Македонија
(Видео) Калеска-Ванчева: Заедно со граѓаните ќе работиме да се спроведе пописот

Со усвојувањето на Законот за попис и потпишувањето на Указот од страна на Претседателот на државата, создадени се сите нормативни услови за спроведување на оваа важна статистичка операција за развој на земјата, изјави пратеничката и координаторката на Форум на жени на СДСМ, Снежана Калеска-Ванчева.
„Државниот завод за статистика, институциите, државата, имаат капацитет да спроведат попис според сите прописи на Евростат, по сите меѓународни стандарди. Кончено, по 19 години Северна Македонија ќе спроведе попис со кој ќе се соберат релевантни податоци важни за креирање идни политики и стратегии за развој на државата. Економски, образовни, здравствени, земјоделски, културни.
Жално е што во ВМРО-ДПМНЕ имаме неодговорни политичари, кои само од блокадите, саботажите и поделбите ја влечат идејата за своето постоење. Недозволиво е постојаното ставање сопки, кочење на процесите, подбуцнување на поделби, националистички конфликти, повици за бојкот и саботажи.
Еднаш засекогаш треба да сфатат во белиот дворец дека сите политички партии треба да се стремат кон подобар заеднички живот, а не да тонат со сеење раздор меѓу народот. Прашањето на пописот е премногу важно за развојот на државата и тој нема да отвора веќе затворени прашања, нема да одзема права.
Ние нема да отстапиме пред оние кои во неуспехот на државата, гледаат можност за себе. Заедно со граѓаните ќе работиме за тој да се реализара по меѓународните стандарди, а политиките на блокади, саботажи и сопки на Мицкоски повторно да бидат поразени. За СДСМ интересот на граѓаните и на државата е на прво место“, порача Калеска-Ванчева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на средба со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу

Во рамки на работната посета на Вашингтон, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба во Стејт департментот со помошникот државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Андрју Стоу.
„На средбата се разговараше за постигнувањата во изминатите 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Соединетите Американски Држави, стратешкото партнерство, политичката и секторската соработка, како и потенцијалот за нивно понатамошно продлабочување“, соопшти Министерството.
Соговорниците заеднички ги потврдиле одличните билатерални и пријателски односи, засновани на вредностите на безбедност, демократија и слобода. Министерот Муцунски упатил благодарност за континуираната поддршка од САД во трансформацијата на општеството, зајакнувањето на капацитетите и спроведувањето на неопходните реформи.
На средбата станало збор и за силното сојузништво во НАТО, активната соработка во мултилатералните организации и заедничкиот придонес кон регионалната и глобалната стабилност и безбедност.
Македонија
Викендов сончево и топло време

Утре наутро ќе биде ведро и посвежо, преку денот претежно сончево. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 15, а максималната ќе достигне од 25 до 31 степен.
Во Скопје, сончево со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Минималната температура ќе се спушти до 10, а максималната ќе достигне до 31 степен.
За време на викендот и во првите денови од следната седмица ќе се задржи сончево и топло време со постепен пораст на температурата на воздухот. Потоа ќе настапи зголемување на облачноста.
Македонија
Викендов посебен сообраќаен режим кон манастирот во Калишта

За време на одржувањето на големиот православен празник „Рождество на Пресвета Богородица“ – „Мала Богородица“кој на 20 и 21.09.2025 година се празнува во манастирот во струшкото село Калишта, ОВР Струга, ќе спроведе посебен сообраќаен режим.
Утре (20.09.2025) од 18 часот се до завршување на предвидените верски церемонии, сообраќајот за влез кон манастирот ќе се одвива преку магистралниот пат А-2 Струга-Ќафасан со исклучување кај селото Франгово по локалниот пат до хотел „Изгрев“ односно до манастирот а за излез од манастирот према Струга, сообраќајот ќе се одвива по регионалниот пат Р-1208, Радожда-Струга преку селото Калишта.
Истиот режим на сообраќај ќе биде и на ден 21.09.2025 (недела) со почеток од 08 часот наутро, се до завршување на церемонијата во попладневните часови.
„Со цел, непречено одвивање на сообраќајот во овие околности, апелираме до верниците да го почитуваат сообраќајниот режим и насоките на полициските службеници“, велат од охридската полиција.