Македонија
(Видео) Заев – Гир: За неколку месеци очекуваме успешна завршница на подготовките на преговарачката рамка
Претседателот на Владата, Зоран Заев, денеска го прими новоименуваниот амбасадор на ЕУ во нашата земја, неговата екселенција Дејвид Гир.
Тој на амбасадорот Гир му посака добредојде и изрази благодарност за соработката со неговиот претходник амбасадорот Самуел Жбогар, како и за посветеноста на сите минати шефови на Делегацијата на ЕУ во нашата земја, чиј придонес и активно учество во евроинтегративниот процес на нашата земја претставува голема инспирација и поддршка за посветеноста за остварување на членство на Северна Македонија во ЕУ и за обезбедување на нашата европска иднина.
На средбата беше истакнато дека мандатот на амбасадорот Гир речиси се совпаѓа со мандатот на новата Влада, и дека во претстојниот период од само неколку месеци, заедно со Делегацијата на ЕУ во Скопје, се очекува успешна завршница на подготовките на преговарачката рамка и нејзина презентација на Советот за општи прашања, односно на ГАК на ЕУ, на 10 ноември, по што следува и одржувањето на првата меѓувладина конференција во декември.
Заев и амбасадорот на ЕУ, веднаш по средбата одржаа и прес-конференција на која информираа за содржината на разговорот, при што премиерот Заев нагласи дека подготовките и утврдувањето на преговарачката рамка меѓу Брисел и Скопје се подготовки за неповратен процес и изрази исклучително задоволство од драфтот на преговарачката рамка предложена од страна на Европската комисија.
„Нашата намера е да ја активираме брзата лента на преговорите по поглавја со целосно и безусловно исполнување на нашата ЕУ-агенда. Што се однесува до нашата страна, нема да дозволиме причини за нови одлагања. За нас е прифатлив новиот принцип за реверзибилност на процесот доколку се случи деградација на демократскиот амбиент во нашата земја, но, нагласувам, наша свечена обврска е да не го дозволиме тоа во име на иднината на државата и граѓаните“, нагласи Заев и додаде дека она што внесува оптимизам се и сигналите од нашите европски партнери дека билатералните прашања не треба да бидат камен на сопнување во фазата за завршни преговори.
Премиерот Заев потенцираше дека со Република Бугарија сме сојузници во НАТО, и дека имаме заедничка обврска и должност да ги подобруваме добрососедските односи, меѓусебната соработка и да градиме пријателство.
„Духот на добрата волја и пријателството коишто произлегуваат од Договорот за пријателство, добрососедство и соработка нè обврзува да се фокусираме на зајакнување на односите меѓу двете земји и да ги почитуваме правото на самоопределување и самоидентификација како темелни европски вредности“, рече премиерот Заев.
Заев подвлече дека амбасадорот Гир го започнува својот мандат во време кога се соочуваме со планетарна криза без преседан поради пандемијата со Ковид-19, и дека сите земји мораа бргу да се реорганизираат и да бидат креативни во носењето мерки кои ќе го заштитат нашиот демократски поредок на живеење, современите столбови на економијата и здравјето на граѓаните.
„Би сакал да ја искористам оваа можност и на новиот амбасадор Гир да му заблагодарам за поддршката, помошта која Северна Македонија ја доби и ја добива од своите партнери во Европската Унија во борбата со Ковид-19“, истакна Заев и додаде дека и покрај здравствено-економската криза Владата останува фокусирана на создавањето услови за нов циклус на динамичен економски раст, одржлив развој, ефикасна правна држава и силни институции, модерно образование и стабилно општество и внатрешна кохезија.
Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир, од своја страна на прес-конференцијата ја потврди определбата на Европската Унија да го помогне процесот на интеграција во ЕУ со одржување на првата меѓувладина конференција за време на претседавањето на СР Германија, како признание за остварените реформи досега и како поттик за целосна имплементација на европските стандарди како суштина на процесот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

