Македонија
(Видео) Ефтимов: Болницата во Струмица бара донации за бoлнички возила, а власта одбива амандмани за истата намена

Вчера јавноста беше сведок на очајната состојба во која се наоѓа македонското здравство. Дојде време Директорот на „ЈЗУ Општа болница-Струмица” Наќе Гогов вчера да бара донации за болницата да набави болнички возила, поради малиот број и дотраеноста на постоечките со кои не може да се излезе во пресрет на здравствената криза во Струмица, изјави Дајанчо Ефтимов – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека веројатно поради притисоци директорот Гогов потоа го повлече овој апел, но за жал, како што вели Ефтимов, остана чувството и реалноста дека Струмица нема доволно возила во моментот да одговори на потребите на граѓаните во услови на епидемија од корона вирусот.
„ Како пратеници од струмичкиот регион поднесовме амандман на ребалансот на буџет, кој е во постапка, за прераспределба на 3,5 милиони денари за набавка на три амбулантни возила за Болницата во Струмица, но за жал пред неколку дена власта овој амандман го одби со образложение дека не е потребна таква набавка. Очигледно е дека власта или не ја знае состојбата во Струмичката болница или не сака да ги помогне капацитетите, само затоа што предлог амандманот на буџетот доаѓа од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Оттука сметам дека е крајно лицемерен одговорот на пратеникот Костадин Костадинов, кој исто така доаѓа од Струмица и кој најави дека интервентно ќе се обезбедувало возило за Струмичката болница, кога истиот и власта од неговата партија можеа тоа да го направат со поддржување на амандманите на опозицијата, а доколку успееја да обезбедат и уште едно возило, дотолку подобро и за болницата и за граѓаните на Струмица. Патем Костадинов најавува, замислете итна набавка на болничкото возило дури после два месеци, а на болницата и требаат токму сега во услови на илјадници заболени дневно од корона вирус.
Зоран Заев во Струмица е власт 18 години, што како пратеник, што како градоначалник, што како премиер и тоа што болницата нема возила во услови на пандемија е негов личен неуспех и пораз. И пандемијата од корона вирусот и проблемот со болничките возила во струмичката болница не се од вчера, и затоа требаше уште пред неколку месеци да се решаваат ваквите состојби.
На крајот, бидејќи Костадинов и Заев сакаа да пресметуваат колку болнички возила може да се набавуваат од продажби на други работи, еве да ги прашам колку болнички возила чини возниот парк на Заеви? Колку болнички возила можеа да се набават само од бентлито или од мајбахот на Заеви? Колку возила може да се набават ако се продаде барем возниот парк од четирицикли и луксузни мотори кои го поседува свитата на Заеви? Замислете 3,5 милиони денари за набавка на три возила за болницата, е далеку помала сума од едно од овие возила на Заеви. Оваа сума веројатно ја трошат во едно полугодие само на сервисирање или гориво за својот возен парк. Што е поважно, луксузот на Заеви или здравјето и животите на граѓаните на Струмица и Македонија?
Хипокризијата на власта на Заев излезе на виделина. Очекувам власта да се освести час поскоро и да му помогне конкретно на здравствениот систем, затоа што тој се бори против пандемијата и спасува животи, а не пиарот на владата“ порача Ефтимов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Објавени добитниците на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година

Одборот за доделување на државната награда „23 Октомври“, на својата последна седница донесе одлука за доделување на државната награда „23 Октомври“ за 2025 година.
Наградата се доделува за долгогодишни остварувања во областа на науката, културата, образованието, заштитата на државните интереси и промоцијата на државните приоритети, вредности и културно-историското наследство од јавен интерес на Република Северна Македонија.
Добитници на наградата во областа на културата и уметноста за 2025 година се: актерот Гоце Тодоровски, писателот за деца и возрасни Александар Кујунџиски, поетот, романсиер, драмски писател и новинар
Братислав Ташковски и писателот акад. Божин Павловски.
Свеченото врачување на наградите ќе се одржи на 23 октомври 2025 година (четврток), во 12:00 часот, во Собранието на Република Северна Македонија.
Македонија
По 61 година учениците во Црешево ќе добијат спортска сала, Јаневска и Стефковски извршија увид во градежните активности

„Иднината на државата се создава во училиштата и затоа од исклучителна важност е сите деца да имаат пристојни услови за едукација, а нивните наставници да бидат мотивирани и да имаат можности добро да ја извршуваат својата благородна мисија. Како Влада се посветивме на инфраструктурата во образованието и во изминатите 16 месеци вложивме 67 милиони евра – 32 преку Министерството за образование и наука и 35 преку повикот на Владата за распределба на средства кон општините за образовни проекти“.
Ова го истакна министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска која денес заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски извршија увид во изградбата на спортската сала во рамки на ОУ „Наум Охридски“ во Црешево.
„Инвестицијата во спортската сала е токму резултат на добрата соработка помеѓу Владата и општината. Објектот ќе овозможи квалитетна реализација на наставата по физичко образование, но и ќе поттикне поголема физичка активност и спортување на децата по завршувањето на часовите“, рече Јаневска потенцирајќи дека квалитетната спортска инфраструктура придонесува за градење здрави генерации со вистински вредности – со натпреварувачки дух, упорност, тимска работа, емпатија и меѓусебна почит.
Министерката нагласи дека инвестициите во образованието ќе продолжат. Со зголемен буџет за овој ресор, во текот на мандатот Владата ќе изгради уште 30 училишни спортски сали, а ќе се реконструираат 15 постоечки во различни општини.
Градоначалникот Стефковски рече дека по 61 година учениците од Црешево, Виниче и Смилковци кои своето основно образование го поминуваат во ова училиште ќе добијат училишна сала согласно сите европски стандарди. Изрази задоволство од поддршката која ја добива од Владата за модернизација на инфраструктурата во општината, информирајќи дека средствата за овој објект во висина од 34 милиони денари се обезбедени преку владиниот повик за распределба на средства по општини за инфраструктурни проекти. Спортската сала се очекува да биде завршена во втората половина на 2026 година.
Македонија
Граѓаните да се пријавуваат на vakcinacija.mk за вакцинирање против сезонски грип

Во тек е дистрибуција на вакцините против сезонски грип низ јавните здравствени установи, граѓаните може да се пријавуваат на апликацијата vakcinacija.mk. Министерството годинава набави 80.000 дози четиривалентна вакцина од реномираниот производител „Абот“ од Холандија.
Министерството за здравство информира дека е во тек дистрибуција на вакцините против сезонски грип низ јавните здравствени установи, по што во текот на неделава граѓаните што се пријавиле за бесплатна вакцинација ќе бидат известени со СМС порака за терминот за вакцинација.
Вакцинацијата против сезонски грип ќе се спроведува на 35 вакцинални пункта низ државата, од кои пет во Скопје.
„Потсетуваме дека е во тек пријавувањето за бесплатна вакцинација против сезонски грип на ризичните групи население, кои може да се пријават со пополнување на апликацијата vakcinacija.mk на следниот линк: https://vakcinacija.mk/mk/registration-flu или преку својот матичен лекар. Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население: повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи“, информира Министерството.
Од таму велат дека вакцинацијата претставува најефикасна превентивна мерка за заштита на здравјето.