Македонија
(Видео) Владата го донесе вториот пакет економски мерки – платите на функционерите скратени на 14.500 денари

Владата ја одржа 32. седница на која беше разгледан и усвоен вториот пакет економски мерки за справување кризата. Деталите за сите мерки опфатени во овој втор сет мерки беа соопштение на прес-конференција на која говореше претседателот на Владата, Оливер Спасовски, и на која учествуваа и заменик-претседателот и задолжена за координација на економските ресори Мила Царовска, министерката за финансии Нина Ангеловска, министерот за економија Крешник Бектеши, министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски, и заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар.
Обраќање на премиерот Спасовски на прес-конференцијата на која го презентираше комплетниот пакет економски мерки, ви го пренесуваме во целост:
„Коронавирусот драматично го промени животот во нашата земја. Сето тоа што го препознававме како нормално во јавниот живот, во социјалната интеракција и комуникација, сега е на тест. Како никогаш до сега. Светот ја преживува најголемата закана по Втората светска војна. Коронавирусот многу бргу ги премина националните граници и сега огромното мнозинство од државите и жителите на планетата се соочени со фатални и со тешки последици по нивното здравје. Оваа ситуација нè соочи сите нас со многу прашања и грижи.
Презедовме многу сериозни и драстични мерки. Некои од нив, како воведувањето на вонредната состојба и ограничувањата на движењето, беа резултат на тешки, но неминовни одлуки.
Ваквите мерки дадоа резултати. Имаме линеарно ширење на вирусот и во голема мерка јасна претстава за шемата според која се шири. Сега е најважно максимално да се забави ширењето на вирусот. Да се развлече неговиот интензитет во месецот што е пред нас за да им дадеме оптимални услови за работа на нашите пожртвувани здравствени работници да ги згрижат нашите сограѓани коишто се заразени или ќе се заразат со коронавирусот.
Голем број од нашите граѓани не одат на работа, нашите деца не одат во градинките, на училиште, на факултетите. Со првите мерки за спречување на ширењето на коронавирусот мораше да биде прекинато работењето на голем број мали и средни претпријатија. Ова е нашиот паралелен фронт. Фронтот на кој ќе му се спротивставиме на коронавирусот за да го ублажиме економскиот удар. Фронт што го отвораме за да обезбедиме функционирање на буџетот во секое сценарио на кризна економска состојба, за да обезбедиме ликвидност и финансиска инјекција за стопанството преку мерки за помош на работниците и стопанството, и да се сочуваат колку што може повеќе работните места на граѓаните.
На денешната седница на Владата го донесовме вториот пакет, втор сет економски мерки за справување со кризата. Ова се економски мерки дизајнирани во широка консултација и суштинска дебата со членовите на Економскиот совет формиран токму за оваа цел, како и низ разговорите што ги имавме со деловната заедница преку стопанските комори и низ одделните разговори со нашите врвни економски познавачи од академската сфера и со угледните и успешните стопанственици од реалниот сектор.
Со мерката број 1 што денеска е утврдена на седницата на Владата се предвидува финансиска поддршка за правните субјекти од приватниот сектор погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19.Предмет на оваа финансиска поддршка е исплатата на платите на работниците кај работодавачот барател на финансиска поддршка за месеците април и мај 2020 година во износ од најмногу 14.500 денари месечно по работник, сразмерно на остварените ефективни часови поминати на работа.
● Со мерката се поддржува ликвидноста на работодавачите од приватниот сектор, односно се намалуваат нивните трошоци за плати во функција на заштитата на работните места на работниците во услови на криза.
● Со цел спроведување на мерката ќе биде отворена владина програма за финансиска поддршка на работодавачи погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19.
● Работодавачите, правни субјекти од приватниот сектор самостојно ќе ја исплатат платата на редовен начин преку алатката „Месечна пресметка за интегрирана наплата“ на Управата за јавни приходи.
● Работодавачите од приватниот сектор баратели на финансиска поддршка ќе треба да исполнат неколку услови за да ја користат мерката:
● Да не исплаќаат дивиденди на сопствениците; како и бонуси, годишни награди, награди за деловна успешност и сл. на вработените и членовите на органите на управување и надзор на работодавачот.
● Да имаат најмалку 30% намалување на приходите споредено со просекот од минатата година, односно сезонскиот просек за работодавачите кои вршат сезонска дејност.
● За месецот за кој се бара финансиска поддршка, просекот на делот на највисоките нето-плати на 10% од бројот на вработените кај работодавачот барател на финансиска поддршка, да не надминува износ од 120.000 денари месечно по вработен.
● Дополнително:
○ Финансиската поддршка не се однесува на оние вработени кои за месеците декември 2019 година, јануари и февруари 2020 година примиле нето-плата повисока од 39.900 денари. Работодавачите што ќе добијат финансиска поддршка од оваа мерка имаат обврска истиот број вработени што го имале во моментот на аплицирање да го задржат заклучно со месец септември 2020 година.
