Македонија
(Видео) Кузеска: Сериозно ја зголемивме транспарентноста
По 11-годишната изолација на земјата, затворени институции и забранети за важни информации за јавноста, транспарентност и отчетност беше еден од главните приоритети на СДСМ, потсети на денешната прес-конференеција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Според извештајот за Индекс на активна транспарентност 2021 година, активната транспарентност оваа година бележи раст од 18% споредено со 2016 година, односно активната транспаретност оваа година изнесува 63%, за разлика од 2016 година кога била 45%. Во делот на транспаретноста на општините, во извештајот е наведено дека за прв пат една општина има дури 100% активна транспарентност, подобрување е постигнато кај 51 општина, а се забележува и значително подобрување и кај транспаретноста на министерствата“, рече Кузеска.
Според неа, активната транспарентност на Владата оваа година се искачи на 93,5%, со што, како што рече, влегува во групата „многу добра транспарентност“, за разлика од 2016 година кога Владата припаѓала на категоријата просечна транспарентност со ниски 25%.
„За разлика од порано кога службените трошоци на функционерите беа тајна, денес сите договори за јавни набавки се објавени транспаретно. Нема веќе тајни набавки, забранети цифри за објавување за народните пари кои ги трошат функционери. Секој граѓанин има право да знае, како и зошто се трошат народните пари. Со иницијативата ‘Отворен трезор’ се отворија трезорските трансакции на национално и локано ниво, со што јаноста има директен увид во трошењето“, истакна Кузеска.
Нагласи дека транспарентноста и отчетноста во работењето ја зајакнуваат довербата на граѓаните во институциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

