Македонија
(Видео) Лозово доби нова општинска зграда

,,За неполни две години Општина Лозово доби нова зграда, на простор од 420 м2 со 16 канцеларии, сите опремени со канцелариска опрема и нова компјутерска технологија. Сето тоа им е ставено во функција на општинската администрација со единствена цел – на најдобар можен начин да бидат исполнети потребите на граѓаните, рече, меѓу другото, премиерот Зоран Заев, на настанот во општината со која се одбележа пуштањето во употреба на новата општинска зграда.
„Во општините, во населените места, во месните заедници, се одвива животот, секојдневниот живот на нашите граѓани. Затоа е многу важно да се фокусираме на локалните политики, на најпрактичните решенија кои ќе придонесат да им го направиме секојдневието на граѓаните од локалните средини поубаво и поквалитетно за живот. Да им овозможиме сѐ што е неопходно за пристојна живеачка, во средина која ги исполнува сите нивни барања“, истакна Заев.
Тој потенцираше дека градоначалникот Ацо Велковски, со поддршка на Советот, успеа, покрај враќањето на долговите, со домаќинско и транспарентно работење, да ја стави општината на здрави нозе и финансиски. Општината Лозово веќе е не задолжена и тоа ја става во кондиција финансиските средства што ги добива од граѓаните повторно да им се враќаат во проекти од интерес на сите жители на општината.
Во новата општинска зграда, покрај општинската администрација за краток временски период ќе бидат во функција и канцелариите на администрација на Јавното претпријатие за комунални дејност, како и на подрачните канцеларии на Агенцијата за вработување, на Министерството за труд и социјална политика и на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
„Тоа е придонес повеќе за исполнување на дел од најважните прашања за граѓаните на општината како што се вработувањето, решавањето на социјалните прашања, и прашањата поврзани со земјоделството како најразвиена дејност во оваа наша македонска општина“, нагласи премерот Заев и упатувајќи честитки порача дека сега е најважно од добрите услови за работа да произлегуваат мерки и решенија во полза на граѓаните кои секогаш треба да бидат во центарот на вниманието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски-Спајиќ: во фокусот посветеноста на европската интеграција на Западен Балкан

Во пресрет на утрешниот Самит ЕУ – Западен Балкан, денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, оствари средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ.
Двајцата се дел од овогодинешната група добитници на признанието „Млад глобален лидер“ (YGL) на Светскиот економски форум – мрежа која веќе две децении обединува исклучителни личности под 40 години кои предводат позитивни промени ширум светот.
Програмата за млади глобални лидери е симбол на колективна акција и визија, поттикнувајќи нови форми на лидерство во ера на глобални трансформации. Тоа што двајца политичари од Западен Балкан се дел од оваа заедница е потврда за промените што оваа генерација ги носи во регионот, информираат од МНР.
На средбата се разговараше за зајакнување на билатералната и регионалната соработка, како и за потврдување на заедничката посветеност на европската интеграција на Западен Балкан – како дел од визијата за обединета, просперитетна и силна Европа.
Македонија
МВР: Од 1 јули летен режим на сообраќај за тешки товарни возила

Од 1 јули до 31 август на државните патишта во Македонија се воведува летен времен режим на сообраќај со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони, за време на деновите од викендот и за денови при екстремно високи температури, соопшти МВР.
Забраната се однесува за следните термини:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 09:00 до 19:00 часот
недела од 09:00 до 22:00 часот
Во деновите со екстремно високи температури, определени од Министерство зa здравство, забраната ќе важи и од понеделник до четврток во период од 11:00 до 17:00 часот.
Специјален сообраќаен летен режим за тешки товарни возила се воведува и на патниот правец А2 Скопје – Охрид – Скопје во периодот од 01.07.2025 до 01.09.2025, и тоа:
Од понеделник до четврток од 11:00 до 17:00 часот, само во денови со екстремно високи температури определени од Министерството за здравство:
петок од 17:00 – 22:00 часот
сабота од 07:00 до 12:00 часот и од 18:00 часот до 24:00 часот и
недела од 07:00 до 22:00 часот
– Ограничувањето не се однесува на возила кои превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури и леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, превоз на опасни материјали и возила кои вршат превоз за компании кои имаат склучено договори за изведување на проекти на државните патишта со ЈП за Државни патишта.
Македонија
Пренасочување на возилата поради сообраќајка на патот Демир Хисар – Кичево

Од 19:10 часoт има пренасочување на сообраќајот на патниот правец Р1305 Демир Хисар – Кичево поради случена сообраќајна незгода, возилата ќе бидат пренасочени преку с.Единаковци, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Според последното известување од АМСМ, интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.