Македонија
(Видео) Блиски луѓе на Груби трупаат милионски бизниси и имот, тврди ВМРО-ДПМНЕ

Семејството Груби трупа милионски бизниси и имот, додека народот осиромашува, болни се молат за лек, ученици за книги, а сиромасите за храна, објави на прес-конференција пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
На прес-конференција, Лефков рече дека сето тоа се прави преку братот на Артан Груби, Ветон Груби, сопственик на ЕТЦ Травел. Ветон Груби е човекот околу кој семејството Груби го трупа своето богатство, тврди опозициската партија.
„Со Ветон Груби директно или индиректно се поврзани повеќе бизниси, како што е и бизнисот со баждарење на инструментите за точење на нафтени деривати и гас“, рече Лефков.
Како што образложи на 16 септември во 2021 година, од страна на Ермир Имами од Дебар, вработен во ЕТЦ Травел сопственост на Ветон Груби, брат на Артан Груби, е основана фирмата за баждарење на пиштолите за точење на гориво на бензински пумпи Метролаб. Метролаб, за краток временски период, односно на 02.02.2022 година, само 4 месеци по основањето, добива акредитација за вршење на инспекција на мерила за зафатнина и проток на течни горива и течен нафтен гас – баждарење на пумпи, акредитацијата ја дава Бирото за метрологија, каде директор е Мерита Мустафаи, кадар на ДУИ.
„Одлуката за висината и начинот на наплатување на надоместокот за услугите што ги врши Бирото за метрологија е менувана два пати во последните 2 години, и тоа првиот пат непосредно пред да се отвори фирмата Метролаб од вработениот кај Груби, која ја потпишал лично Артан Груби, и вториот пар пред една година, потпишано од страна на Фатмир Битиќи. Ова се тие одлуки. Сопственикот на Метролаб, вработен кај братот на Груби, иако газда на фирмата за баждарење, останува шалтерски вработен кај Груби една година по основањето на фирмата, а си заминува од истата неколку недели пред измена на Одлуката за висината и начинот на наплатување на надоместокот за услугите кои ги врши Бирото за метрологија и овластено лице“, рече Лефков.
ВМРО-ДПМНЕ прашува дали Артан Груби влијаел два пати во две години да се измени одлука за висината на наплатата за фирмите кои вршат баждарење на инструментите за точење на нафтени деривати и гас на бензинските пумпи, и дали тоа го направил за подобра позиција на Метролаб, основана од вработен кај неговиот брат.
Понатаму, од партијата прашуваат и дали Ермир Имами, кој бил шалтерски работник во ЕТЦ Травел кај Груби ја формирал фирмата Метролаб затоа што знаел за измените и дали зад сето ова се крие и интерес на семејството Груби.
Партијата најави дека во наредните неколку дена ќе продолжат со објавување на докази и аргументи за бизнис империјата на Груби, и нему блиски лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предложен притвор за кичевецот кој утрово со секира си го уби таткото и тешко ја повреди мајка си

Основното јавно обвинителство Кичево поведе истражна постапка против кичевец осомничен за кривични дела убиство и обид за убиство.
„При вршење семејно насилство рано утрово, во дворот на семејната куќа во селото Србјани, осомничениот 47-годишник го лишил од живот својот татко, а се обидел да ја убие и својата мајка. При вербална расправија, со нож и секира најпрво го нападнал таткото, прободувајќи го по телото и удирајќи го со секирата по главата. Потоа и нанел убоди со нож во вратот и на неговата мајка. Од многубројните повреди оштетениот маж починал при укажување прва помош, а жената е пренесена на Ургентниот центар во Скопје во тешка состојба“, извести вечерва Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кичево вечерва достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Осомничениот беше уапсен откога самиот пријавил во Итната медицинска помош дека ги нападнал родителите.
Македонија
Невреме со град, дожд и грмотевици вечерва во Струмица: поплавени улици, паднати дрвја и делови од градот без струја

Откорнати дрвја, поплавени улици и делови од центарот без струја е билансот од невремето со град, дожд и грмежи вечерва во Струмица. За санирање на штетите на терен се јавното претпријатие „Комуналец“ и Територијалната противпожарна единица на Струмица.
Пожарникарите известија дека отстраниле паднато дрво врз автомобил на улица.
„Вечерва (недела) 11.05.2025 година, околу 20.00 часот на ул.Ванчо Китанов, ТППЕ Струмица со едно противпожарно возило и двајца пожарникари-спасители интервенираше на отстранување на паднато дрво врз автомобил. За кратко време дрвото е отстрането од улицата“, објави Противпожарната единица на Струмица.
Струмичани јавуваат дека невремето почнало пред 20 часот и за кусо време улиците биле поплавени и побелени од град.
Дијаспора
Муцунски се сретна со македонските иселеници во Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во дводневна работна посета на Кралството Шведска. Фокусот на првиот ден од посетата беше ставен на бројната македонска дијаспора – при што ја посети и присуствуваше на литургија во македонската православна црква „Св. Наум Охридски“, се сретна со претставници на дијаспората и со македонски стопанственици кои работат и инвестираат во Шведска.
„Посетата на црквата ’Св. Наум Охридски’ во Малме и средбата со македонската заедница, како прв министер за надворешни работи кој присуствувал на утринска литургија во оваа црква, беа можност за разговор за нивните иницијативи, предизвици и очекувања. Се разговараше и за владините политики насочени кон унапредување на односите со дијаспората, при што беше потврден значајниот придонес на македонската заедница во јакнењето на односите меѓу двете држави. Во шведскиот град Трелеборг, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора, министерот Муцунски се сретна со македонски стопанственици кои успешно делуваат во Шведска. Во фокусот на средбата беа можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, јакнењето на економската соработка и активната улога на дијаспората во економскиот развој на државата“, известија од Министерството за надворешни работи.
Утре министерот Муцунски предвидено е да има средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Мариа Малмер Стенергрард.