● Добиената финансиска поддршка нема да ја враќаат работодавачи што искажале загуба за 2020 година. За останатите враќањето е лимитирано до износ од 50% од добивката пред оданочување зголемена за оданочивите расходи.
Оваа мерка ги опфаќа и медиумските правни субјекти од приватниот сектор, под истите услови.
За самостојните вршители на должност, односно сите занаетчии како автомеханичари, фризерки, бербери и други, да имаат пристап до оваа мерка, ќе биде донесена дополнителна уредба.
Субвенционирање на 50% придонеси на плата:
За погодените компании воведуваме 50% субвенција на придонеси. Оваа мерка е алтернатива со нето-плата. Критериумите за користење на двете мерки ќе бидат објавени во дополнителна уредба.
Помош за спортистите
За сите спортски работници вработени во спортските здруженија, Владата ќе обезбеди минимална плата од 14.500 денари за април и мај.
Помош за уметниците
За 141 самостоен уметник ќе биде обезбедена минимална плата за месеците април и мај, како и придонеси преку Министерството за култура.
Месечна плата (паричен надоместок) за граѓаните што останале без работа поради кризата, во висина од 50% од просечната плата на работникот
За граѓаните кои останале без работа поради кризата, државата ќе исплаќа паричен надомест секој месец во висина од 50% од просечната месечна нето-плата на работникот за последните 24 месеци согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност и член 68 од овој закон, според кој граѓаните кои останале без работа ќе остварат надомест преку Агенцијата за вработување согласно нивните години работен стаж. На пример: За 5 години стаж, 4 месеци надомест, или за 24 години стаж – 12 месеци надомест.
Сите избрани и именувани функционери ќе примаат минимална плата од 14.500 ден во април и мај 2020 година
Сите избрани и именувани функционери на државно и на локално ниво ќе земат минимална нето-плата (сметано од декември 2019) од 14.500 денари за месеците април и мај 2020 година. Тоа значи претседателите на државата, на Собранието и на Владата, сите министри, заменик-министри, државни секретари, директори на државни институции, пратеници, градоначалници и сите останати избрани и именувани лица. Одредбите од оваа уредба не се однесуваат на именуваните лица согласно закон во јавните здравствени установи.
Претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции нема да примаат надомест за времетраење на кризата
Претседателите и членовите на управни и надзорни одбори на јавни институции од извршната и локалната власт, како и претседатели и членови на советите на општините и претседатели и членови на комисии формирани од извршната и локалната власт кои се истовремено некаде вработени, нема да земаат никаков надоместок додека трае кризата. Одлуката ќе важи додека Владата не донесе одлука за престанок на истата. Оваа мерка не се однесува за лицата што се невработени и за кои овој им е единствен приход.
Грижа за лицата во неформалната економија – Надомест од 7.000 денари по домаќинство за лица без работен ангажман или лица кои биле дел од неформална економија
За оние лица кои останале без работен ангажман или биле дел од неформалната економија овозможуваме брз влез во системот на социјална заштита за месец април и мај. Тие ќе добијат просечно по 7.000 денари по домаќинство. Проценетиот опфат со новите мерки изнесува околу 20.000 нови домаќинства од неформална економија и 30.000 постоечки корисници.
Се запира Законот за извршување до крајот на јуни
Се суспендира, односно запира Законот за извршување до крајот на јуни. Извршителите ќе бидат должни да запрат со преземање какви било извршни дејствија. Работодавците на должниците и носителите на платен промет се должни да запрат со постапување по издадени налози од страна на извршителите до крајот на јуни. Ова нема да важи само во случаи кога веќе парите се легнати на сметка на извршителите и тие ќе можат да ги префрлат парите на доверителите и во случаи кога се работи за алиментација за дете кон самохрани родители. Остварувањето на оваа мерката е веќе во тек.
Одложување на кредитите кај банките
Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) ја промени Одлуката за методологијата за управување со кредитен ризик со цел донесување посебни одредби заради ублажување на последиците од вирусот Ковид-19. Со цел полесно спроведување на активностите донесени со одлуката, а кои се однесуваат на преземање на активности од страна на банките за одложувањето на отплатите, репрограмирањето и договарањето помеѓу банките и нивните клиенти во услови на криза од вирусот Ковид-19, Министерството за финансии и НБРМ во соработка со Македонската банкарска асоцијација подготвија уредба за начинот на промена на договорни услови на кредитните изложености кај банките и штедилниците, во која се дефинира начинот на спроведување на промените, која беше усвоена од Владина седница одржана на 26.3.2020 година.
