Македонија
(Видео) Манасиевски: СДС оди во стечај, кадрите на Заев се новите лица на Филипче
СДС вчеравечер ја потврди нашата констатација дека продолжуваат да тонат се повеќе, наместо нов и свеж кадар, Филипче ги врати старите лица на Зоран Заев. На следните избори 100.000 гласови им се плафон, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Претставија, додава тој, “Нова сила”, а всушност, како што истакнува, тоа се стари лица на Зоран Заев кој заедно со Филипче го доприватизираа и раскрчмија СДС.
„Во т.н “ново” раководство на СДС влезе екс директорот на затворот Шутка со активна кривична пријава за злоупотреба на службена должност, Филип Андов, исто така влезе и Јон Фрчковски кој беше фатен како се дрогира на своето работно место и призна за тоа и наместо казна тој доби унапредување во СДС.
Новите сили, а стари кадри напишани од Зоран Заев, а изгласани од Венко Филипче се:
Рената Младеновска, поранешна директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и досегашен член на ИО на СДС; односно стар кадар.
Драган Крајовски, претседател на ОО на СДС во Битола во времето на Ковачевски а директор на затворот „Црн мост“во времето на Зоран Заев и член на Централниот одбор на СДС; односно стар кадар.
Дејан Николовски, вработен во кабинетот на Зоран Заев и задолжен за странските инвестиции и досегашен претседавач на Централниот одбор; односно стар кадар.
Андреј Жерновски, прелетач за функција од ЛДП во СДС на Зоран Заев, неуспешен и скандалозен дипломат, неуспешен градоначалник, неуспешен градежник, а јавноста не го памети по ништо добро, туку само по ширење на паника дека ќе се урне стадионот кој ден денес сеуште го имаме во Скопје; исто така стар кадар.
Агрон Демири, екс советник во секторот за Европска Унија и меѓународна соработка, потоа правник и е дел од Одделението за правни услуги во АД ЕСМ, коносител во ИЕ 6 на парламентарните кога СДС го претрпеа најголемиот пораз во историјата и впрочем Агрон Демири не успеа да влезе како втор на листата како пратеник; исто така стар кадар.
Љупчо Фармаковски – Фосил уште од времето на Хари Костов во Влада и МВР како државен советник, па и до ден денес му е главен координатор за човечки ресурси во Комерцијална Банка. Во 2008 година беше претседател на Националната комисија за интегрирано гранично управување. И до сега впрочем беше организациски секретар на СДС; исто така стар кадар.
Јованка Тренчевска, поранешна министерка во владите на Заев за труд и социјална политика. Кочеше 16 согласности за воспитувачки и негувателки како и 10 согласности за помошно технички персонал во градинките во општина Бутел кога градоначалникот беше од ВМРО-ДПМНЕ, а исто така опструираше и одземаше ингеренции и во Куманово. Го врати на работа директорот на меѓуопштински Центар за социјална работа во Радовиш, Александар Филев од СДС, откако беше разрешен затоа што беше фатен во трговија со дрога. Во 2024 година таа се повлече од функцијата како Претседателка на форумот на жени на СДС каде што вели, цитирам: „Од денес во СДС нека настапат оние со квалитети, вистински знаења, лицата блиски до народот на кои им се верува. Нови лица, неизвалкани од бремето на претходните функционери“, е вака тогаш напиша, а сега се промовира како освежување Јованка Тренчевска, потпретседател на СДС; исто така стар и истрошен кадар.
И почитувани, се што треба да знаете за СДС е дека новиот кадар на Венко за претседавач на ЦО на СДС е Герасим Лазов“.
Ова според Манасиевски е убедливо најлошиот состав на СДС, Филипче и Зоран Заев. Оценува дека приватизациjата на СДС завршува, а наредниот чекор е тежок стечај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Халкбанк клучен поддржувач на македонскиот ракомет, потпишан договор за соработка и за 2026 година
Халкбанк АД Скопје и Ракометната федерација на Македонија официјално го продолжија своето партнерство и за 2026 година, со што банката и понатаму останува еден од клучните поддржувачи на македонскиот ракомет.
Со продолжувањето на соработката што започна во 2018 година, Халкбанк уште еднаш ја потврдува својата долгорочна посветеност на развојот на еден од најуспешните и најпрепознатливи спортови во земјата. Партнерството е насочено кон поддршка на активностите и настапите на македонските машки и женски ракометни репрезентации, кои континуирано ја претставуваат државата на меѓународната спортска сцена и остваруваат значајни резултати.

Договорот беше потпишан во просториите на Халкбанк АД Скопје, од страна на директорот на Халкбанк АД Скопје, Фатих Шахбаз и претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Алесандар Стефанов.

„Горди сме што и во 2026 година ја продолжуваме соработката со Ракометната федерација на Македонија. Ракометот е спорт со длабока традиција и огромна поддршка кај јавноста, а Халкбанк со ова партнерство останува дел од успехот, емоциите и вредностите што ги носи македонскиот ракомет. Нашата поддршка е израз на доверба во спортот, спортистите и идните генерации“, – изјави Фатих Шахбаз, генерален директор на Халкбанк АД Скопје.
Од Ракометната федерација на Македонија посочија дека продолжувањето на партнерството има особено значење за федерацијата и националните селекции.

