Македонија
(Видео) Кузеска: Човекот што го има пропуштено Груби е личен избор на Тошковски
Она што вчера СДСМ го објави во јавноста за случајот со бегството на Груби, се потврди како целосна вистина за неполни три часа по нашата прес конференција. Факт е дека полицијата не си ја завршила работата и Тошковски не е никаков херој туку неспособен министер. Но, она што денес ќе го откриеме ќе отвори сериозен сомнеж дека не станува тоа збор за пропуст, туку координирана акција за пуштање на Груби. Ова е скандал од епски размери за кој Тошковки мора итно да излезе и да ја каже вистината, а потота да си поднесе оставка, истакна на прес-конференција Богданка Кузеска од СДСМ.
„Прва вистина за која молчи Тошковски е дека целосно потфрлила контролата на Блаце поставена на кружниот тек, три дена пред бегството. Зошто Тошковски молчи дека тие полицајци немале насока и не знаеле кого треба да чекаат и проверуваат? Дали се намерно оставени без никаква насока и со тоа не знаеле каква контрола треба да направат? Дали ќе се одважи Тошковски денес да одговори на ова прашање?
Но она што денес ќе го кажеме е директно поврзано со најавите за суспензијата на двајцата полицајци на Блаце за кои вчера МВР имаше официјално соопштение. Едното од лицата, лицето Б.Ј. чиј идентитет засега нема да го откриеме, е внимавајте, службеник кој е поставен на таа позиција откако Тошковски станува министер. Значи по налог Тошковски, Б.Ј е прераспределен на позиција контрола на граничен премин иако претходно извршувал друга работна задача неповрзано со контролата на граничните премини“, посочи Кузеска.
Ова, како што рече, значи дека човекот кој го има пропуштено Груби е негов личен избор за таа позиција.
Го праша Тошковски, дали е вистина дека токму од причини за да може да врши вакви дејствија Б.Ј е поставен на оваа позиција.
„По истата шема при бегството на терористот Блерим Рамадани, Тошковски ги обвини лицата кои го пропуштиле кои тој самиот ги назначил. За да е појасно, ако тогаш стануваше збор за избор на коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, сега станува збор за лице кое е избор на Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ.
МВР вчера соопшти дека се изречени суспензии за двајцата полицајаци. Но, внимавајте што се случува, полицаецот Б.Ј истиот ден откако го пропуштил Груби земал боледување. Со тоа, де факто не може да биде суспендиран се додека му трае боледувањето. Зошто Тошковски лаже дека се суспендирани кога тоа не е направено? Дали сака да го заштити, или пак чека да се забоошоти целата ситуација?
И зошто не е поднесена кривична пријава против полицајците туку наводна суспензија кога станува збор за дело за кое може да се поднесе кривична пријава“, прашува Кузеска.
До кога ќе удира Тошковски по самарот во услови кога тој лично и целата акција која ја предовдел затаила, или како што се соменваме, е намерно изведена така за да се пропушти Груби. Кога тој ќе поднесе одговорност за сите скандали кои му се случуваат? Јавноста чека одговори и чесност министре, ако сте доблесен ќе си поднесете оставка, нагласи Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во Охрид најкритично во Далјан, се излеа и Кочанска река – извештај за состојбата по обилните дождови
Обилните врнежи на дожд предизвикаа зголемен водостој на реките и локални излевања во повеќе делови од државата, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК), според состојбата до 18:00 часот.
Во Штипско–Кочанскиот регион е регистрирано локално излевање на Кочанска река кај селото Горни Подлог, каде што интервенира КЈП „Водовод“ Кочани со механизација. Оризарска река има излевање кај селото Грдовци, а на терен интервенира Водостопанство „Брегалница“, додека полицијата од Кочани го обезбедува подрачјето и го регулира сообраќајот. Зрновска река се излева пред вливот во Брегалница, а состојбата ја следи Регионалниот центар за управување со кризи. Злетовска река и Брегалница имаат зголемен водостој, но без излевање. На патниот правец Македонска Каменица – рудник Саса се интервенира поради одрон.
