Македонија
(Видео) Заев: Спортските ветерани ќе добијат пензиско и здравствено осигурување и пензија по завршување на спортската кариера
Со цел унапредување на спортските политики и улогата на државата во спортот и спортот во државата, со фокус на елиминирање на сите девијантни појави во спортот, како допингот, хулиганството, насилството и криминалот, денеска во Владата се одржа конференцијата „Спортот за државата, државата во спортот“, во организација на Асоцијацијата на спортски новинари, Македонскиот олимписки комитет со поддршка од Агенција за млади и спорт.
„Активно спроведуваме политики во таа насока. Како никогаш досега, покрај постоечките финансиски средства, Владата во 2020 година вбризгува дополнителни четири милиони евра за развој на македонскиот спорт преку модифициран и приспособен ваучерски систем, со што вкупната финансиска поддршка ќе изнесува 10 милиони евра“, рече премиерот Заев и упати апел до сите бизнисмени и приватни компании во државата да ја искористат можноста да си купат ваучер наместо да платат данок на добивка до 50 проценти од својата добивка, за да го помогнат спортот со пари што инаку повторно ќе ги платат во државниот буџет.
Како клучен проект во делот на спортската инфраструктура, премиерот Зоран Заев ја истакна изградбата на Домот на спортови во општина Аеродром.
„Таму сме во напредна фаза. Му се радуваме на тоа што го создаваме и останува за векови на нашиот македонски спорт. Од годинава тандем наставници предаваат физичко во прво одделение и сукцесивно до петто одделение, како што е предвидено и со законот. Реформата ‘тандем-партнер наставници’ за да го подобриме квалитетот на наставата по физичко образование, да ги унапредиме физичките способности, моторните вештини и знаењата од областа на физичката и здравствена култура. Очекуваме и голем успех во отстранување на сколиоза и сите други видови деформитети кои се јавуваат кај младите генерации“, рече Заев.
За решавањето на еден од најголемите проблеми со спортските сали и враќањето на салите назад кон спортистите и граѓаните, кон општините и спортските федерации, премиерот Заев рече дека со тоа се исправа децениска неправда, и по долгогодишните лавиринти и манипулации со спортските објекти, тие повторно се ставаат во функција на спортистите и граѓаните.
„Салата Кале сега ја користи кошаркарската федерација. Вратени се објектите на општина Куманово, општина Радовиш, се бараат соодветни локации за другите федерации и денови се во прашање од враќањето на салата Партизан на општина Карпош. На добар пат сме и конечно да го затвориме Јавното претпријатие за стопанисување со спортските терени и објекти“, и додаде дека со влезот во ЕУ и користењето на фондовите, спортот со сите негови елементи треба да ги достигне највисоките професионални стандарди., со што ќе бидеме рамо до рамо со најразвиените европски држави.
Во однос на надминување на насилствата, расизмот и нетрпеливоста во делот на спортот премиерот Заев рече дека треба преку спортот сите заеднички да работиме во партнерство со локалните тимови, федерации, организации и другите институции.
„Ја унапредивме и интензивиравме соработката меѓу државните институции, олимпискиот комитет и спортските федерации. Мораме сите заеднички и инклузивно да работиме со сите свои капацитети за да ги елиминираме сите девијантни појави во спортот, како допингот, хулиганството, насилството и криминалот за да го ставиме спортот високо на пиедесталот на вредности“, подвлече премиерот Заев.
На крајот премиерот Заев потврди дека се прават анализи и се согледуваат најдобрите модели за да се овозможи на спортистите како најголеми амбасадори по завршувањето на кариерата да бидат третирани онака како што доликува.
„Нашите ветерани ќе добијат повластени услови за пензиско и здравствено осигурување и пензија, приход или плата којашто мора да биде обезбедена“, рече премиерот Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

