Македонија
(Видео) Заев го пречека Столтенберг: Сега подобро го знаете Скопје

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пристигна во Клубот на пратениците каде беше пречекан од премиерот Зоран Заев. Уште на влезот, премиерот го дочека Столтенберг со зборовите: „Сега подобро го знаете Скопје“.
По средбата, во клубот на пратениците ќе се одржи заедничка прес конференција.
Првиот човек на НАТО вчера пристигна во Македонија со планирана обемна агенда. Тој вторпат ја посетува Македонија во последниве девет месеци.
Столтенберг претпладнево се сретна со претседателот Ѓорге Иванов, со собранискиот спикер Талат Џафери и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Дел од агендата на Столтенберг беше и посетата на село Стајковци од каде порача дека се надева дека кога следен пат ќе дојде во Македонија, земјата веќе ќе биде членка на НАТО. „Само ако го спроведете Договорот со Грција ќе станете членка на НАТО“, повтори Столтенберг. Исто така, тој присуствуваше и на свеченоста по повод именувањето на улицата пред Градскиот стадион по неговиот татко Торвалд Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО присуствуваше и на показната вежба на Полкот за специјални операции во касарната во „Илинден“ заедно со министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Во таа прилика тој потсети дека во јули сите 29 сојузници се согласиле да ја прифатат Македонија како 30. членка на Алијансата.
„Вашата земја има добро обучени војници кои се подготвени да учествуваат во тешки операции. Припадниците на армијата на вашата земја учествуваат во мисиите предводени од НАТО во Авганистан и во Ирак и на други места, што покажува дека имате армија која е способна да придонесува во меѓународната безбедност“, рече Столтенберг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.