Македонија
(Видео) Ковачевски еднаш знае – другпат не знае кој е ставот на Груевски за уставните измени

Премиерот Димитар Ковачевски, кој пред пет дена рече дека Христијан Мицкоски и Никола Груевски немаат исти ставови за уставните измени, денеска, прашан од каде знае каков став има бегалецот и експретседател на ВМРО-ДПМНЕ, тој вели дека не знае. Ковачевски само посочи дека Груевски е активен на социјалните мрежи, без да каже дали ги чита и неговите објави.
„Таму гледаме дека се води дебата во однос на многу актуелни теми, каде што поранешниот претседател на ВМРО-ДПМНЕ е прилично активен, особено на социјалните мрежи. И затоа кажав дека првин треба да се усогласат, јас не кажав дека знам каков став има. Но, тие треба првин да се усогласат на ниво на политичка партија, кој е ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на уставните измени. И повторувам уште еднаш, убеден сум дека во ВМРО-ДПМНЕ има политичари и има луѓе што имаат визија и одлучност да ја поддржат европската интеграција на Северна Македонија во ЕУ бидејќи тоа е за граѓаните“, изјави Ковачевски.
На прес-конференција во Владата, кога премиерот беше прашан за уставните измени и дали ќе има поддршка од опозицијата, рече дека Мицкоски и Груевски немаат исти ставови.
„Кога зборуваме за опозицијата, таму треба јасно да се постави прашање кој каков став има. Јас сè повеќе гледам дека еден став има актуелниот претседател, а друг има бившиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Ќе треба да се видат и ставовите во однос на финалниот став на таа политичка партија да се усогласат“, рече премиерот Димитар Ковачевски во одговор на прашањето пред пет дена во Владата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Денес температура до 25 степени, вечерва пороен дожд и грмежи

Променливо облачно со сончеви периоди, прогнозираат за денес од Управата за хидрометеорологија. Попладне и во вечерните часови наместа ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и југозападен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 17 до 25 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Попладне во делови од котлината ќе има умерен развој на нестабилна облачност со услови за пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен југозападен ветер. Максималната температура ќе достигне до 25 степени.
Македонија
Денес без струја делови од Кисела Вода

ЕВН Македонија извести дека денес 11.05.2025 година ( недела ) без електрична енергија ќе останат неколку делови од општина Кисела Вода.
Во периодот од 08:00 до 14:00 часот без стрја ќе бидат корисниците од Киро Фетах, улица Драчево, улица Герника. околината на Амигос сокара и Драчвски патак.
Во периодот од 09:00 до 12:00 часот нема да имаат струја корисниците од улицата Борис Трајковски 7 компаниите Ѓоко Мицевски ДООЕЛ и Јогомеркур.
Прекините се поради изведување технички зафати во електродистрибутивната мрежа,
Македонија
Работна посета на министерот Муцунски на Кралството Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, во наредните два дена ќе престојува во работна посета на Кралството Шведска, на покана на шведската министерка за надворешни работи, Мариа Малмер Стенергард.
Во рамки на посетата, покрај билатералната средба со министерката Стенергард, предвидено е министерот Муцунски да оствари средби и со министерката за европски прашања, Џесика Розенкранц, како и со државниот секретар за меѓународна развојна соработка и надворешна трговија, Хакан Јеврел.
Во шведскиот Парламент – Риксдаг, министерот ќе се сретне со Шерштин Лундгрен, трет заменик-претседател на Риксдагот. На средбата ќе присуствуваат и високи претставници и членови на парламентарните комисии за надворешни работи и европски прашања, како и членови на Групата за пријателство и соработка со Собранието на Република Северна Македонија.
Во рамки на престојот, министерот Муцунски ќе оствари средби и со претставници на македонската дијаспора, како и посета на црквата „Св. Наум Охридски“ во Малме.
Целта на посетата е интензивирање на севкупните билатерални односи преку зајакнување на политичкиот дијалог и продлабочување на економската соработка меѓу двете земји. Во фокус на разговорите ќе бидат унапредувањето на билатералните односи, реафирмирањето на шведската поддршка за европската интеграција на Република Северна Македонија, како и размена на мислења за клучни регионални, европски и глобални прашања.