Македонија
(Видео) Костадинов: Голем е стравот од пораз кај Мицкоски, затоа неговите пратеници го кочат Собранието
Со месеци целата јавност гледа деструктивно, неодговорно однесување на ВМРО-ДПМНЕ овде во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ безобразно ја злоупотребува ситуацијата со пратеници заболени од ковид и со пратеници кои се во изолација, за да ги кочи сите важни процеси и закони за граѓаните, обвини портпаролот на владејачкиот СДСМ, Костадин Костадинов.
„Денес немаше да бидеме во ваква ситуација ако ВМРО-ДПМНЕ не се противеше и не ги блокираше измените на Деловникот за работа со што можеше да се обезбеди работа од далечина на пратениците позитивни на ковид или се во изолација“, истакна тој, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ блокира сè што е во интерес на граѓаните, дека нивните пратеници не влегуваат во салата и не работат за граѓаните што ги гласале.
„До каде оди нивната деструктивност зборува и фактот што денеска од ВМРО-ДПМНЕ најавија дека ќе ја блокираат и утрешната седница на која се и барањата за интерпелација поднесени токму од ВМРО-ДПМНЕ, како и Информација во врска со актуелните состојби во здравството, исто така поднесена токму од ВМРО-ДПМНЕ“, рече Костадинов.
Им порача на пратенциите на ВМРО-ДПМНЕ да не бараат алиби и да нудат оправдувања за нивните блокади, туку да почнат да работат за граѓаните.
Според него, очигледно било дека големи се фрустрациите кај Мицкоски од шесте порази од граѓаните, а стравот бил огромен од следниот извесен пораз на есен, па затоа, вели тој, неговите пратеници овде во Собранието кочеле и блокирале.
Со или без ВМРО-ДПМНЕ, реформскиот процес ќе продолжи, но ќе продолжат и поразите на Христијан Мицкоски, порача Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Коцевски: Приведени десетина лица од УЈП, се вршат претреси на повеќе локации
Во рамки на предистражна постапка што се води за лица вработени во УЈП и поврзани со дискотеката „Пулс“ во Кочани, денес се приведени десетина лица, а истовремено се вршат претреси на повеќе локации.
„Се работи за лица вработени во УЈП, а за кривични дела допрва ќе видиме, меѓутоа првичните дела се злоупотреба на службена положба и овластување и давање мито“, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Тој додаде дека дел од комуникациите што беа презентирани во јавноста се опфатени во постапката.
Јавниот обвинител ќе предложи мерки, соопшти Коцевски кој засега не сакаше да открие за кои лица се работи, односно на кои позиции биле вработени приведените.
Овој предмет го води кочанското обвинителство.
Македонија
Приведен поранешен раководител на УЈП во акција поврзана со дискотеката „Пулс“
Во полициска акција приведен е поранешен раководител на подружница на УЈП, а опфатени се повеќе службеници и вработени, во рамки на истрага за дискотеката „Пулс“.
Од МВР најавија повеќе детали за подоцна.
„Полициски службеници од СВР Штип, ОВР Кочани во соработка со Одделот за криминалистичка полиција по насоки на ОЈО Кочани преземаат повеќе активности на неколку локации низ државата. По завршувањето на акцијата јавноста ќе биде соодветно известена“, соопшти МВР.
Македонија
Зошто ВМРО-ДПМНЕ молчи за Никола Груевски, прашуваат од СДСМ
Скандалозните ставови на претседателката Давкова дека „не било време за реформи“ поради тоа што во Европа имало војни е политичко ехо на пораките на Никола Груевски, кој само неколку дена претходно од Будимпешта испрати идентичен наратив, велат од СДСМ.
Прашуваат зошто ВМРО-ДПМНЕ молчи за Никола Груевски.
„Ова е доказ дека Груевски и понатаму ја води партијата од Будимпешта, а Мицкоски и Сиљановска се само формални извршители на неговите директиви.
Се повеќе станува јасно дека владата станува заробена од бегалец од правдата, кој од туѓа држава диктира што треба да се случува“.

