Македонија
(Видео) Заев: Подготвени сме да се справиме со сите нелегални активности на границите кои ги носи 21 век

Премиерот, Зоран Заев, денеска се обрати на почетокот на дводневната регионална конференција на тема „Зајакнување на капацитетите на Координативните центри за интегрирано гранично управување“.
Притоа, тој посочи дека нелегалните глобални прекугранични активности се реалност за која се неопходни соодветни одговори.
„Во глобалниот свет, ако слободниот проток на луѓе и производи мора да биде максимално ефикасен, двојно повеќе треба да бидат поефикасни мерките за борба против организираниот криминал, вклучувајќи ја корупцијата и илегална миграција, трговија со оружје, шверцот на дрога и трговијата со луѓе“, истакна премиерот.
Тој додаде и дека како порта на ЕУ, Западен Балкан е клучната точка на нелегални активности. Затоа, рече премиерот, институционална и морална должност е да се запрат сите криминални прекугранични активности.
„Подготвени сме да ја дадеме целата неопходна логистика и институционална поткрепа како наш придонес за справување со сите зла на границите во 21 век. За мене е од особено значење присуството на претставниците на највисоките оперативни структури од земјите учеснички на конференцијата чија должност е превенирање, откривање и докажување на кривичните дела од организираниот криминал, корупцијата и илегалната миграција, трговија со оружје, шверцот на дрога и трговијата со луѓе, сето ова упатува на сериозноста и на потребата од оваа меѓународна конференција“, посочи Заев во обраќањето.
На регионалната конференција „Зајакнување на капацитетите на Координативните центри за интегрирано гранично управување“ учествуваат претставници на граничните и царинските управи од државава, но и од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Грција, Косово, Романија и Турција кои ќе ги споделат најдобрите меѓународни практики за спречување на организираниот криминал и корупција.
На почетокот на дводневната регионална конференција се обратија и амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Клеменс Која, придружуван од директорот на Царинска управа на РСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ракометната федерација на Македонија со донација за „СОС Детско село“

„Ви благодариме од срце! 460 деца и млади без родителска грижа растат во семејство благодарение на вас“ – пишува на врамениот дрес кој Ракометната федерација на Македонија го доби од организацијата „СОС Детско село“ по повод примо-предавањето на донацијата.
Вкупниот износ кој е собран од продажбата на билети за хуманитарниот ракометно музички спектакл одржан на 3 јануари 2023 година во организација на РФМ, изнесува 1,372,550 денари, која сума ќе биде донирана на организацијата „СОС Детско село“.
Трошоците за реализација на настанот, покриeни се од страна на Ракометната Федерација на Македонија и нејзините спонзори. Посебна благодарност во оваа насока, Македонската куќа на ракометот, би сакала да упати до: „Триглав Осигурување“, „Алкалоид“ АД Скопје, „Халк Банка“, „Пивара“, „Никоб“, „Македонската Телевизија“, „ТВ Телма“, „Проевент“ и „КЛС“; како и до сите македонски уметници, компании и индивидуалци кои сесрдно ја прифатија поканата за учество во настанот без авторски или друг вид на надоместоци.
Ракометната Федерација на Македонија во оваа прилика би сакала посебно да се заблагодари на бројната публика во арената „Борис Трајковски“. Спектаклот „Сите Ѕвезди за СОС Детско село“ го славеше ракометот, го славеше спортот. Победи човечноста и хуманоста. Заедно покажавме дека македонската нација е хумана, а спортот има посебна моќ да нѐ вивне во височините и да ни пружи уникатна доза на среќа.
Сакајте го и негувајте го македонскиот спорт!
ПР
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: За партиски и бизнис интереси Стефковски и ВМРО-ДПМНЕ ја задолжија Гази Баба со пет милиони евра

Од една од најбогатите општини во државата, градоначалникот Бобан Стефковски и ВМРО-ДПМНЕ, за помалку од година и пол направија задолжена општина, без визија за развој, без проекти и решенија за граѓаните. Вчера, Стефковски и Советот предводен од ВМРО-ДПМНЕ ја задолжија Гази Баба за пет милиони евра, преку таканаречена општинска обврзница, истакна Александар Саша Димитријевиќ, координатор на советничка група на СДСМ во Советот на Општина Гази Баба.
Стефковски, додаде тој, наследи полна општинска каса со 3,2 милиони евра, како и низа на започнати проекти за кои не требаше да потроши денар, затоа што тие веќе беа финансирани од претходно.
„Стефковски да одговори каде во рок од само една година ја потрошил оваа заштеда, за денес да мора да ги задолжува жителите на Гази Баба. Градоначалникот и советниците од ВМРО-ДПМНЕ вчера ја задолжија општината без да ги наведат проектите што ќе се финансираат од задолжувањето, без да го наведат рокот на отплата, без да ја објавата каматната стапка. Едноставно, Стефковски има дискреционо право како сака да ја задолжува општината“, нагласи Димитријевиќ.
Оценува дека со издавањето на оваа обврзница, која може да ја купи секој, се отвора простор одредени компании и бизнис групи преку финансирањето на обврзницата да вршат притисок врз работата на градоначалникот и Советот.
„За пет милиони евра, Гази Баба лесно може да стане заложник на нечии бизнис интереси, на одредени групи кои потоа може да диктираат носење урбанистички планови и тенедерски постапки. Освен задолжување, масовна партизација и трошење на парите на граѓаните за непродуктивни цели, Стефковски и ВМРО-ДПМНЕ не сработеа ништо во Гази Баба. Играјќи по нотите на Христијан Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ ја турна Гази Баба во безидејност и бесперспективност, потенцира координаторот на советничката група на СДСМ во Советот на Општина Гази Баба.
Македонија
ИНТЕГРА: Случајот со претепаниот Пендиков е само вовед во провокациите што ќе следуваат

„Случајот со претепаниот Христијан Пендиков е само вовед во провокациите што ќе следуваат како што се доближуваат 4 февруари и прославата за нашиот апостол на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев. ИНТЕГРА – Македонска конзервативна партија ги алармира безбедносните служби да преземат законски мерки во сите правци, особено во делот на инфилтрација на моќна странска служба, која работи на спречување на евро-атлантската траекторија на Македонија преку држење во состојба на порозност на јужното крило на НАТО и попречување на ЕУ-членството на Македонија“, се вели во партиското соопштение на ИНТЕГРА.
Од таму велат „за едно од можните радикални сценарија постои сериозно сомневање дека е во корелација со скорешните закани од поставени бомби во училиштата. Сомневањата водат до препоставена процена за висока безбедносна закана во таа насока, особено на релација албански екстремизам – македонски радикален национализам, обата поттикнати од истиот центар на политичка моќ“.
„На ова сценарио подолго време предупредува Љупчо Ристовски, а времето и условите се идеални за сурова радикализација на тоа. Следете ги мотивот и бенефитот од исходот при една таква разврска и ќе дојдете до целите и извршителите на такво радикализирано сценарио. Патем, да си прашаме јавно, дали ВМРО-ДПМНЕ се огради од сценаријата на радикализирање на внатрешните односи со последици врз ЕУ-перспективите на Македонија, преку случајот на деликвентот Пендиков, кој патем е нивен истакнат член?“, се вели во соопштението.