Македонија
(Видео) Заев за новата рамка за соработка со ООН: Имаме стратешки документ за изградба на едно просперитетно и инклузивно општество
Како дел од активностите по повод Денот на Обединетите нации и 75-годишнината од потпишувањето на Повелбата на ОН, претседателот на Владата, Зоран Заев, заедно со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, и постојаната координаторка на Обединетите нации, Росана Дуџак, како и со високите претставници на агенциите на ОН во нашата земја, учествуваше во засадувањето 75 млади садници во околината на велешкото езеро „Младост“, што беше зафатена од пожар пред повеќе од една година.
Акцијата е организирана како симболична заложба за позелена, подобра и одржлива иднина на сите луѓе во Северна Македонија како еден од националните предизвици и приоритети вклучени во новата рамка за соработка за одржлив развој 2021 – 2025 за соработка меѓу нашата земја и ОН, што денеска ја потпишаа постојана координаторка на Обединетите нации, Росана Дуџак, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи.
„Рамката е наш стратешки документ што ја насочува работата на сите агенции на ОН што работат во земјата во наредните пет години, како и со сите засегнати страни вклучени во процесите. Во оваа пригода сакам да истакнам дека нашата држава останува посветена на спроведувањето на препораките на оваа меѓународна организација, како и на глобалните милениумски цели за одржлив развој“, истакна премиерот Заев во изјавата за медиумите од настанот.
Премиерот Заев во изјавата потенцира дека нашата држава во соработка со ОН и натаму ќе работи во насока на јакнењето на принципите на одржлив развој и изградба на едно просперитетно и инклузивно општество.
„Во сите овие глобални превирања Обединетите нации преку принципот на дијалог и почитување работеа во насока на превенирањето и решавањето на отворените конфликти. Преку начелата на соработка и солидарност оваа организација поттикна клучни иницијативи за надминување горливи светски проблеми, каква што е пандемијата на Ковид-19. Таа ја имаа централната улога во справување со оваа најголема закана за човештвото по Втората светска војна дејствувајќи преку Светската здравствена организација. Ги координира научноистражувачките работи, меѓународните активности за заштитата, развојот на тестови, лекови и вакцини“, нагласи претседателот на Владата, Зоран Заев.
Рамката за соработка е главен стратешки документ што ја насочува работата на сите агенции на ОН што работат во земјата во наредните пет години. Развиена е во блиска соработка со Владата по опсежен консултативен процес со организации и индивидуалци од разни сфери на дејствување и интерес.
„Новата рамка за соработка е повеќе од заложба. Тоа е обврска што ја преземавме и претставува јасна определба да се работи кон подобрување на животот и иднината на сите луѓе во оваа прекрасна земја, а при тоа никој да не заостане“, истакна во својата изјава постојаната координаторка на Обединетите нации, Росана Дуџак, на настанот по повод Денот на Обединетите нации и 75-годишнината од потпишувањето на Повелбата на ОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