Во Охрид, најкритична е состојбата во населбата Далјан по излевање на реката Далја. ЈП „Водовод“, „Нискоградба“ и „Комуналец“ интервенираат со механизација, додека Територијалната противпожарна единица и Дирекцијата за заштита и спасување со пумпи вршат испумпување на водата од поплавените објекти. Регионалниот центар за управување со кризи Охрид ги координира пријавите преку бројот 112. Кај Коселска река, во правец на селата Ливоишта и Вапила, се преземаат мерки за заштита на патниот правец.
Во Кичево, поради претходните врнежи, дел од површините се заезерени, а состојбата со поплавените објекти на улицата „Прилепска“ е непроменета. ТППЕ, ДЗС и ЈП „Комуналец“ вршат испумпување и обезбедување на теренот, додека Општина Кичево и Црвениот крст се грижат за евакуираните лица.
Во Битолскиот регион, во Општина Битола се вршат теренски контроли од страна на РЦУК и општинските служби. ЈКП „Комуналец“ интервенира во населбата Стрчин, „Македонија пат“ расчистува на регионалниот пат Р-2333, а Водостопанство ја следи состојбата на реките Шемница и Црна. Во Ресен и Демир Хисар се врши испумпување и заштита на загрозените површини.
Во Куманово, Липково и Крива Паланка состојбата се следи од РЦУК, општините и Водостопанство, а „Македонија пат“ и комуналните претпријатија вршат превентивно расчистување и посолување на ризични патни делници.
Во Тетово се интервенира со механизација на патиштата кон селото Ѓермо и месноста Бањиче. Во Мала Речица полицијата и инспекциските служби постапуваат по уривање на потпорен ѕид, а во Желино се интервенира по излевање кај реките Стримница и Палатица. На Попова Шапка, по координација со РЦУК Тетово, патот се расчистува со механизација. Во Гостивар, ЈП „Комуналец“ и Водостопанство преземаат мерки по пријавени излевања.
Македонија
ЗНАМ: Одбивањето лидерска средба е признание за политичка слабост
Движење ЗНАМ за Наша Македонија ја поздрави иницијативата на претседателот на Владата за одржување лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во, како што наведуваат, клучен момент за државата.
Од ЗНАМ реагираат дека денешната прес-конференција на претседателот на СДСМ, Филипче, покажала отсуство на капацитет и волја за конструктивен политички дијалог, при што, според нив, наместо аргументи се нудат поделби, навреди и неосновани обвинувања.
„Кога се нема аргументи и резултати, се посегнува по стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници“, се наведува во реакцијата, додавајќи дека, наместо соочување со сопственото минато, СДСМ повторно бега од разговор и се крие зад техничката влада.
Од Движење ЗНАМ за Наша Македонија нагласуваат дека се залагаат за целосно и непречено функционирање на институциите, одговорно носење одлуки и изнаоѓање конкретни решенија во интерес на граѓаните и државата. Според нив, на Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не блокади, уцени и калкулации.
Во соопштението се посочува дека иницијативата за лидерска средба претставува можност релевантните политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните, при што одбивањето на дијалог, како што наведуваат, е признание за слабост.
ЗНАМ порачува дека останува определено за транспарентност, почитување на демократските процеси и враќање на довербата во институциите, како предуслови за стабилна држава и јасен, одговорен пат на Македонија кон полноправно членство во Европската Унија.
Македонија
Променливо облачно утре, дожд и снег најавени за северозападните делови
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во северозападните делови од земјата ќе има повремени врнежи од дожд, додека на планините се очекува снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималните температури ќе се движат од -9 до -2 степени, а максималните од 3 до 9 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Утринската температура ќе се спушти до -6 степени, а дневната ќе достигне околу 4 степени.
Во наредните денови следува нестабилен период. Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и повисоките места од снег, а во пониските предели од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, каде што се очекува и дополнително зголемување на снежната покривка.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер со брзина над 60 километри на час, а ќе има и повремени локални врнежи од снег. Температурите ќе бидат во опаѓање, при што на одредени места дневните температури ќе останат под нула степени.
Од вторник се најавува период на стабилно и суво време.

