Македонија
(Видео) „Браќата на Филипче и Заев преку брза шема стануваат сопственици на ‘Фос имерас’ – соларна електрана“, вели Митева

„Заеви и Филипче не ги поврзуваат само фирмите во Бугарија, туку и фирми во Македонија. Покрај тоа што Венко Филипче е миленик на Зоран Заев, нивните браќа здружно го напаѓаат енергетскиот бизнис. Имено во 2023 година, Вице Заев и Никола Филипче формираат заедничка фирма под името „Фос имерас“, што преведено од грчки јазик значи „дневна светлина“. Сопственици на „Фос имерас“ се две компании. „Тотал инженеринг“ од Струмица во сопственост на Вице Заев и „Плус нетворк“ од Скопје чиј сопственик е Никола Филипче“, вели Марија Митева, портпарол, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Фос имерас на Заеви и Филипче гради 1.5 мегавати соларна централа на атрактивна локација од 23 000м2, на само петстотини метри воздушна линија од границата со Грција.
Централата е изградена во најкус можен рок, а сите фази од пренамена на земјиште до одобрение за градба се направени во време кога Зоран Заев и Венко Филипче се власт во Македонија.
За да видиме како се брзало да се изгради соларната централа додека е СДС на власт, ќе се потсетиме на наводите кои ги изнесе ИРЛ во нивно големо истражување. Имено според податоците кои ги објавија прв сопственик на земјиштето била фирмата „Панама резорт“ од Скопје. Таа во 2016 година ја купила државната парцела од Република Македонија. Првичната намена била да се изгради винарија, што не се реализирало за потоа, во 2021 година, оваа фирма да ѝ го продаде земјиштето на фирмата „Плус нетворк“ чиј сопственик е Никола Филипче.
Плус нетворк на Филипче поднела барање за пренамена на земјиштето од лесна и незагадувачка индустрија во изградба на фотоволтаични електрани, за што во март 2023 година добива согласност од Министерството за транспорт и врски, а по само неполн месец Советот на Општина Дојран, каде градоначалник е Анго Ангов од СДСМ, да го измени ДУП-от и да овозможи фирмата да може да постави соларни панели на парцелата.
Бизнисот на Никола Филипче и Вице Заев е тежок четврт милион евра годишно. Вице Заев и Никола Филипче летале низ процедурите.
Фирмата на Никола Филипче дозволата за градба ја добива во најкусиот законски рок од три дена предвидени во Законот за градење. Иако праксата покажува дека и во случај кога околу одредена парцела нема приватни сопственици, рокот трае минимум 15 дена, општинската администрација била експедитивна. Барањето е поднесено на 20 јуни, а решението изготвено на 23 јуни 2023 година.
Откако Никола Филипче ги завршува сите бирократски процедури, и теренот е подготвен за градба, во ноември 2023 година фирмата „Тотал инженеринг“ на Вице Заев купила половина од парцелата. За на 25 декември 2023 година во Скопје Заев и Филипче да ја формираат заедничката компанија „Фос имерас“, која станува носител на одобрението за градба на фотоволтаичната централа и сопственик на атрактивната парцела. Фирмата на Заев и Филипче во најбрз можен рок ја гради централата и таа е веќе завршена.
Ова е пример како СДС владееше, додека народот чекаше ред пред шалтер, браќата на Филипче и Заев летаа низ процедурите за изградба на соларна централа, бизнис од четврт милион евра годишно“, изјави Марија Митева, портпарол, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.