Македонија
(Видео) Манасиевски: СДС во октомври ги очекува дебакл
СДС ги очекува невиден дебакл во Скопје. Изборите ќе ги изгубат во октомври, како што 1 + 1 = 2. Дното за СДС не е допрено, допрва ќе го допрат во октомври, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека „СДС и Венко Филипче не успеале да мотивираат ниту еден човек со силен минат труд, па мораа да прибегнат да ја кандидираат Каја Шукова, од шинелот на Заев“.
„Шукова која беше државен секретар и министер за животна средина и не направи ништо позитивно, не остави ниту еден белег за државата, туку му слугуваше на Заев и неговите бизнис интереси, не може да биде ништо друго освен кандидат за пораз. Јасно и е и на самата Шукова дека ќе губи во октомври, а дека ќе треба да го преземе епитетот од Димитар Ковачевски за најслаб резултат на СДС во историјата. Само не и е јасно ниту на Шукова, ниту во СДС знаат што да прават, и што да зборуваат до избори, немаат ниту план, програма не се ни мачат да прават, ќе спојат 3-4 од минатите изборни циклуси, едноставно чекаат само да поминат изборите“, вели Манасиевски.
Според него, „Скопје ниту има потреба од егзибиции, ниту ќе ги допушти истите“.
„Во Скопје уште во прв круг победата ќе ја однесе Орце Ѓорѓиевски и ВМРО-ДПМНЕ“, кажа Манасиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ЦГК истражување: Клучни „играчи“ и конкуренција во јавните набавки во здравството
Центарот за граѓански комуникации денес го објави истражувањето Клучни „играчи“ и конкуренција во јавните набавки во здравството во периодот од 2015 до 2024 година.
Според нивното истражување:
» Во последната декада вредноста на јавните набавки во здравството е повеќе од двојно зголемена, додека бројот на фирми што добиле тендер пораснал за само 12 %, што укажува на концентрација на средствата кај ограничен број добавувачи.
» Со растот на вредноста на тендерите, уделот на десетте најголеми носители на договорите за јавни набавки се намалил од 62 % во 2015 на 49 % во 2024 година, што укажува на умерено намалување на концентрацијата.
» Две компании – „Алкалоид Конс“ и „Д-р Пановски“, во последната деценија ја зацврстиле својата доминација во јавните набавки во здравството и сега контролираат една четвртина од вкупната вредност на тендерите во овој сектор. Нивниот удел се зголемува на третина, ако се анализираат само набавките на лекови, медицински потрошен материјал и опрема.
» Повеќе од половина од набавките во здравството во изминатата декада им припаднала само на 10 фирми кои добиле тендери во вкупна вредност од над 1 милијарда евра.
» Низ годините расте вредноста на тендерите што најголемите десет добавувачи во здравството ги добиваат во постапки во кои биле единствени понудувачи и немале конкуренција. Просечно гледано, ако пред 5 години најголемите фармацевтски компании немале конкуренција во третина од вредност на договорите (33 %), сега ја немаат во повеќе од половина од склучените договори (55 %).
» Отсуството на конкуренција го концентрира богатството и влијанието меѓу мала група доминантни играчи и доведува до зголемени цени, намален квалитет на здравствените услуги за пациентите и намалена разновидност на лекови.
» Гледано по програми, во набавката на лекови и на потрошен материјал за третирање дијабетес доминира компанијата „Феникс Фарма“, во програмата за имунизација на населението „Алкалоид Конс“, а во програмата за ретки болести „Алкалоид Конс“ и „Д-р Пановски“. Во тендерите за набавка на реагенси и тестови, пак, доминираат „Авицена“ и „Биотек“.
Македонија
Герасимовски: „Вечер под ѕвездите“, предновогодишна забава во Центар со Либеро Бенд, Brass Brothers и Дедо Мраз
Општина Центар ги поканува сите граѓани на големата предновогодишна забава „Вечер под ѕвездите“, која ќе се одржи на 29 декември на Боемска 1, во Дебар Маало.
„Ветувам добро и незаборавно расположение. За сите подготвивме по нешто – од утринските, па сѐ до вечерните часови. Најдобрата журка секогаш е овде, во Центар, во срцето на Скопје“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Предновогодишната програма започнува во 11 часот со содржини наменети за најмладите. Ќе настапат „Златните славејчиња“, хорот на ООУ „11 Октомври“ и танцовиот клуб „Еурека“. Кристијан Бенито ќе го изведе своето магионичарско шоу, а Дедо Мраз ќе подари новогодишни пакетчиња.
Празничната атмосфера продолжува попладне со зимскиот уличен фестивал „Грин-Џ 2025“.
Вечерната програма е резервирана за добра журка. Публиката ќе ја загрее DJ Александар Јорданов, по што следуваат Brass Brothers, со електронскиот етно звук.
За самиот финиш ќе настапи Либеро Бенд, група позната на македонската музичка сцена по своите енергични живи настапи и богат репертоар од авторски песни и преработки на познати хитови.
„Не ја пропуштајте магичната предновогодишна вечер на Боемска, на 29 декември! Да ја испратиме годината заедно, со музика и добро расположение“, порачуваат од општина Центар.
Македонија
СДСМ: Изборот на в.д. обвинителка нов доказ дека власта сака целосна контрола
Власта на Мицкоски брза да го стави под свои канџи обвинителство и судството, обвини СДСМ.
„Целта е целосна контрола над обвинителството и погребување на правдата за спас од одговорноста за криминалните тендери кои врват зад грбот на граѓаните. Изборот на новата в.д државна јавна обвинителка е уште еден доказ за тоа. Анита Топалова Исајловска е позната како обвинителка која бараше да се укине предметот Талир во кој беше обвинет и Никола Груевски а се однесуваше на незаконско финансирање на ВМРО-ДПМНЕ. Таа е сопруга на Илија Исајловски, поранешен заменик министер од ВМРО-ДПМНЕ. Дали сега на сите им е јасно што се случува? Исто како во времето на Груевски“, велат од СДСМ.

