Македонија
(Видео) Костадинов: Врвот на ВМРО-ДПМНЕ да не се обидува да бара амнестија за Груевски
Христијан Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба да престанат со одбрана на криминалот на режимот и да се посветат на иднината на државата и на сите нејзини граѓани. Овие денови, преку презентираните докази во судските постапки, за еден од случаите поврзани со зделките за автопатиштата, целата јавност има увид како поранешното раководство на ВМРО-ДПМНЕ безмилосно ги кршело законите, изјави Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ и коалицијата.
На штета на граѓаните и само заради лично богатење, бил заобиколен законот за јавни набавки, а штета врз буџетот со директниот договор, како што е соопштено, со една кинеска фирма, е над 155 милиони евра. Резултатите од таквото криминално однесување на тогашното раководство и министрите од ВМРО-ДПМНЕ не се само незаконските провизии, вели тој.
,,Граѓаните се сведоци дека биле промашени трасите, не биле соодветно предвидени и планирани тунели, свлечишта, клучки и низа други грешки, како на пример на автопатот Кичево-Охрид, што повлече дополнителни средства на граѓаните за санирање на штетите.
Владата предводена од СДСМ ги решава проблемите наследени од партијата на Никола Груевски и Христијан Мицкоски.Денес се гради по план, законски, транспарентно и се е на увид на јавноста. Интензивно се санира кастрофата што ја остави ВМРО ДПМНЕ, се обновува патната инфраструктура ширум Македонија и се работи во интерес на граѓаните.Амнестија за криминал нема и не смее да има. Во интерес на граѓаните, раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба да престане да го брани криминалот на Никола Груевски и да даде поддршка на процесот во собранието што води во НАТО и ЕУ”, додаде Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.