„Продолжувањето на соработката со Халкбанк е уште една потврда за заемната доверба и заедничката визија што ја градиме со години. Халкбанк е стабилен и сериозен партнер на македонскиот ракомет, а нивната поддршка од 2018 година, наваму, има значајна улога во развојот на националните селекции, натпреварувачките системи и целокупната ракометна инфраструктура. Со овој договор заокружуваме уште една важна година за Федерацијата и испраќаме јасна порака дека македонскиот ракомет има сигурни партнери и јасна насока за иднината. Благодарни сме за довербата на Халкбанк и веруваме дека заедно ќе продолжиме да создаваме услови за нови успеси и напредок на сите нивоа“, – истакна Александар Стефанов, претседател на Ракометната федерација на Македонија.

На настанот присуствуваа и македонските ракометари, кои со своето присуство ја заокружија атмосферата и ја потврдија блиската врска меѓу федерацијата, спортистите и поддржувачите на ракометот. Во рамки на неформалниот дел од настанот, ракометарите се задржаа на дружење со присутните и потпишуваа дресови.


Со договорот за 2026 година, Халкбанк уште еднаш ја потврдува својата определба да биде активен и одговорен поддржувач на националниот спорт. Поддршката на ракометот е дел од поширокиот пристап на Банката кон општествено одговорно делување, насочено кон развој на спортот, младите и вредностите што ја поврзуваат заедницата.
ПР
Македонија
Стаменкоска Трајкоска – Ле Риголер: разменети мислења за унапредување на соработката
Денес, во Општина Кисела Вода, градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска оствари средба со францускиот амбасадорот, Кристоф Ле Риголер.
Средбата помина во духот на пријателство и заемна почит, при што беа разменети мислења за унапредување на соработката и продлабочување на партнерските односи, со посебен акцент на образованието, културата и промоцијата на европските вредности на локално ниво.
Посетата има и симболично значење, имајќи предвид дека токму амбасадорот Ле Риголер, на почетокот од 2025 година, на свечена церемонија во Француската резиденција во Скопје, ѝ го додели на Стаменкоска Трајкоска високото француско одликување „Витез од редот на академските палми“. Одликувањето ѝ беше врачено додека таа беше пратеничка во Собранието на Република Македонија и претседателка на Секцијата на Собранието во Парламентарното собрание на Франкофонијата, како признание за нејзиниот исклучителен придонес во промоцијата на француската култура, образованието и франкофонската заедница, информираат од општината.
-За мене претставува особена чест и големо задоволство денес да го пречекам францускиот амбасадор во Општина Кисела Вода. Оваа средба е уште една потврда за одличните односи и заемната почит што постојат помеѓу нашата држава и Француската Република.
На почетокот од оваа година, во својство на пратеничка, имав чест да бидам одликувана со признанието “Витез од редот на академските палми”, што го доживувам како потврда за долгогодишниот континуиран ангажман во промовирањето на француската култура, образованието и франкофонските вредности. Денешната средба претставува природно продолжение на таа соработка и взаемна доверба. Како градоначалник, силно верувам дека ваквите односи треба да се надградуваат и на локално ниво, преку конкретни партнерства и иницијативи од заемен интерес. Општина Кисела Вода останува отворена за соработка, со цел создавање нови можности и подобар квалитет на живот за нашите граѓани- изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.
Македонија
(Видео) Кузеска: Фирма со тројца вработени добила 1,2 милион евра за два месеца
„Им благодариме на сите граѓани кои се приклучија и доставија информации и докуметни на нашата дигитална платформа за борба против корупција и криминал, МИЦКО (https://micko.mk/)
47 различни пријави за само еден ден. Има и од различни општини, од Охрид, Штип а има и некои многу интересни информации за Скопје. Македонија се крена против корупцијата и криминалот“, кажа на прес-конференција Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Сите овие информации, документи, докази, како што наведе таа, ќе бидат анализирани, документирани и ќе се информира јавноста за секој можен случај.
„Денеска АКТ објавува нова бомба, нов скандал, нови сомнителни милионски тендери.
Повторно истата шема. Фирма со само тројца вработени за период од 2 месеци добива тендери од Владата на Христијан Мицкоски од 74 милиони денари или 1,2 милиони евра.
Милионски суми, мал број на вработени, фаворити за тендери од власта на ДПМНЕ“.
Овие факти, додава Кузеска, отвораат сериозни сомнежи за нетранспарентни постапки, фаворизирање и коруптивни тендерски шеми како во досегашните објавени бомби.
„За која фирма станува збор? Сигмоид Гроуп ДООЕЛ Скопје, формирана пред само две години. Од кого добива тендери? Од Генеалниот секретаријат на Владата на Мицкоски и од СОЗР. Двете владини инстиуции, истите две вмешани и во преходните бомби кои ги објавивме. И како и во првата бомба, повторно станува збор за IT опрема. Случајно нели?
Еве го првиот договор, со Министерството за финансии, склучен на 13.10.2025 година, вреден околу 60.000 евра. Само после два дена, има нов договор, склучен на 15.10.2025, со Генералниот секретаријат на Владата, вреден: речиси милион евра (980 илјади евра). И шест недели подоцна, на 01.12.2025, нов државен тендер, овојпат за софтвер за следење на работни процеси во СОЗР, вреден околу 76 илјади евра денари. Каква милионска експанзија за два месеци? 173% раст на добивка од тендери! Истите шеми повторно“.
Како е ова можно, која е близината, праша Кузеска.
Дополнително запраша дали причината за тоа е близината на сопственикот на фримата, извесен Ј. Јанкуловски, кој дипломирал на Машинскиот факултет, токму на насоката мехатроника и роботика, каде што е Христијан Мицкоски професор.
„Ова ли е клучот за вретење милионски тендери од власта на ДПМНЕ? Близината со Мицкоски?
АКТ продолжува. Работата не е завршена“.

