Македонија
(Видео) Марковски: Имаме најголема смртност во светот на милион жители од Ковид-19
Македонија има најголема смртност во светот на милион жители од Ковид-19 во последните неколку недели, а кај власта изостанува одговорност, обвини Вело Марковски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој смета дека Македонија со други кадровски решенија може многу поуспешно да се справи со целокупната состојба во здравството.
Според Марковски, државата нема модел за справување со Ковид-19.
„Со лажно прикажување на позитивните како заболени се направи непроценлива штета на државата, во тек на летото, поради ваквите привидни бројки, бевме изолирани речиси од сите околни држави. Иако никогаш не се прогласи завршување на првиот бран, се дозволија голем број јавни собири во текот на летото (концерти, свадби, прослави…) Во тоа време Комисијата се опушти, не се испланира почетокот на школската година, не се одржа ниеден симпозиум или конференција за изедначување и доктринарни ставови за лекување на болни со Ковид-19. Не се изработија релевантни дијагностички протоколи“, смета Марковски.
Денес, додава тој, со околу 28.000 позитивни и 949 починати се бара вина кај народот, кај политичките опоненти, кај стручни лица, кај сите, освен кај себе. За жал, вели Марковски, и покрај највисоката смртност во светот, ако се анализираат само последните месеци на милион жители, изостанува одговорност, чувство на грижа на совест, но, пред сè , изостанува анализа.
„Нема стручна комисија која ќе утврди дали и зошто имаме висока смртност“, вели Марковски.
Тој вели дека Комисијата морала да има предвид и да ѝ предложи на Владата преку министерот за здравство набавка на барем 100.000 квалитетни вакцини за сезонски грип уште рано пред летото.
„Мораше да се предвиди дека поради зголемена набавка на вакцини за грип во светот, ќе има недостиг на вакцини. Немање вакцина од кои било причини (незнаење, доцнење со набавки, преоптоваренот само со една болест) за сите здравствени работници и за најголемиот број хронични болни е голем пропуст со несогледливи последици и доволна причина сама по себе за оставка на министерот за здравство по било која основа – дали по барање на премиерот како личен морален чин или по барање на јавноста. Останува да се надеваме дека оваа сезона нема да имаме грип“, рече Марковски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

