Македонија
(Видео) Заев: Фабриката за управување со отпад во Неготино ќе го претвори ѓубрето во енергија и ќе ги затвори дивите депонии
Претседателот на Владата Зоран Заев денеска учествуваше на дебатата за отворањето на фабрика за преработка на отпад во Неготино организирана од Општината и во соработка со граѓанските и организациите за животна средина.
„ Како дел од Интервентниот план за инвестиции 2021-2027 на Владата на Република Северна Македонија е инвестицијата во енергија од отпад, односно строго еколошка инвестиција без систем на издувни гасови, односно преку затворен систем без оџак, на која и претходат селекциони или сепарациски опреми за примарна селекција на отпадот. Нагласувам станува збор за технологија која не го согорува отпадот па од него да се создаваат емисии на штетни гасови. Не, високите температури во печките го претвораат веднаш отпадот во гас кој потоа се користи за придвижување на гасни турбини за производство на електрична енергија, малку од отпадот што останува како цврста материја се употребува како материјал во градежната индустрија“, истакна премиерот Заев.
Тој истакна дека станува збор за иновативна технологија којашто доаѓа во нашата земја и фабриката што ќе биде изградена со оваа инвестиција не претставува никаква закана за почвата, за воздухот, за водата, а во постапката за изградба, како што додаде ќе бидат спроведени сите законски обврски и ќе бидат запазени сите пропишани стандарди за заштита на животната средина.
Инвестицијата дополнително вклучува 100 комунални возила за собирање на смет, изградба на 11 претоварни станици, дополнително и 11 збирни потстаници, 6.000 метални и пластични комунални контејнери и асфалтирање на патна делница од 5 км до село Дуброво и на територијата на Општина Неготино.
Проценетата вредност на капиталот што ќе се инвестира од страна на Стратешкиот инвеститор изнесува 336,6 милиони евра.
Овој проект претставува целосно и трајно решавање на отпадот на 74% од територијата на Северна Македонија или опфаќа 48 Општини, односно од 5 плански региони во земјата. Станува збор за целосно странска приватна инвестиција, преку компанијата „Зока Енерџи Солушн“ – Неготино, по пат на Законот за стратешки инвестиции.
„Спротивно на сите погрешни разбирања, толкувања и дезинформации, цел на оваа инвестиција е заштита на животната средина, намалување на загадувањето и подобрување на добросостојбата и условите на живеењето преку преземање на собраниот отпад од надлежните комунални претпријатија, третирање на отпад и производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија со примена на нови технологии и иновации“, потенцираше премиерот Заев и додаде дека со овој исклучително значаен проект ќе бидат затворени сите диви депонии.
Заев нагласи дека оваа инвестиција е одговор и на нашата обврска од преговорите за членство во ЕУ каде што прашањата за животната средина имаа посебно значење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Осмомартовски марш во Скопје со порака „Нема да нè снема“
По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повика на традиционален марш за женски права што ќе се одржи во Скопје.
Според соопштението, маршот ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“, а ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, како симболичен чин на протест против, како што се наведува, „фактичкото и фигуративното бришење на жените во општеството“.
Организаторите посочуваат дека слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува борбата на жените за опстанок и безбедност во систем кој, според нив, често не ги штити од насилство и ги остава на маргините на општеството. Се наведува дека женската работа често е невидлива, помалку платена и недоволно заштитена, а особено ранливи се жените што работат хонорарно, кои често немаат здравствено, социјално и пензиско осигурување.
Платформата за родова еднаквост посочува и на зголемен број случаи на родово базирано насилство и фемициди, нагласувајќи дека институционалните пропусти оставаат многу жени без заштита и правда.
Со маршот на 8 март, организаторите повикуваат граѓаните да се приклучат и заедно да испратат порака дека жените ќе продолжат да се борат за еднаквост, безбедност и достоинство.
Македонија
СДСМ да не користи трагедии како во минатото за добивање на политички поени, реагира ВМРО-ДПМНЕ
Срамно и безобразно е соопштението од страна на СДСМ во однос на трагедијата која се случи во скопски Карпош, оценува ВМРО-ДПМНЕ.
„Истата партија СДС, да потсетиме дека обично кога се во опозиција, трагедиите ги користи стрикно за собирање на политички поени, а не за да покаже емпатија. Случајот со Нешковски, малата Тамара, Диво Насеље, Смилковско езеро и многу други, се случаи кои СДС пред да дојде на власт со Заев и Филипче, ветуваше правда и велеше дека ќе обелодени некаква вистина која била криена по повод овие трагедии. СДС со Заев и Филипче, кога дојдоа на власт, заборавија на се како да имаат амнезија.
Затоа, за оваа тема, која ја потресе цела јавност, ги замолуваме СДС да не ја користат за политички поени. За разлика од порано, разликата е во тоа што сега работите се кажуваат гласно и транспарентно, а виновниците имаат имиња и презимиња.
ВМРО-ДПМНЕ упатува сочувство до семејствата на жртвите и посакува да не се случуваат вакви трагедии во иднина“, се вели во реакцијата.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.