Со оваа уредба се овозможува банките на лесен и едноставен начин да ги одложат кредитите на своите клиенти без потпишување анекси и без одење на шалтер и во физичките локации на банките. Банките на правните лица ќе им понудат поповолни услови како пролонгирање на отплатите, репрограм, грејс период, поповолна каматна стапка и слично, додека кај физичките лица банките ќе ги одложат отплатите на ратите на 3 до 6 месеци. Секоја банка ќе ја донесе одлуката на своите надзорни одобри и ќе ги извести своите клиенти. И оваа мерка е веќе во реализација.
Намалување на ратата и репрограмирање на кредитите кај финансиските друштва и лизинг-компаниите
Оваа мерка предвидува кредитите на физичките лица да се репрограмираат со намалување на ратите во следните три месеци за 70% од ратата и со продолжување на рокот за отплата за најмалку 90 дена од доспевањето. За кредитите кај правните лица ќе се одлучува индивидуално со предлагање на најсоодветни поволности согласно потребите на компаниите. Нови договори за кредити да се одобруваат со 3 месеци грејс период. Законската затезна камата, која до сега изнесуваше 51%, сега се намалува на 31%, додека останатите трошоци кои друштвата ги наплаќаат се ограничуваат на 20% од одобрениот кредит.
Да се одложи плаќањето закуп за корисниците на социјалните станови
Плаќањето закуп на социјалните станови ќе се одложи за сите корисници, а исто така ќе се одложи плаќањето закуп и за граѓаните, додека за фирмите ќе се донесе посебна уредба за ова прашање.
Дополнителни бескаматни кредити за фирмите од нови 8 милиони евра
Развојната банка на Северна Македонија, покрај 5,7 милиони ќе пушти и дополнителни 8 милиони бескаматни кредити зa микро, мали и средни претпријатија кои може да го земе компанијата во зависност од бројот на вработени. Максималниот износ на кредитот кој ќе биде одобрен на кредитокорисникот не може да биде повисок од 5.535.000 денари, односно 90.000 евра, а минималниот износ на кредитот не може да биде понизок од 184.500 денари, односно 3.000 евра. Кредитите ќе се одобруваат со рок на отплата до 3 години со вклучен грејс период од 12 месеци со намена за обртни средства. Отплатата на кредитот од страна на кредитокорисникот ќе се врши во квартални отплати. Кредитите се бескаматни и без трошоци за администрирање. Кредитите ќе бидат обезбедени со меница – авалирана од еден од сопствениците на кредитокорисникот, во форма на нотарски акт и со извршна клаузула.
50 милиони евра евтини кредити од Развојната банка на Република Северна Македонија пласирани преку комерцијалните банки за заштита на ликвидноста на компаниите
Во рамки на тековниот договор за заем помеѓу Развојната банка на Република Северна Македонија и Европската инвестициона банка, се овозможува користење поволни кредити наменети за мали и средни претпријатија. Примарна цел на оваа кредитна линија е обезбедување свеж капитал за поддршка на нови проекти, нови вработувања, зголемена ликвидност на стопанството и зголемен извоз. Развојна банка ја пласира оваа кредитна линија преку деловните банки до крајните корисници, односно до мали и средни претпријатија и компании со средна пазарна капитализација.
Во рамки на овој договор, Развојната банка има можност за повлекување на неискористен дел од кредитната линија во износ од околу 50 милиони евра, со ниска каматна стапка, согласно доставени барања од страна на деловните банки. Со цел надминување на проблемите кои произлегуваат од новонастанатата состојба со појава на вирусот Ковид-19 кој директно го погодува работењето на малите и средните претпријатија, државата презема мерка со која ќе ја субвенционира каматната стапка на Развојната банка кон ЕИБ, како и административниот трошок од 0,5% кој Развојната банка ќе го пресметува кон деловните банки преку кои ќе се пласираат средствата од оваа кредитна линија. Со оваа мерка, Развојната банка ќе понуди каматна стапка од 0% на деловните банки, кои, пак, за оваа линија ќе одат со пониски маргини и ќе може за кредитите да нудат каматни стапки од околу 1.5%.
Се забранува отворање на стечајна постапка
За време на кризата и 6 месеци по кризата се забранува отворање стечајни постапки.
Оваа мерка е веќе донесена.
Задолжително користење на првиот дел од годишниот одмор (за 2020) година, односно задолжително доискористување на годишниот одмор од минатата година заклучно со мај 2020 година, кој ќе се одобрува од работодавачот.
Формирање на солидарен Ковид-19 фонд
Во Владата ќе биде отворена посебна наменска сметка за примање донации од правни и физички лица кои ќе имаат можност и волја да донираат средства што ќе се користат за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот.
Ги повикувам сите правни и физички лица да бидат солидарни и да го помогнат овој солидарен фонд.
