Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ бара министрите да се откажат од нивните плати, наместо да ги кратат на работниците

ВМРО-ДПМНЕ побара од министрите во владата да се откажат од нивните плати и надоместоци, додека трае кризата со епидемијата на коронавирусот. Платите на министрите се движат од 70 до речиси 90 илјади денари месечно, нето-износ. Дополнително се одлеваат милиони денари народни пари за репрезентација на месечно ниво. Бараме министрите, заменик-министрите, директорите и членовите на управни и надзорни одбори да работат без пари, про боно со што ќе се заштеди 2.5 милиони евра месечно, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Ја повикуваме лично и министерката за правда, Рената Десковска, и СДСМ ако навистина сакаат да помогнат тогаш да се откажат целосно од нивните приходи по основ на плата и хонорари, додека трае кризата со епидемијата со коронавирусот.
Дополнително освен што треба да работат про боно, нека се откажат и од привилегиите кои одат со функциите, како службени возила, мобилни телефони и репрезентации кои ги прават и плаќаат со народни пари.
На тој начин месечно би се заштедувале дури 2,5 милиони евра и истите средства би се намениле и релоцирале во оние сегменти кои се неопходни за заштита на стандардот на граѓаните, но и за директно справување со коронавирусот.
Наместо кратење плати на работници, да нема плати за министри и функционери. Ако навистина, а не лицемерно го мислат тоа што го кажуваат, тогаш нека почнат функционерите од СДСМ со свој личен пример да го помогнат народот. Еве министерката Дескоска очекуваме да го направи првиот чекор, исто како и Претседателот на Владата, Оливер Спасовски“, порача Стоилковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Мицевски: Луѓе на Заев се кандидатите за градоначалници што ги предлага Филипче

Пратеникот и член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Јане Мицевски, и денеска упати критики до раководството на СДСM, обвинувајќи дека кандидатите за градоначалници кои ги предлага партискиот лидер Венко Филипче се, како што рече, луѓе на Зоран Заев.
„Луѓе на Заев се кандидатите на Филипче, истата матрица само различни луѓе“, рече Мицевски, додавајќи дека СДСM продолжува да функционира под влијание на поранешниот премиер.
Според него, кандидатите се определени со одобрување од Заев, а Филипче е само обична фигура без право на глас. Како пример го наведе кандидатот за Куманово, Мартин Костовски, за кого рече дека е близок соработник и функционер на СДСМ под влијание на Заев.
„Човекот кој беше директор на Службен весник, пратеник, а сега организационен секретар на СДС, е таму само затоа што е послушник на Заев. Како ќе каже Заев, така Костовски прави“, изјави Мицевски.
Тој посочи дека Филипче, како претседател на партијата, нема реална моќ и дека предлог-кандидатите мора да ги испорача во знак на благодарност кон Заев.
Според Мицевски, кандидатите се синоним за неспособност и пораз уште во првиот круг на локалните избори.
Македонија
На граничните премини Богородица и Табановце се чека по 30 минути

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна време на чекање на Богородица и на Табановце е 20-30 минути, а на останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури.
Македонија
Поднесено обвинение против директорот на болницата за геријатрија за примање поткуп од 20.000 евра

Обвинителството поднесе обвинение против директорот на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина во Скопје, Мухсин Арифи, и уште едно лице, кои се осомничени за примање поткуп од 20.000 евра за да сместат болно лице во установата.
Директорот е обвинет дека сторил кривично дело – Примање поткуп, а второобвинетиот се товари дека сторил кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание.
„Првообвинетиот за болнички прием на лице во тешка здравствена состојба, од сведок – давател на доживотна издршка на лицето, директно побарал поголема имотна корист за себе за да изврши службено дејствие што би морало да го изврши. Второобвинетиот директно ја примил таквата корист за првообвинетиот за да со искористување на своето реално влијание интервенира да се изврши службеното дејствие што морало да се изврши од првообвинетиот. При примање на дел од договорената сума во износ од 20.000 евра, второобвинетиот бил фатен на лице место од страна на полицијата“, соопшти Обвинителството.
Со Обвинителниот акт е доставен и предлог да се продолжи определената и продолжувана мерка притвор спрема двајцата обвинети.