Македонија
(Видео) Левица: Стечајците од „Треска“ со години се дел од правните лавиринти, а Шахпаска се прогласи за ненадлежна
Поранешните работници од АД ,,Треска” повеќе од 15 години се дел од правните лавиринти од кои никогаш не добиле позитивен исход, велат од политичката партија Левица по протестот на работниците пред Министерството за Труд и социјална политика кои бараат да им бидат исплатени заостанатите плати и придонеси.
По одржувањето на протестот претставници на стечајците биле повикани на разговор со министерката Јагода Шахпаска, каде присуствувал и членот на Централниот Комитет – Кочовски Бобан, а од Левица велат дека министерката се прогласила за ненадлежна.
„На оваа средба министерката се прогласи за ненадлежна, иако МТСП е надлежно за донесување на закони со кои што можат материјално да се обезбедат сите стечајци во Република Македонија. Во обид министерката да издејствува позитивен исход во нејзина полза се обиде да им понуди социјална помош на дел од овие луѓе, но не сакаше да посочи кога истите ќе ја добијат! На овие понуди од министерката, претставниците на работниците реагираа бурно при што ѝ укажаа дека тие имаат конкретни побарувања кои што самите ги сработиле со сопствениот труд и не бараат ништо што тие го немаат заслужено“, велат од Левица.
По завршувањето на оваа расправа, членот на Левица – Кочовски Бобан, ѝ предложил на министерката Шахпаска да се донесе Закон за материјално обезбедување на стечајците од Република Македонија, со што не само оние стечајци од АД „Треска“, туку и сите останати на ниво на цела држава, ќе ги добијат своите заостанати плати и придонеси. Сепак, како што велат од Левица, таа го одбила предлогот.
„Министерката реагираше негативно и одби предлогот, со образложение дека не може да се донесе таков закон и започна со промоција на сработеното во време на владеење на СДС и (според неа) добрите политики водени од оваа власт. Сосема на крај, министерката констатираше дека правдата треба да ја побараат во Министерството за финансии или во Владата на Република Македонија, нешто што најавија дека ќе го сторат при наредниот организиран протест и ќе побараат средба со ресорните министри со цел што поскоро да се реши нивниот проблем. Левица ќе продолжи да ги подржува овие работници преку директно присуство на нивните протести, медиумска подршка, како и соработка со правни тимови кои што можат да им помогнат при водењето на нивните судски постапки. Исто така, Левица ќе се обиде да донесе Закон за материјално обезбедување на стечајците во Собранието на Република Македонија со што ќе помогне на илјадници семејства ширум државава“, велат од политичката партија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

