Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ поднесе пријави против Џафери и пратениците кои заразени дојдоа во Собранието

Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата поднесе кривични пријави за прекршување на Кривичниот законик од страна на претседателот на Собранието, Талат Џафери, и двајцата пратеници Бисера Костадиновска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ, на кои иако им беше одредена домашна самоизолација, учествуваа во работата на парламентот и во скафандери гласаа по точките од 32. и 36. седница.
„Македонија мора да биде држава во којашто законите и Уставот важат подеднакво за сите. Поради основано сомневање за прекршување на Кривичниот законик, а особено во членовите 205 и 206, кои што се однесуваат за непостапување по здравствени прописи во време на пандемија, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, денес во Основното јавно обвинителство ќе поднесе кривична пријава“, рече во изјавата за медиумите пред ОЈО, пратеничката Ели Панова.
Таа објасни дека пријавата против претседателот на Собранието, е зашто тој овозможил на седницата да присуствуваат двајца пратеници позитивни на Ковид-19.
„Тоа значи дека имаме основано сомневање дека се прекршени членовите од Кривичниот законик, исто така Законот за заштита на населението од заразни болести“, објасни претставничката на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека кривична пријава ќе биде дадена на процесуирање во Јавното обвинителство, кое треба да постапи по неа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.