Македонија
(Видео) Лазаревски: Мицкоски, покажи доблест, понуди ја својата оставка

Незадоволството од раководството на партијата, од претседателот Мицкоски, е големо. Членовите на ВМРО-ДПМНЕ сè повеќе се охрабруваат да излезат и тоа јавно да го кажат гледајќи дека Мицкоски нема намера да понесе одговорност, изјави Сашо Лазаревски, делегат на конгрес на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен советник од ВМРО-ДПМНЕ во Општина Карпош.
„Денес, голем број членови на ВМРО-ДПМНЕ од Општинскиот комитет Карпош одлучивме да ја поддржиме иницијативата поведена од иницијативниот одбор за свикување вонреден конгрес. Можевме и ние понатаму да молчиме и да глумиме дека сè е во ред. Можеме и понатаму да се преправаме дека нема никаков проблем и цветаат рози во партијата. Можеме да глумиме дека сме победиле и да ловиме вештерки и предавници, само за да ги амнестираме раководството и Мицкоски како најодговорни за поразите.
Но, во Карпош тоа не се прави така. Вистината е дека во Карпош освоивме мал број гласови, речиси 5.000 гласа помалку од минатите парламентарни избори. Вистината е дека Мицкоски загуби во неговиот матичен општински комитет. Вистината е дека Мицкоски загуби и во неговиот месен комитет и на неговото избирачко место. Мицкоски загуби меѓу граѓаните што најдобро го познаваат“, вели тој.
Според Лазаревски, за овие порази вината не треба и не смее да се бара во членовите, активистите и месните комитети, како што слушаме повторно дека се обидуваат да манипулираат. Вината за изборниот пораз има точно име, презиме и адреса. Тоа е Христијан Мицкоски и неговото тесно раководството.
„ВМРО-ДПМНЕ не го заслужува ова. Повторното префрлување на вината кон месните комитети е сигурен рецепт за пропаст и нов пораз на наредните локални избори. Одговорност мора да има. Христијан Мицкоски, покажи доблест, достоинство и макар минумум демократски капацитет и понуди ја својата оставка пред делегатите на конгресот, кој те избра. Тоа воопшто не е кукавички чин, напротив, бегањето од одговорност и криењето на проблемите под тепих е ништо друго, освен кукавичлук. ВМРО-ДПМНЕ секогаш ги исполнувала ветувањата шот ги дала пред избори, а ти јавно вети оставка ако не победиме, вети и дека ќе одиш подалеку и ќе се ја преземеш одговорноста ако победиме, а не составиме влада“, вели Лазаревски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.