфати површина од вкупно 7.182 метри квадратни и се очекува да биде готова во јули.
Целиот зафат ќе чини 64.847.608 денари, средства обезбедени од Буџетот на Општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење, ветувам силна и одлучна битка да го вратиме во рацете на кумановци“, најави Костовски

„Огромна чест ми е да бидам кандидат за градоначалник на нашето Куманово од СДСМ и коалицијата на претстојните локални избори. Му благодарам на раководството и на претседателот Венко Филипче за довербата, и на сите оние кои застанаа зад мене. Ме радува што огромен број граѓани ми ја дадоа поддршката овие денови, што е јасен сигнал дека Куманово бара промени“, напиша на социјалните мрежи, кандидатот на СДСМ за градоначалник на Куманово, Мартин Костовски.
„Незадоволството од локалната власт во Куманово достигна точка на вриење. Работите веќе четири години одат во погрешна насока и тоа знам дека сите вие го чувствувате и гледате. Максим Димитриевски не заслужува реизбор – ги изневери сите ветувања дадени пред граѓаните. Куманово се дави во смет и пропадната инфраструктура, се случува урбанистички хаос кој го креира Димитриевски заради сопствените бизнис интереси. Куманово во 2025 сè уште кубури со вода, а паркинг место нема ни за лек.
Димитриевски ги изневери сите кои гласаа за него. Наместо коректор на власта, стана пион на Мицкоски и тројански коњ кој треба да ја дели опозицијата и СДСМ. Човек кој ги погази сите наводни принципи и молчи пред криминалот на неговите коалициски партнери. Човек кој ведне глава пред патронот Мицкоски. Единствено нешто што Максим добро го прави тоа неговиот бизнис со оние за кои до вчера велеше дека се криминалци.
Куманово може подобро! Ветувам силна и одлучна битка да го вратиме Куманово во наши раце, во раце на кумановци. Ветувам дека ќе одам од човек до човек за да ја пренесам мојата идеја за подобра и пофункционална општина која ќе работи во интерес на сите граѓани на Куманово. Ветувам дека СДСМ во Куманово ќе се обедини и дека СДСМ ќе се врати многу силно! Одиме на победа!“, додаде тој.
Македонија
Дел од Шуто Оризари денеска без струја

Од ЕВН – Македонија известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од Шуто Оризари место викано Пирков Рид. (општина Шуто Оризари)
Македонија
Претежно сончево и многу топло

Времето денеска, претежно сончево и многу топло со слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 20, а максималната ќе достигне од 32 до 39 степени.
Во Скопје, сончево и многу топло со слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 39 степени.
Под влијание на топла воздушна маса од југ, до средината на следната седмица времето ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена облачност.
Дневната температура насекаде ќе биде над 30°C, а наместа ќе надминува 40°C.
Во недела во попладневните и вечерните часови ќе има услови за локална нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи.