Македонија
(Видео) Заглавен сообраќајот во Скопје, автобуси нема, Брзата помош не можеше да се пробие на Бит Пазар
Скопје е парализирано попладнево.
Автобусите не сообраќаат, а граѓани се жалат дека не успеваат да најдат ниту слободно такси поради сообраќајниот хаос.
Гужвите го достигнаа врвот околу 16.30 часот кога голем број граѓани се враќаат дома од работните места, а Брзата помош eдвај успеа да се пробие на Бит Пазар.
Граѓаните на Скопје со денови мрзнеа на автобуските постојки чекајќи автобус и со часови, а поради недостатокот на гориво, во моментов сообраќаат само неколку автобуси кои се на гас.
Град Скопје претходно денес ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека креира криза во ЈСП, со тоа што за прв пат од постоењето на претпријатието била поништена редовната јавна набавка за гориво, како смислено сценарио.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Битиќи: Поддршката за домашното стопанство не е приоритет на ВМРО-ДПМНЕ
Собраниската комисија за финансирање и буџет го отфрли амандманот, предложен од пратеници од СДСМ за дополнителни 307 милиони денари за поддршка на компаниите преку законот за финансиска поддршка на инвестиции, со што упати јасна порака дека владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ не се грижи за економскиот напредок и ги занемарува домашните компании, кои ја носат економијата на своите плеќи.
Пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи претходно во образложение на амандманот истакна дека во време на најголеми економски предизвици, приоритетите на оваа влада се насочени кон се друго, како мебел, автомобили, договорни услуги и тајни кредити, додека реалните потреби на стопанството се занемаруваат.
Преку Законот за финансиска поддршка на инвестициите (ЗФПИ), СДСМ воспостави систем кој конечно ги изедначи условите за домашните и странските инвеститори. Наместо да склучуваме тајни договори „по кафеани“ или зад затворени врати на владини седници, ние воведовме транспарентен и фер систем. Благодарение на овој систем, 919 компании имаа можност да инвестираат околу 500 милиони евра, за што беа поддржани од државата со речиси 100 милиони евра. А тоа резултираше со отворање на 5.000 нови работни места, со достоинствени плати за нашите сограѓани, нагласи Битиќи.
Тој истакна дека новата влада со ребалансот на буџетот за 2024 година, наместо да го продолжи трендот на растечка поддршка, која во 2023 година достигна ниво од речиси 37 милиони евра, одлучи да ги скрати средствата на само 17,8 милиони евра.
Ова не беше само техничка одлука – тоа беше порака дека поддршката за домашното стопанство не е нивен приоритет. Каде се приоритетите на ВМРО-ДПМНЕ? Сега, со буџетот за 2025 година, ВМРО-ДПМНЕ предвидува 38,6 милиони евра за ЗФПИ – бројка која, иако е подобра од минатогодишната, сепак не го достигнува нивото кое го поставивме ние. И тука се поставуваат прашања: што ги предомисли? Дали тоа е несигурноста околу унгарскиот кредит, кој се чини дека е голема непознаница и за нив? Или можеби тоа е резултат на неуспешните обиди за притисок врз банкарскиот сектор да ги сноси трошоците за овој кредит? А можеби ова е само маневар за создавање „резервоар“ на пари кои ќе бидат пренасочени на првиот ребаланс кон непродуктивни удобности?, рече пратеникот на СДСМ Фатмир Битиќи.
Македонија
Меџити: Сериозно сме посветени на унапредување на механизмите за обезбедување на пристап до еколошката правда
Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити, денес учевствуваше и имаше обраќање на меѓународната конференција на тема „Народните правобранители и националните институции за човекови права и животната средина“ која ќе им овозможи на народните правобранители и националните институции за човекови права од целиот регион и пошироко да споделат сознанија и стратегии за зачувување на човековите права во услови на загрозување на животната средина.
На отварањето на Конференцијата, првиот заменик претседател на Владата Меџити нагласи дека во Република Северна Македонија, правото на здрава животна средина како основно човеково право е загарантирано со Устав, наведувајќи дека кај нас еколошкото право опфаќа широк спектар на правна регулатива во областа на животната средина, пред се националното законодавство, меѓународната правна регулатива, односно меѓународните конвенции и други правни договори и документи во меѓународната сфера, како и законодавството на Европската Унија.
