Македонија
(Видео) Заев на средба со коалициските партнери: Поддршка за договорот, вредностите и принципите за коалиција со ДУИ
Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, и генералниот секретар, Љупчо Николовски, денеска се сретнаа со претседатели и претставници на партиите од коалицијата „Можеме“.
Од страна на коалициските партнери беше дадена целосна поддршка за договорот за коалирање со партијата ДУИ, како и вредностите и принципите што произлегуваат од него во насока на брза трансформација на државата.
Од СДСМ велат дека од сите политички субјекти во коалицијата „Можеме“ ќе бидат предложени квалитетни, чесни и одговорни кадри, кои, како што велат, се подготвени во целост да ги испорачаат програмските определби и принципи на новата влада.
Пред присутните претседателот Заев ги претстави главните приоритети на новата влада за следниот четиригодишен мандат.
„Новата влада предводена од СДСМ главен фокус ќе стави на јакнење на економскиот стандард и уште поголема грижа за сите. Сериозно ќе се посветиме на реформи во јавната администрација и намалување на нејзиниот обем за 20 отсто. Истовремено, ќе се посветиме на прочистување на судството, проверка на имотот и капиталот на секој функционер и неселективна борба против корупцијата. Силно сме мотивирани на обезбедување чист воздух и здрава животна средина преку широка мобилизација на сите капацитети. Секако како еден од главните приоритети е и напредокот во евроинтегративниот процес преку почетокот на преговорите и отворањето на првите поглавја. За тоа да го реализираме, потребни се чесни, одговорни и професионални кадри, кои ќе раководат со институциите. Во овој период течат сериозни разговори со коалициските партнери за да се најдат најодговорните и најдобри кадри за одредени ресори, со што секоја партија од оваа коалиција би дала свој удел во водењето на институциите во следните 4 години“, истакна Заев.
Претседателот Заев им честита на коалициските партнери за победата на изборите на 15 јули посочувајќи дека со победата се потврди европскиот пат на државата, тоа ни дава чест и обврска да работиме уште повеќе на домашен план во следниот четиригодишен мандат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Левица ја повика Сиљановска-Давкова да не го потпишува законот за продолжување на легализација на дивоградби
Партијата Левица ја повика претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да не го потпише новиот закон со кој се продолжува рокот за легализација на дивоградби.
Од Левица посочуваат дека претседателката претходно, како пратеник, јавно укажувала дека етички и правно е невозможно да се повикува на владеење на правото, а истовремено да се носат закони со кои се уредува правниот статус на бесправно изградени објекти.
Собранието го продолжи рокот за легализација до 3 март 2031 година, наместо претходниот рок 3 март 2026 година, со што, како што велат од Левивца, процесот од временски ограничена мерка станува подолгорочна пракса.
Партијата оценува дека секое ново пролонгирање испраќа порака дека прекршувањето на законот ќе биде наградено со легализација, додека граѓаните кои градат согласно прописите остануваат изиграни.
Во соопштението се наведува дека ваквиот пристап ја поткопува правната сигурност и довербата во институциите, како и дека наместо зајакнување на инспекциските и урбанистичките механизми, државата избира модел на амнестија.
Партијата останува на ставот дека прашањето со дивоградбите треба да се решава системски, со јасна разлика меѓу социјалните случаи и, како што наведуваат, профитерската злоупотреба, и ја повикува претседателката да не го потпише законот.
Македонија
Дебар Маало доби 24-часовна бесплатна Wi-Fi мрежа, наскоро и во Капиштец
Општина Центар, во рамки на проектот EU4Digital, обезбеди бесплатна Wi-Fi зона во Дебар Маало, поточно на улицата Боемска и на скверот пред Општината.
Согласно програмата, наскоро се предвидува поставување слободни интернет зони (Wi-Fi) и во Капиштец, со што граѓаните ќе имаат полесен пристап до дигитални услуги и информации на отворено.
Користењето на Wi-Fi зоните е достапно 24 часа, седум дена во неделата, бесплатно и без лозинка, со вградени безбедносни ограничувања за заштита на корисниците.
„Општина Центар е лидер во дигитализацијата на општинските услуги. Воспоставувањето на слободни интернет зони е пример како треба да функционира една современа општина, со безбедни и модерни јавни простори и отворен пристап до информации и дигитални услуги за сите граѓани“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Овие слободни Wi-Fi зони се наменети за жителите, посетителите и туристите, за кои централното подрачје претставува една од најпривлечните и најатрактивните дестинации во Скопје.
Македонија
Искусните лекари ќе можат да работат до 70 години и да земаат пензија каде што има дефицит, предност за вработување ќе имаат најдобрите дипломци – подготвени законските измени
Министерството за здравство подготви повеќе значајни измени и дополнувања на Законот за здравствената заштита, кои неделава се објавени на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР). Сите засегнати страни имаат можност да достават свои сугестии и предлози, кои ќе бидат разгледани согласно утврдената процедура.
Министерот за здравство Азир Алиу посочува дека процесот се води од принципите на транспарентност и отчетност.
„Се водиме од принципите на транспарентност и отчетност и сите конструктивни забелешки, мислења и сугестии ќе бидат земени во предвид во финалната верзија на новиот предлог закон за здравствена заштита. Од досегашната примена на законот произлезе потреба да се направат измени и дополнувања во делот на постапката за вработување здравствени работници и соработници во ЈЗУ, статусот на директорите на јавните здравствени установи, специјализациите и супспецијализациите, како и условите за пензионирање на здравствените работници и работа по пензионирањето, како и усогласување со други прописи“, појаснува Алиу.
Меѓу позначајните измени е воведување приоритетно вработување на најдобрите дипломирани доктори на медицина од медицинските факултети во државата. Доколку тие се пријават на оглас за вработување, нема да се спроведува постапка за селекција, туку ќе бидат приоритетно вработени во јавната здравствена установа.
Воедно, во постапката за вработување е предвидено составот на комисијата за селекција на кандидатите да го предлага стручниот колегиум на установата, посебно за секое огласено работно место. Согласно резултатите од постапката, директорот е должен да го вработи најдобро рангираниот кандидат.
Измените опфаќаат и нов пристап во планирањето на специјалистичките и супспецијалистичките кадри. Владата, покрај програмите за државни и кофинансирани специјализации, во иднина ќе носи и програма со која ќе се утврдува бројот на приватни специјализации и супспецијализации, во согласност со потребите за медицински кадар.
Дополнително, се зголемува старосната граница за ангажирање искусни доктори од специјалности и супспецијалности каде недостига кадар. На овие лица ќе им се овозможи, со договор, да бидат ангажирани во здравствени установи во мрежата од 67 до 70 години и истовремено да ја задржат пензијата. Ангажирањето ќе се врши со согласност од Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување, доколку нема други услови за обезбедување на одредена здравствена дејност или за непречено функционирање на услугите.

