Македонија
(Видео) Заев и Шекеринска: Овој носач на авиони веќе е дел од нашата одбрана

Претседателот на Владата, Зоран Заев, и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, оценија дека сме дел од најмоќната воена и политичка сила на светот – НАТО, а носачот на авиони „Хари С. Труман“ веќе е дел од нашата одбрана.
Двајцата, заедно со претседателот на Собранието, Талат Џафери, началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиновски, и амбасадорката на САД, Кејт Брнз, остварија средба со адмирал Џејмс Фого, командантот на американските поморски сили за Европа и Африка и командант на Здружените сојузнички сили во Неапол, која се одржа на носачот на авиони „Хари С. Труман“.
Заев и Шекеринска на носачот беа заедно со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, и министерот за одбрана во бугарската влада, Красимир Каракачанов.
„Минатата недела во Лондон осетивме што значи да се биде дел од семејството на земјите членки на НАТО. Бевме рамо до рамо со политичките лидери на алијансата. Со посетата на носачот на авиони ‘Хари С. Труман’, еден од најимпресивните репрезенти на моќта и на комплексниот систем за ефикасни оперативни задачи за одржување на безбедноста, мирот и сигурноста во светот, и со средбата со адмирал Џејмс Фого, ја комплетираме сликата за најмоќната воено-безбедносна алијанса на светот и за припадноста на Северна Македонија во најсилниот систем на колективна безбедност што обединува речиси 1 милијарда граѓани од демократскиот свет. Најсилните земји во светот се наши сојузници, Северна Македонија е партнер и сојузник со сите нив“, истакна во изјавата за јавноста премиерот Заев.
Тој нагласи дека средбата со адмирал Фого на носачот „Хари С. Труман“ е јасен сигнал за активното учество на нашата земја во глобалните процеси што носат мир во светот, како и во процесите во кои заедно со сојузниците се справуваме со сите конвенционални и хибридни закани за сигурноста и безбедноста.
„Стануваме членка на НАТО во еден исклучителен геостратегиски момент, особено важен момент за зоната на влијанија на Југоисточна Европа, во црноморскиот басен и во Средоземното Море, од кое се контролираат три континенти. Но, поддршката на нашите стратешки партнери, особено на САД и на другите членки на НАТО, создаде услови поканата за членство воопшто да не биде доведена во прашање. Ние сме дел од безбедносниот штит на најмоќниот воен сојуз во светот. Северна Македонија е фактор за стабилност во регионот, гарант на безбедност. НАТО е најсилната гаранција за нашата стабилност, сигурност, неменливост на граници и за зачувување на територијалниот интегритет. А безбедноста и сигурноста се основата на секоја економија – основата за странски инвестиции, за повисоки плати, за добри работни места, за просперитет“, потенцира премиерот Заев и додаде дека гаранцијата за нашата безбедност и стабилност треба да биде поттик сите фактори во земјата да се заложат за спроведување на реформите, за демократија, за владеење на правото и за почитување на човековите права и слободи како вредности што ги делат земјите членки на НАТО.
Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, во својата изјава за јавноста рече дека присуството на нашата делегација на едниот носач на авиони „Труман“, кој е дел од НАТО-флотата на Медитеранот, покажува што ќе значи ова за нашата држава.
„И тој носач на авиони ‘Труман’ е дел веќе од нашата одбрана. И тие авиони на носачот и овие денеска во базата се дел од нашата одбрана. Сите тие, повеќе од 5.000 војници на носачот на авиони, се дел од нашата одбрана, исто како што нашите капацитети се дел од НАТО-системот. За ова се боревме, за ова работевме и за ова нашата држава вложи многу“, нагласи министерката Шекеринска потенцирајќи што значи да се биде дел од најголемиот и најмоќен воено-политички сојуз.
„Сега е шансата да ги собереме плодовите од НАТО-членството, да имаме повеќе шанси за домашни и странски инвестиции, да создадеме повеќе шанси за работни места и повисоки плати и да покажеме дека само со сигурна земја се создава и просперитетна иднина“, рече Шекеринска.
„Хари С. Труман“ еден од 10-те носачи на авиони од класата Nimitz, со должина од 333 мети и носивост од 100.000 тони. Работат на нуклеарен погон, развиваат максимална брзина од 30 наутички јазли (56 км/ч) и максимална сила од 260.000 коњски сили. Бидејќи се на нуклеарен погон, може да бидат активни на море над 20 години пред да имаат потреба од нова енергија, а работниот век им е над 50 години.
Оваа генерација носачи се најголемите воени бродови што ги имаат САД и кога пловат, се придружени од неколку други бродови (Carrier Strike Group). Носачите Nimitz на авиони се екипирани со високоразвиена технолошка опрема и вооружување (за дефанзивна и офанзивна употреба) и екипаж од 6.250 воени лица, вклучително и пилотите, има капацитет да смести 90 летала (авиони и хеликоптери) и писта со големина од 1,8 ha.
Тоа е првиот носач на авиони во светот на кој имаат слетано и полетано воени беспилотни летала (воени дронови) во 2012. Пуштен е во употреба во 1998 година и има добиено 17 награди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.