Македонија
(Видео) Георгиевски: По повеќе од 50 години, Виниче добива современа патна инфраструктура
Градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, го означи почнувањето на рехабилитацијата на локалниот пат во Виниче до манастирот „Св. Илија“ во должина од 2 километра.
Според градоначалникот Георгиевски, овој проект е дел од мерките на Владата што се однесуваат на инвестиции во локалната патна инфраструктура за поврзување населени места, односно селата со локалитети од значење за начинот на животот и работата на селската популација.
„Ова ќе значи дека Виниче, кое како населено место беше заборавено од сите, сега ќе може лесно и безбедно да се поврзе со другиот дел од овој регион, а сите посетители ќе може да стигнат до манастирот, како и да уживаат во убавините на Скопска Црна Гора. Проектот чини 10,9 милиони денари, средства на Владата преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Општина Гази Баба како никогаш досега има сериозна поддршка од Владата, предводена од Социјалдемократскиот сојуз. Верен партнер во секое време за решавање на суштинските децениски проблеми на граѓаните, со кои добиваат значително подобри услови за живеење“, посочи Георгиевски.
Во меѓувреме, се реконструира и локалниот пат од Основното училиште „Наум Охридски“ до викенд-населбата во Булачани во должина од 1.100 метри, а ќе се реконструира и проширува и регионалниот пат од Бутел до Раштак во должина од 5 км. Со изградбата на овие 3 локални пата се решава долгогодишниот проблем на граѓаните за кој никој претходно немаше слух. Сега добиваат достојни услови за живеење и можност да бидат поврзани меѓу себе со современи патишта.
Според министерот Димковски, овој проект е од големо значење за жителите, кои по повеќе 50 години, првпат ќе добијат асфалтирана улица по стандарди за градба на патишта.
„Патот е долг 2 км и е во вредност од 15 милиони денари, пари обезбедени со финансиска подршка од оваа Влада. Очекуваме да биде завршен и пуштен во употреба за 10 месеци“, рече министерот Димковски.
Бабовски, пак, посочи дека преку проектите од овој тип значително се подобрува патната инфраструктура во руралниот дел на општината.
„Преку реализација на овие проекти навистина се подобрува патната инфраструктура во општината и докажуваме дека посветуваме особено внимание за малите населени места кои се наоѓаат во руралната средина, а имаат ист рамномерен развој како сите други урбани средини во државата“, изјави Бабовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

