Македонија
(Видео) МВР и РСБСП со летна кампања за поголема безбедност во сообраќајот

Министерството за внатрешни работи во соработка со Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата денеска почна кампања „Летувај, не летај“ со цел поголема безбедност и намалување на жртвите во сообраќајот во периодот од летните одмори, кога фреквенцијата на сообраќај по патиштата драстично се зголемува.
Минатогодишната статистика за јули и август покажува дека во Република Македонија се случиле 39 сообраќајни незгоди со жртви, во кои загинале вкупно 47 лица, а во 826 сообраќајни незгоди со потешки последици, повредени биле вкупно 1333 лица.
„Сите заедно мора да придонесеме за ред во сообраќајот, да се почитуваат сообраќајните правила и со тоа да придонесеме за намалување на бројот на сообраќајни несреќи и намалување на бројот на жртви“, рече министерот Спасовски на граничниот премин Табановце од каде почна оваа кампања.
Оваа кампања ќе се одвива во текот на јули и август. Едукативните материјали се изготвени и на англиски јазик, со цел покрај домашните возачи да бидат опфатени и туристите, како и возачите кои транзитираат низ Македонија. Притоа покрај посебни пунктови на граничните премини при влез во земјава, каде што ќе се врши дистрибуција на едукативно-информативните материјали, ќе биде поставено оштетено возило од сообраќајни незгоди на повеќе јавни места со пораки за потсетување на последиците од сообраќајните незгоди.
Ќе бидат организирани мобилни пунктови за делење едукативни материјали по должина на коридорите 8 и 10, а ќе бидат организирани едукативни акции и по угостителски објекти и многу други активности во насока на подигање на свеста за побезбеден сообраќај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Предложен притвор за кичевецот кој утрово со секира си го уби таткото и тешко ја повреди мајка си

Основното јавно обвинителство Кичево поведе истражна постапка против кичевец осомничен за кривични дела убиство и обид за убиство.
„При вршење семејно насилство рано утрово, во дворот на семејната куќа во селото Србјани, осомничениот 47-годишник го лишил од живот својот татко, а се обидел да ја убие и својата мајка. При вербална расправија, со нож и секира најпрво го нападнал таткото, прободувајќи го по телото и удирајќи го со секирата по главата. Потоа и нанел убоди со нож во вратот и на неговата мајка. Од многубројните повреди оштетениот маж починал при укажување прва помош, а жената е пренесена на Ургентниот центар во Скопје во тешка состојба“, извести вечерва Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Кичево вечерва достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот. Осомничениот беше уапсен откога самиот пријавил во Итната медицинска помош дека ги нападнал родителите.
Македонија
Невреме со град, дожд и грмотевици вечерва во Струмица: поплавени улици, паднати дрвја и делови од градот без струја

Откорнати дрвја, поплавени улици и делови од центарот без струја е билансот од невремето со град, дожд и грмежи вечерва во Струмица. За санирање на штетите на терен се јавното претпријатие „Комуналец“ и Територијалната противпожарна единица на Струмица.
Пожарникарите известија дека отстраниле паднато дрво врз автомобил на улица.
„Вечерва (недела) 11.05.2025 година, околу 20.00 часот на ул.Ванчо Китанов, ТППЕ Струмица со едно противпожарно возило и двајца пожарникари-спасители интервенираше на отстранување на паднато дрво врз автомобил. За кратко време дрвото е отстрането од улицата“, објави Противпожарната единица на Струмица.
Струмичани јавуваат дека невремето почнало пред 20 часот и за кусо време улиците биле поплавени и побелени од град.
Дијаспора
Муцунски се сретна со македонските иселеници во Шведска

Министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска и утре престојува во дводневна работна посета на Кралството Шведска. Фокусот на првиот ден од посетата беше ставен на бројната македонска дијаспора – при што ја посети и присуствуваше на литургија во македонската православна црква „Св. Наум Охридски“, се сретна со претставници на дијаспората и со македонски стопанственици кои работат и инвестираат во Шведска.
„Посетата на црквата ’Св. Наум Охридски’ во Малме и средбата со македонската заедница, како прв министер за надворешни работи кој присуствувал на утринска литургија во оваа црква, беа можност за разговор за нивните иницијативи, предизвици и очекувања. Се разговараше и за владините политики насочени кон унапредување на односите со дијаспората, при што беше потврден значајниот придонес на македонската заедница во јакнењето на односите меѓу двете држави. Во шведскиот град Трелеборг, во организација на Обединетата Македонска Дијаспора, министерот Муцунски се сретна со македонски стопанственици кои успешно делуваат во Шведска. Во фокусот на средбата беа можностите за инвестирање во Република Северна Македонија, јакнењето на економската соработка и активната улога на дијаспората во економскиот развој на државата“, известија од Министерството за надворешни работи.
Утре министерот Муцунски предвидено е да има средба со министерката за надворешни работи на Шведска, Мариа Малмер Стенергрард.