Македонија
(Видео) Кузеска: Кога истрагата е селективна, а обвинителот станува подобен за Мицкоски, правда не може да се очекува
Страшната трагедија во Кочани, во која загинаа 59 луѓе, повикува на неселективна и темелна истрага за лоцирање на одговорност. За жал, од досегашниот тек на истрагата гледаме дека се води селективно и не се опфатени актуелните функционери и службеници, иако биле на функции на денот кога се случила трагедијата, истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
„Како тоа тие што се директно одговорни за безбедноста на самиот настан, во БЈБ и МВР, во ОВР Кочани и Штип како е можни тие да не се опфатени со истрагата?
Законот за јавни собири јасно определува кога и за какви настани полицијата има обврска да постапи и да превенира.
Доколку институциите постапеле согласно своите законски обврски, на терен ќе имало присуство на Противпожарна бригада, Брза помош, адекватен број полициски службеници и сите неопходни безбедносни протоколи за ваков тип јавен собир.
Се поставува прашањето како е можно да не се истражуваат лица кои вечерта биле на одговорни позиции со законска должност да постапат – но не го сториле тоа?
Понатаму, зошто актуелните директори на ДПИ и на УЈП не се опфатени со истрагата“, прашува Кузеска.
Според неа, истражниот процес, кој мора да биде непристрасен и целосен, се претвора во инструмент на политичко калкулирање.
Кузеска оценува дека се заштитуваат позиции, се менуваат стратегии.
„Пред само неколку недели, јавниот обвинител беше под притисок за разрешување и тоа директно од Мицкоски.
Владата започна постапка, се вршеа јавни напади, се создаваше јасен наратив за негова недоверба.
Одеднаш пресврт, станува „потребен“ – постапката е стопирана, Советот за јавни обвинители не заседава, а Мицкоски повикува да му се даде шанса.
Кога обвинителот од неподобен станува подобен, а истрагата ги допира само оние од минатото тогаш е јасно дека неселективна правда не може да се очекува“.
СДСМ, додава таа, нема да молчи.
„Ние нема да го оставиме јавниот интерес во рацете на политичари што правдата ја испорачуваат според нивната политичка потреба.
Повторуваме, секој што има одговорност, мора да одговара. Без оглед на политичка припадност или моментална функција.
Мицкоски треба да знае, граѓаните на улиците се борат токму протви овој систем, против овие влијанија, неодговорност и селективна правда. Ова е сржта на проблемот“, додава Кузеска.
Како што напоменува, семејствата на загинатите не заслужуваат таква истрага. Македонија, нагласува Кузеска, заслужува вистина и целосна одговорност за сите. „Се друго ќе значи доуништување на и така малата доверба на граѓаните во државата“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

