Македонија
(Видео) Во затвор или не, Груевски ќе остане пратеник
Ден пред одржувањето на седницата на Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, по предлогот за одземање на мандатот на Никола Груевски, сè поизвесно е дека експремиерот ќе го задржи пратеничкото место. Дали тој е недостоен за извршување на функцијата пратеник, пратениците ќе дискутираат утре, а претседателот на комисијата, Павле Богоевски, не сака да прејудицира каков заклучок ќе биде донесен. Тој вели дека очекува конструктивна дебата, а исходот од гласањето, според него, ќе се знае на пленарната седница кога сите пратеници ќе имаат можност да дискутираат за ова прашање.
„Неблагодарно е да шпекулирам какви ќе бидат резултатите од гласањето, очекувам конструктивна дебата каде како комисија ќе утврдиме дали ќе предложиме заклучок до целото Собрание, во кое ќе наведеме дали има елементи или нема за одземање на мандатот“, вели Богоевски.
Во случај комисијата да достави предлог за одземање на мандатот, се води претрес на првата наредна седница на Собранието, а одлуката, според Деловникот, се носи со двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници. Па оттука сè поизвесно е дека Груевски ќе остане пратеник, ако се земе предвид дека владејачкото мнозинство нема 80 пратеници, а осумтемина пратеници од опозицијата кои гласаа за отворањето на Уставот рекоа дека нема да гласаат „за“ одземање на мандатот на нивниот доскорашен сопартиец и почесен претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Еден од условите за одземање на мандатот е шест месеци неоправдано отсуство од работа, а отслужувањето казна затвор и тоа како е оправдание за неприсуство на работа“, објаснува Богоевски во однос на прашањето за можно повторно свикување на Комисијата ако Груевски почне со издржување на затворската казна и биде отсутен од работа повеќе од шест месеци.
Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања утре ќе заседава врз основа на добиеното известување од кривичниот суд во кој се наведува дека пратеникот Никола Груевски е осуден на казна затвор во траење од две години.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без вода денеска дел од Центар
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради поврзување од стара на нова водоводна мрежа со пречник од ф-200 мм на улицата Тодор Александров бб, од 08:30 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од делови од улиците: Тодор Александров, Партениј Зографски и Периша Савелиќ, општина Центар.
Македонија
Дел од Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 10:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од улицата Ловќенска, општина Карпош.
Македонија
Променливо облачно и студено со сончеви периоди, повремено ќе дува засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, а наместа долж Повардарието и во источните делови повремено засилен ветер од северен правец (над 60 km/h).
Минималната температура ќе биде во интервал од -13 до -5, а максималната ќе достигне од -4 до 3 степени.
Во Скопје, променливо облачно и студено со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен, претпладне во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец.
Минималната температура ќе се спушти до -9, а максималната ќе достигне до 2 степена.
Времето во наредните денови
Следува период на стабилно и суво време со студени утра и утрински температури кои насекаде ќе бидат негативни. Во вторник наместа дневните температури ќе се задржат негативни, а од среда ќе бидат во постепен пораст. Од средината на седмицата по котлините ќе има услови за појава на магла.