„Како Влада сериозно сме посветени на креирање и имплементација на политики за намалување на притисокот кој човекот го прави врз животната средина, заштита и унапредување на квалитетот на човековата околина, но и обезбедување на заштита на самата природа и биодиверзитетот.“, додавајќи дека од друга страна, тоа подразбира и обезбедување на социјален сегмент преку учество на јавноста во носењето на одлуките, но и преку одржливо користење на природните ресурси заради зелена трансформација на економскиот систем и зголемување на можностите за таканаречените зелени работни места.
Меџити истакна дека Министерство за животна средина и просторно планирање ги има воспоставено механизмите за пристап на јавноста до информации и за учество на јавноста при донесување на одлуки, но потребно е да се унапредат механизмите за обезбедување на пристап до еколошката правда. Според него, од особено значење е зајакнувањето на улогата на народниот правобранител во обезбедување на еколошката правда во земјава, како и зајакнување на способноста на националните институци за човекови права да одговорат на еколошките предизвици преку заедничко учење и заеднички иницијативи, осигурувајќи дека тие ќе бидат подготвени и опремени за решавање на новите прашања.
Армен Григорјан, постојаниот претставник на Прогармата за развој на Обединетите Нации рече дека мораме да ја поврземе заштитата на животната средина со унапредувањето на правдата, почитувањето на владеењето на правото и заштитата на човековите права. „Во тек на политичките преговори што се водат на мултилатерално ниво, вклучително и на Климатскиот самит на Обединетите Нации во Азербејџан и оној за биолошка разновидност во Колумбија, се е поголемо чувство дека дискусиите не се доволни. Сведоци сме и на еколошките предизвици со кои се соочува македонското општество во моментов.
Борбата за спас на нашата планета не е само политичка, туку и правна, заснована на норми, стандарди и принципи за човекови права и токму во тој контекст мораме да ги поддржиме националните институции за човекови права и народните правобранители да ги исполнат своите улоги, особено во унапредувањето на правото на чиста, здрава и одржлива животна средина. Нивните улоги во промовирањето на еколошката правда ќе стануваат се поважни во годините што следат, во време кога ресурсите и капацитетите се веќе на граница на искористеност. Но добрата вест е дека се поставуваат основите за еколошката правда“.
Народниот правобранител Насер Зибери се осврна на предизвиците со кои се соочува светот од аспект на животната средина и на разурнувачките ефекти од недоволната грижа. Тој ја изрази својата загриженост дека состојбите со животната средина во Република Северна Македонија и реалноста не одат во прилог на уставната заложба на здрава животна средина утврдена со член 43 од Уставот.
„Сепак драго ми е дека на оваа конференција имаме претставници на Врховниот суд и народни правобранители од повеќе земји со чиј придонес ќе ги зајакнеме капацитетите.“, изјави Зибери велејќи дека околу 40 претставки се стигнати до Народниот правобранител во врска со животната средина заклучно со октомври оваа година.
Меѓународната конференцијата се одржува од 20 до 21 ноември во Скопје и е организирана во рамки на проектот „Зголемување на улогата на Народниот правобранител во еколошката правда“ што е финансиран од Норвешкото министерство за надворешни работи, а се спроведува во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации- УНДП и Канцеларијата на Високиот комесар за човекови права на ОН во Скопје.
Македонија
Филипче: Скопје е во криза, СДСМ иницира итна седница на Совет на Град Скопје
Состојбата во град Скопје е алармантна. Градските улици се гушат во смет, градскиот превоз не функционира, а градот е оставен без основните услуги што ги заслужуваат граѓаните. Градот реално се наоѓа во криза и побарав од советничката група на СДСМ да иницира итна седница на Советот на Град Скопје, најави претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче.
-Ги повикувам сите советници, без разлика на партиската припадност, да застанат зад ова барање и да се одржи оваа седница во најкус рок. На седницата ќе предложиме конкретни мерки кои верувам дека заеднички ќе ги поддржат сите советници и конечно да им се излезе во пресрет на граѓаните. Потребно е обединување заради интересите на скопјани, вели Филипче.
Доколку и овој обид за заедничка акција биде опструиран, ќе го преиспитаме нашето учество во Советот, бидејќи нема да бидеме параван за лошите политики што го уништуваат нашиот град, предупредува Филипче.
-Искрено се надевам дека ќе наидеме на разбирање кај останатите партии и советници. Скопје не заслужува ваква негрижа и хаос. Со оваа иницијатива, СДСМ јасно покажува дека стои на страната на граѓаните, кои секојдневно се соочуваат со последиците од неработењето на градската администрација, наведува претседателот на СДСМ, Венко Филипче.