Македонија
(Видео) Давидовиќ: Неодговорната власт на СДСМ ја поскапе водата во Куманово
Поради неодговорноста на локалната власт, почнувајќи од овој месец и секоја наредна година, кумановци ќе добиваат зголемени сметки за потрошена вода, обвини Милан Давидовиќ од ВМРО-ДПМНЕ.
„ЈП ‘Водовод’ – Куманово, наместо да се грижи за интересите на граѓаните, да го подобрува системот за водоснабдување, да ја намали загубата на водата низ водоводната мрежа, која е стара повеќе од 60 години, и да ја подобри слабата наплата на сметките за потрошена вода, нивниот врвен приоритет е посегнување по џебот на кумановци.
Сметаме дека поскапувањето на водата за пиење во Куманово, предложено од страна на Регулаторната комисија, е нереално и врз база на лоши финансиски извештаи на Јавното претпријатие. Затоа повеќе од неопходно беше потребно Советот на Општина Куманово да не даде согласност за оваа одлука на Регулаторната комисија, која, за жал, се усвои од советниците на СДСМ и ДУИ со 19 гласа ‘за’.
Ваквото посегање по џебот на граѓаните владејачкото мнозинство го направи само неколку дена предновогодишните празници и оваа штетна одлука ја протурка набрзина и надвор од очите на јавноста, со што кумановци се оптоваруваат со дополнителни финансиски издатоци во ситуација на пандемија и економска рецесија.
Оваа одлука на Регулаторната комисија за покачување на цената на водата за пиење во Куманово, како и начинот на кој беше донесена, ја сметаме за скандалозна и никако не смееше да биде изгласана во Советот на Општината.
Градоначалникот Максим Димитриевски, наместо да бара одговорност и да се спротивстави на ваквото поскапување на водата за пиење, тој ја премолчува целата оваа ситуација. Максим Димитриевски, СДСМ и ДУИ, по којзнае кој пат, го покажаа своето вистинско лице.
Додека повеќе од 50.000 граѓани на Република Македонија останаа без работа поради неспособноста на Владата да се справи со оваа економска криза предизвикана од пандемијата, а помеѓу нив и голем број кумановци, локалните власти зголемуваат такси и давачки, со кои дополнително ги осиромашуваат граѓаните. За вакво неодговорно и расипничко однесување одговорност мора да има и ќе има!“, порача Давидовиќ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Неколку скопски општини денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улиците: Полог и Кочанска, општина Кисела Вода;
– од 08:30 до 16:00 часот, корисниците од населените места и објектите од село Алдинци кон Солунска Глава, општина Студеничани;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Македонско Косовска Бригада, општина Шуто Оризари;
– од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од објектите во околината на зграда бр. 17 на бул. Партизански Одреди, општина Центар;
– од 09:30 до 13:00 часот, корисниците од ул. 6 во село Бардовци, општина Карпош.
Македонија
Непречен сообраќај по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Времето денес облачно со повремени врнежи од дожд и засилен ветер
Времето денес ќе биде променливо облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен до силен ветер од југозападен правец (над 70 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 15, а максималната ќе достигне од 19 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремен дожд, локално пороен. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во утре ќе има преодно стабилизирање на времето. Од недела до вторник ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд. Во понеделник наместа врнежите ќе бидат пообилни и поројни со услови за појава на грмежи. Ќе дува засилен, повремено силен ветер од јужен правец (над 70 km/h).

