Македонија
(Видео) Луѓе умираа пред наши очи, целите беа во крв, сведочат жители на Ласкарци
Жителите на село Ласкарци синоќа беспоштедно излегоа да спасат тoа што може да се спаси од автобуската несреќа на автопатот Скопје – Тетово. Иако несебично се дадоа во спасувањето, велат не се чувствуваат како херои бидејќи е човечки да се помогне на оној кој е во неволја.
Кога стигнавме на местото на несреќата видовме ужасна слика. Некои луѓе беа исфрлени надвор од превртениот автобус. Со нив почнавме да ги извлекуваме останатите кои беа под автобусот. Имаше луѓе кои ги гледавме под автобусот, бараа помош, но не можевме да им пријдеме. Едно лице почина пред наши очи, а ние не можевме ништо да направиме. Сите бараа помош, не знаевме кому прво да му помогнеме, вели Весел Шабани, еден од жителите на Ласкарци кои ги вадеа крвавите тела од автобусот на „Дурмо турс“.
Во извлекувањето учествувале и братучедите Рами и Меќани Деари, кои за време на несреќата се наоѓале во џамијата што е на стотина метри од автопатот Скопје – Тетово. Тие пред камерата на „Макфакс“ велат дека сè уште се во шок од вчерашниот настан. Велат дека сликите што им останале во глава ги држеле цела ноќ будни.
„Бевме во џамија. Слушнавме некаков звук, видовме дека автобус излета од автопатот и веднаш дотрчавме. Во автобусот имаше млади луѓе од 20 до 30 години, кои бараа помош. Син ми со уште други двајца влезе под автобусот и почнаа да ги извлекуваат луѓето. Имаше 7 лица починати на лице место, не успеавме да ги извадиме, беа заглавени“, сведочи Рами Деари.
Како што велат жителите на Ласкарци, од голема помош бил багерот кој од Желино пристигнал пред брзата помош. Според нив, багерот го подигнал автобусот, што било пресудно да се спасат повеќе животи бидејќи биле минути во прашање.
„Багерот дојде побрзо од брзата помош. Можеа да се видат само делови од телата. Само глава или рака, а од половина надолу беа под автобусот. Го подигна автобусот и извадивме четворица, кои беа тешко повредени, но сè уште живи. Телата кои беа на задната страна од автобусот, каде што стои моторот, не можевме да ги извадиме и веќе беа починати“, сведочи Меќани Деари.
Извлекувањето продолжило со помош на механизацијата и работници од локалните фирми, кои исто така помогнале жртвите да бидат транспортирани до болниците.
„Дојдоа вработени од една фирма што се наоѓа во близина, донесоа брусилка за сечење. Сечеа делови од автобусот за да ги извадиме луѓето. Неколку луѓе излетаа од автобусот, тие викаа ‘помош, помош’, бараа вода, целите беа во крв. Беше страшно“, вели Деари.
Жителите на Ласкарци и денеска беа на нозе. Раскажувајќи го вчерашниот немил настан, помагаа при изнесувањето на распаднатиот автобус од местото на несреќата.
Виктор Јованов и Габриела Димковиќ-Мишевска
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

