Македонија
(Видео) Врачено признанието „Инженерски прстен“ на најдобрите дипломирани инженери
Претседателот Стево Пендаровски, денеска, во „Вила Водно“, им го врачи признанието „Инженерски прстен“ на најуспешните дипломирани студенти од областа на инженерските дисциплини во Република Северна Македонија.
Инженерскиот прстен, чија цел е признание, но и афирмација на инженерските професии и поттик за формирање квалитетен инженерски подмладок, го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластените архитекти и овластени инженери, под покровителство на претседателот на Република Северна Македонија. Годинава добитници на признанието се 8 дипломирани инженери од разни области.
Во своето обраќање претседателот Пендаровски ја нагласи важноста на инженерството во креирањето на целокупната иднина на секое општество.
„Живееме во свет кој бргу се менува и кој е зависен од современите технологии кои отвораат нови перспективи, но и свет што е ранлив и кршлив, што особено го покажува актуелната пандемија на Ковид-19. Како идни инженери, вие сте дел од нашиот човечки потенцијал врз кој мора да се темели иднината на нашата земја“, истакна претседателот Пендаровски.
Според Претседателот, без разлика дали станува збор за архитекти, машинци, информатичари, технолози, електротехничари, градежни, земјоделски или шумарски инженери, нивниот професионален предизвик е остварување личен развој, но и прогрес за пошироката заедница во која живеат.
„Се надевам дека повеќето од вас ќе продолжат да се надградуваат, да напредуваат и професионално да се остваруваат во својата татковина. За тоа да се случи, мора да бидат создадени сите предуслови од релевантните субјекти: државните институции, системот на образованието, бизнис-заедницата, за вашата иднина и професионалниот развој да бидат врзани со матичната земја“, нагласи претседателот Пендаровски посакувајќи им на младите инженери натамошен успех и да бидат движечка сила, која ќе овозможи напредок и општество на благосостојба.
Признанието „Инженерски прстен“ се доделува 17. пат, а досега го добиле 178 дипломирани инженери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Кисела Вода денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Делови од неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од с. Ќојлија. (Општина Петровец)
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од селата: Драчевица и Цветово. (Општина Студеничани)
· од 08:55 до 09:55 часот, корисниците од селата: Горно Соње, Долно Соње , Чифлик и Света Петка. (Општина Сопиште)
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Веле Марков. (Општина Ѓорче Петров)
· од 12:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од улиците: Димо Хаџидимов и Христо Татарчев. (Општина Кисела Вода)
Македонија
Претпладне сончево со умерена облачност, попладне зголемување на облачноста
Претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Попладне и кон крајот на денот облачноста ќе се зголеми и ќе има услови за слаб локален снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 0, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, претпладне сончево, попладне ќе има зголемување на облачноста. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на студена воздушна маса во среда ќе дува засилен до силен северен ветер што ќе услови и дневната температура на повеќе места да остане под нула. Во четврток ќе дува умерен до засилен северен ветер, а во петок ветерот ќе го смени правецот во јужен и ќе има услови за слаб дожд и снег на планините. За време на викендот ќе биде претежно сончево со пораст на температурата.

