Македонија
(Видео) Почна со работа новиот пункт на МВР за промена на личните документи без закажување

Денеска, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заедно со раководството на МВР го посети новоотворениот пункт на МВР за промена на лични документи, лоциран во салата на сообраќајната полиција во рамките на Полициската станица Пролет во Кисела Вода.
„Од денеска и официјално го почнуваме процесот на фотографирање за лични документи на граѓаните од Скопје, без претходно закажување на редовната постапка, со цел во определениот законски рок, до 12 февруари 2024 година, граѓаните да ја направат промената на личните документи со името Република Северна Македонија, задолжителна обврска што произлезе од преспанскиот договор потпишан со Грција“, рече министерот Спасовски во изјава за медиумите.
Притоа тој информира за воспоставениот систем на работење на пунктот.
„За таа цел периодов инсталиравме 10 нови работни станици, каде што ќе може граѓаните да извршат фотографирање за документите. Системот е тестиран и овозможува 1.000 лица за еден работен ден да ја поминат процедурата. Воедно, сакам да информирам дека работното време на пункот е од 8 до 18 часот, со можност за продолжување до 20 часот. Спасовски информира дека на 13 и 14 ноември пред официјалното пуштање во употреба на новиот пункт за прием на барања без закажан термин беа примени речиси 1.000 барања и граѓаните беа задоволни од понудените промени без закажан термин. До овој момент на ниво на држава заменети се 1.050.000 патни исправи, 900.000 лични карти и 480.000 возачки дозволи, така што со една силна динамика го продолжуваме процесот во интерес на граѓаните навремено да ги остварат своите права и обврски. За поздравување е тоа што граѓаните од внатрешноста на државата дури околу 80 % имаат направено промена на документите со името Република Северна Македонија“, истакна министерот наведувајќи ги причините за воспоставување на пунктот.
„Причина за отворање на овој нов пункт беше многубројноста на населението во Скопје, како и фактот дека околу 70 % од закажаните термини што ги имаат граѓаните резервирано преку телефонскиот број – ги откажуваат, не се појавуваат на тие термини, се презакажуваат нови термини, што создаде одлагање на целиот процес. Затоа ние како раководство на МВР одлучивме да им излеземе во пресрет на граѓаните, да создадеме можност за почнување на процедурата без закажување на редовната постапка, туку со лично појавување во салата по принципот прв дојден, прв услужен“, рече Спасовски.
Спасовски апелира до граѓаните да имаат трпение и разбирање кон службениците во управните служби при остварување на својата обврска за промена на личните документи со овој забрзан систем на промена на документите почитувајќи ги редот и дисциплината во објектот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.
Македонија
Герасимовски: Во мојот мандат Центар доби целосна поддршка за урбаната велосипедска култура

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со жителите од строгиот центар разговараше за најгорливите урбани предизвици: сообраќајниот метеж, загадениот воздух и потребата од алтернативен превоз.
„Она што секојдневно го отежнува животот во Центар е хаосот во сообраќајот. Затоа вложуваме во решенија за почист воздух и подобар квалитет на живеење“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Центар е првата општина што воведе субвенции за алтернативен превоз, велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, мерка што се надградува од година во година:
„Во мојот мандат воведовме и субвенции за дополнителна опрема, за што интересот постојано расте. Само годинава, од предвидените 600.000 денари за велосипеди, веќе се субвенционирани 197 граѓани”, рече Герасимовски, посочувајки дека во последните три години се дадени субвенции за над 500 велосипеди.
„Жителите на Центар заслужуваат модерен и одржлив град. Затоа продолжуваме со инвестиции во алтернативен превоз, почиста животна средина и поздрав начин на урбано живеење“, порача Герасимовски.