Намалување на авторски хонорари
Лицата кои по кој било основ се ангажирани преку авторски хонорари од страна на државните институции, кои се истовремено некаде вработени, ќе им се исплаќа 50% помал хонорар од договорот кој го имаат потпишано. Оваа мерка нема да се применува доколку лицето е невработено и примањата од авторскиот договор му се единствени примања.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Седи Боби, кец!“, му рече Арсовска на Стефковски за проблемот со водата, па доби одговор

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот официјален профил на Фејсбук, му возврати на градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, кој претходно ги прозва Градот и ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје, за прекините во водоснабдувањето во неколку скопски населби. Тој побара итна интервенција од Градот, предупредувајќи на можни протести ако состојбата не се реши веднаш.
Арсовска му одговори на Стефковски дека и по три години на функција сè уште не прави разлика што е во надлежност на Градот, а што на Општина Гази Баба. Таа појасни дека жителите на Црешево и Смилковци не се корисници на ЈП „Водовод и канализација“, туку на ЈКП „Гази Баба“ – претпријатие под општинска надлежност.
„Ова по три години ќе го знаеше ако паузираше еден ден од сликање по фолклорни манифестации за да сработиш нешто“, напиша Арсовска, посочувајќи дека со средствата добиени од владите на Ковачевски и Мицкоски, Стефковски можел да изгради нова водоводна мрежа за тие населби.
Во продолжение, Арсовска рече дека Град Скопје во изминатите три години не добил ниту еден денар од централната власт, а дека Владата ѝ должи на ЈСП Скопје осум милиони евра.
Градоначалничката ја заврши објавата со саркастичен тон: „Седи Боби, кец!“
Ситуацијата дополнително ја заостри реториката меѓу градоначалниците на Скопје и Гази Баба, отворајќи нова рунда меѓусебни обвинувања. По објавата на Арсовска, повторно се огласи Стефковски кој и’ одговори дека надлежноста за Смилковци и Црешево ја знае многу добро, па ја повика да каже зошто жителите од Автокоманда, Железара, Триангла, Маџари и Ченто немаат вода? За крај по однос на делењето оценки, Стефковски на социјалните мрежи напиша дека граѓаните и’ дале оценка на парламентарните избори на Арсовска. Тогаш таа освои вкупно 3.438 гласови.
Македонија
Гори кај Прилеп, Македонски Брод, Чашка и Велес – пресек на состојбата со пожарите

На територијата на државата се евидентирани вкупно осум пожари на отворен простор, од кои активни се четири, соопшти Центарот за управување со кризи.
Во Општина Прилеп, гори кај селото Бешиште. Се работи за приземен пожар во квалитетна мешана шума. Активен е пожарот и кај Општина Македонски Брод, с. Црешнево, м.в. Церо Поле – пожар во деградирана дабова шума и грмушки. Во Општина Чашка беснее шумски пожар под Солунска Глава, помеѓу местата викани Изворите на Бабуна и Бабина Дупка (моментално нема активен пламен, само чад на карпест дел). Во Општина Велес пожарот избувна во ниска вегетација.
Изгаснати се 4 пожари: Општина Врапчиште, с. Врањовци – ниска вегетација, ѓубриште; Општина Липково, с. Лојане – ниска вегетација и стрниште; Општина Карбинци, с. Радање – блок (површина) посеана со жито и ниска вегетација и ОпштинаАрачиново, с. Орланци – ниска вегетација и отпаден материјал.
Македонија
(Видео) Според СДСМ, надворешната политика доживува дебакл

Андреј Жерновски од СДСМ, на денешната прес-конференција ја оцени надворешната политика на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ како дебакл без ниту еден успех.
Жерновски изјави дека, по една година владеење, Македонија се соочува со „сериозно влошена меѓународна позиција“, без напредок на европскиот пат, без нови инвестиции и со зголемена царина од страна на САД. Според него, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски не остварил ниту еден договор или резултат на дипломатски план.
СДСМ ја критикува и состојбата со дипломатската мрежа, која, како што рече Жерновски, е „разурната, партизирана и нефункционална“, а Македонија се наоѓа „на периферијата на демократскиот свет“.
Како посебно загрижувачка точка беше истакната и заканата, како што наведуваат од СДСМ, за можно бришење на македонскиот јазик од Извештајот на Европскиот парламент, што партијата го поврзува со актуелната надворешна политика на МНР.
Жерновски рече дека за време на владеењето на СДСМ бил обезбеден македонскиот јазик во официјални документи на ЕУ, вклучително и договорот со ФРОНТЕКС, без фусноти и дополнителни објаснувања.
„Тој успех денес е доведен во прашање поради вазалската политика на Муцунски и неговиот шеф Мицкоски“, рече Жерновски.
На крајот, порача дека СДСМ ќе продолжи да се бори за враќање на Македонија на патот на меѓународни успеси, европска иднина и заштитен идентитет и јазик.