Македонија
(Видео) „Избери време и место, избери и новинари, донеси и публика, излези да се соочиме, јас ќе дојдам сам“, му порача Максим Димитриевски на Филипче

Лидерот на Движењето ЗНАМ – за наша Македонија Максим Димитриевски денеска возврати на синоќешната изјава на лидерот на опозицијата Венко Филипче.
„Првиот соработник на министерот за смрт во владата на Груевски од позиција на самопрогласен лидер на СДСМ обвинува за соработка. Човек кој во себе нема никакви социјалдемократски вредности, бидејќи времето го поминува во луксуз, раскош на јахти и во скапи автомобили.
Во континуитет поддржан од неговиот политички гуру – Зоран Заев, не може да биде човек што ќе ја претствува социјалдемократијата. Истиот ниту знае со колкав имот располага, ниту може самиот становите да си ги преброи, па оставам на јавноста да процени дали тој е вистински социјалдемократ“, изјави Димитриевски.
За жал, рече тој, една некогаш државотворна партија каква што беше СДСМ денес се сведува под 100 илјади гласови и неа секојденвно ја напуштаат сите нејзини вистински членови и се придружуваат на ЗНАМ, бидејќи препознаваат дека нашето Движење е политичка партија која се создаде од обичните луѓе и ги држи крушевските и асномските идеали.
„Бидејќи колку што гледам, неговото време поминува, претежно во Дубаи, ќе треба да даде објаснување за многу отворени прашања. На пример, како се добива златна виза и дополнително за сите инвестиции со кои средства се прават и пласираат таму. Бидејќи за да добиеш таква виза првенствено треба да бидеш инвеститор. Како тоа еден човек, во овој случај со докторска плата поседува толкав имот“, потенцираше Димитриевски и дополни.
„Јас и денеска ќе повторам. Нека избере и време и место, нека избере новинари, дури и оние апологети што му се на платен список и нека се одважи да дојде на ТВ дуел пред лицето на јавноста да ги соочиме аргументите и фактите. Па да видиме кој е подизведувач. Ете Венко, одважи се и излези да се соочиме, верувам дека ќе смогнеш храброст, ако сакаш поведи и публика со себе. Јас ќе дојдам сам“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Левица: Со почит кон борбата од минатото и визија за промени во сегашноста

По повод 11 Октомври, Денот на востанието на македонскиот народ Левица положи цвеќе на Могилата на непобедените и пред споменикот на Кузман Јосифовски-Питу во центарот на Прилеп. Во полна со дух и средечна атмосфера партиска делегација, предводена од лидерот на Левица, Димитар Апасиев, одржа средба со граѓани на која беше презентирана програмата за Прилеп, се наведува во соопштението на Левица.
Симболиката на денов би требало да ја разбуди свеста на прилепчани и да покажат дека се народ кој е спремен за револуција, и на следните локални избори да изберат советници кои вистина ќе се борат за Прилеп, преку конструктивна критика и објективни одлуки, изјави Жарко Стеваноски, кандидат за советник во Општина Прилеп.
На народната средба носителот на советничката листа на Левица во Прилеп, Методија Костоски, ги претстави четирите главни приоритети на програмата.
„Прво ќе направиме сеопфатна ревизија на сите поголеми проекти, особено на тие што немаат технички прием, заедно со целиот движен имот со кој располага партијата. Следно е инклузија на граѓаните. Сакаме да ги отвориме вратите на општината и да ги вклучиме сите во процесот на одлучување. Трето, а можеби и најважно, е сообраќајниот хаос со кој се соочува Прилеп. Мора да почнеме со регулирање на сообраќајот. Ќе поднесеме иницијатива за укинување на платеното зонско паркирање. Четврто е контрола врз финансиското работење на јавните претпријатија“, истакна Костоски.
И покрај силната цензура кон нив, од Левица порачуваат дека нема да се предадат и ќе продолжат со директни средби со народот низ целата држава, за да ја донесат борбата за правда и транспарентност во секоја општина.
Македонија
Од утре секој ден по 15 часот ќе има блокади за загинатите во дискотеката „Пулс“

Од утре, ќе има мирни јавни собири и блокади на кружниот тек кај двојниот мостот на улицата „Стево Теодосиевски“ во Кочани. Блокадите ќе траат по еден час секој ден, во периодот од 15:15 до 16:15 часот, се додека не започне судењето.
Ова го најавија родителите на загинатите во пожарот во „Пулс“ од 16 март, од 26. „Марш за ангелите“ одржан денеска пред Основниот суд во Кочани, испровоцирани од тоа што, според нив, адвокати на осомничените изјавиле дека судењето ќе трае 10 до 15 години.
– Оваа изјава е срамна и понижувачка за семејствата чии деца ги загубија животите во трагедијата. Таквите зборови звучат како обид да се подготви јавноста за бавно одолговлекување и заборавање. Ние тоа нема да го дозволиме, рече мајка на загинато девоче пред новинарите.
Родителите на настраданите бараат да се зголеми капацитетот на судскиот состав со дополнителни судии и судски соработници за да не се одолговлекува процесот поради недостаток на ресурси. Исто така, нагласија, рочиштата мораат да добијат приоритет и постојано темпо, со цел постапката да тече непречено и без непотребни одложувања. Тие се сомневаат во манипулации или скриено забавување на судскиот процес, бараат јавно и транспарентно следење на сите процесни активности.
-Правдата не смее да се влече. Ќе бидеме тука – на кружниот тек, се додека не почне судењето, а за понатаму зависи како ќе се одвиваат работите. Животот на едно дете вреди повеќе од нечии интереси и адвокатски игри, порачаа членови на семејства што загубија свои блиски во мартовскиот пожар во „Пулс“.
Денешниот 26-ти „Марш за ангелите“ во Кочани, вообичаено започна од „Паркот на Револуцијата“ каде и заврши. Попатно, петнаесетина минути беше блокиран сообраќајот на кружниот тек пред двојниот мост, токму на местото каде што од утре па натаму се најавуваат јавни собири и блокади.
Македонија
Жените од бизнис-секторот го поканија Орце Ѓорѓиевски на ручек

Актуелниот градоначалник на општина Кисела Вода, претседател на ЗЕЛС и кандидат за прв човек на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски присуствувал на ручек со жени од бизнис-секторот.
Тој на Фејсбук објави дека на покана од мрежата „Јас сум жена“ денеска, заедно со неговата сопруга, бил на собир со жени претприемачи, универзитетски професорки, директорки , како што наведе:„силни, самостојни и успешни жени кои го движат Скопје и ја градат посилната Македонија“.
– Разговаравме искрено за предизвиците и за идеите што можат да го унапредат нашиот град. Едно е јасно – Скопје мора повторно да стане отворен град, град во кој комуникацијата со граѓаните и деловниот сектор ќе биде жива, достапна и продуктивна. Им благодарам од срце за силната поддршка која ми ја даваат, за инспирацијата и енергијата што ја носат, напиша Ѓорѓиевски на социјалната мрежа.