Македонија
(Видео) Македонец меѓу напаѓачите на лидерот на кавачкиот клан во Украина
Македонец, Црногорец и Србин се осомничените што се обиделе да го убијат наводниот лидер на кавачкиот криминален клан, Радоја Звицер, во Украина. Украинските органи ги уапсиле и ги идентификувале, а како што се наведува, еден од нив се наоѓа на меѓународна потерница поради убиство.
Како што синоќа објавија медиумите, две непознати лица пукале во Звицер, а до нападот дошло во близина на елитен станбен комплекс во украинскиот главен град Киев.
„Главните причини за обидот за атентат биле криминални активности на жртвата, можна прераспределба во криминалната организација, како и меѓу балкански криминални кланови, кои ја контролираат трговијата на дрога“, рекол шефот на Националната полиција на Украина, Игор Клименко.
Тој додал дека полицијата по обидот за убиство почнала интензивна потрага за напаѓачите. Тие сакале да побегнат, но во еден момент се обиделе и да го запалат автомобилот во кој се наоѓале. Полицијата успеала да им влезе во трага преку надзорните камери.
„Полицијата го следеше автомобилот со кој осомничените се движеа кон Одеса за да ја напуштат земјата надвор од царинската контрола преку границата помеѓу Украина и Молдавија. Со оглед дека напаѓачите беа вооружени, во полициската акција беа вклучени и специјални сили. Утрово се приведени четири лица, кои претходно се обиделе да побегнат, а при апсењето давале отпор“, рекол Клименко.
Моментно обвинетите се притворени според членот 208 од кривичниот закон на Украина, а истрагата е во тек. Претходно, било утврдено дека осомничените во Украина дошле на почетокот на мај и дека долго време ја следеле жртвата. Звицер бил погоден петпати и добил повреди опасни за животот, синоќа бил опериран и се наоѓа во тешка состојба.
Радоје Звицер со години не живее во Црна Гора, а важи за прв човек на една од најсилните криминални групи во овој дел од Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos

