Македонија
(Видео) За Мицкоски контролата на цените не е популизам, туку заштита на граѓаните, најави праведност и кон оние што се обидуваат да профитираат од кризите и кон оние што избегнуваат обврски
Денешната конференција за формализирање на неформалната економија не е само експертска расправа. Таа е разговор за праведност во општеството. За довербата во системот. За тоа дали ќе дозволиме чесните да бидат казнувани, а нечесните да профитираат, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Според него, сивата економија не е апстрактен поим. Таа е, како што вели, изгубен приход за државата, но уште поважно – изгубена можност за повисоки плати, подобри болници, модерни училишта, посигурни пензии итн.
„ Таа создава нелојална конкуренција, ја руши довербата во институциите и го демотивира секој којшто работи чесно.
Нашата цел е јасна: формалната економија да стане попривлечна од неформалната. Да биде полесно, поисплатливо и посигурно да се работи легално.
Во тој процес сакам јавно да изразам искрена благодарност до министерката за финансии, Гордана Кочовска Димитриевска, за нејзината исклучителна посветеност, професионалност и дисциплина во управувањето со јавните финансии.
Во време на глобални економски притисоци, растечки трошоци и неизвесности, Министерството за финансии обезбеди стабилност, контрола и подобрена наплата на приходите“.
Благодарност упати и до Министерството за економија и труд, Управата за јавни приходи, Финансиската полиција итн. Нивната координирана и засилена акција во сузбивање на даночните измами, финансискиот криминал и нелегалните теков, за Мицкоски, испраќа јасна порака, дека законот важи за сите.
„Нема селективност. Нема привилегирани. Секој што работи – мора да придонесува.
Но, да бидеме искрени – оваа борба не може да биде само инспекциска, таа мора да биде и системска.
Затоа работиме на: Дигитализација на процесите – е-фактурирање, електронски пријави, поврзување на бази на податоци; Намалување на административните бариери за регистрација на бизнис;
Стимулации за формално вработување и поддршка за микро и мали претпријатија;
Зголемена транспарентност и размена на податоци меѓу институциите.
Нашата стратегија се темели на три принципи: поедноставување, правичност и поддршка“.
Осврнувајќи се на цените во маркетите тој истакна дека владата ја споделува загриженоста на граѓаните.
„Глобалните движења, енергетските шокови и нестабилностите влијаат врз пазарите. Но тоа не смее да биде алиби за неоправданите маржи и прекумерни профити на грбот на граѓаните.
Пазарната економија значи слобода на трговија, но не значи без контрола. Конкуренцијата мора да биде фер. Потрошувачот мора да биде заштитен.
Затоа ќе продолжиме со: Засилен мониторинг на цените на основните прехранбени производи; Анализа на трговските маржи; Координација со надлежните институции за спречување на евентуални злоупотреби; Дијалог со трговците и производителите за стабилизирање на пазарот. Нашата политика е јасна: стабилни јавни финансии и заштитен животен стандард.
Ние немаме право да дозволиме нечесноста да биде попрофитабилна од чесноста. Немаме право да дозволиме граѓаните да плаќаат повеќе поради нечии шпекулативни практики. Немаме право да толерираме систем во кој некој работи во сенка, а другиот ја носи тежината на системот“.
Како што наведе премиерот, силна држава подразбира ред.
„Праведно општество подразбира еднакви правила за сите.
Ќе продолжиме со дисциплина во приходите, со одговорност во трошењето и со чувствителност кон реалните потреби на граѓаните. Борбата против сивата економија не е кампања. Таа е процес.
Контролата на цените не е популизам. Таа е заштита на граѓаните. Ќе бидеме и цврсти и праведни.
И кон оние што избегнуваат обврски. И кон оние што се обидуваат да профитираат од кризите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

