Македонија
(Видео) Мециновиќ: Зошто седум години не се распишува оглас за генерален директор на МРТ?

Пратеникот и портпарол на партијата Левица, Амар Мециновиќ, во контекст на актуелната собраниска процедура за именување нов Програмски совет на МРТ отвори низа прашања поврзани со легитимноста и транспарентноста во работењето на јавниот сервис на прес-конференција пред зградата на Македонската радио-телевизија (МРТ).
Мециновиќ потсети дека МРТ е една од најважните институции во државата, со историска улога во креирањето и зачувувањето на државноста, и дека нејзиното работење мора да биде јавно, објективно и законски засновано. Според него, денес Комисијата за избори и именувања во Собранието ќе го разгледува новиот состав на Програмскиот совет, кој потоа ќе оди и на пленарна седница за гласање. Но, како што посочи, овој процес го отвора прашањето зошто паралелно не се распишува јавен конкурс и за избор на нов генерален директор на МРТ.
Пратеникот истакна дека актуелниот генерален директор првпат е именуван во 2012 година по што е реизбран во 2015 и во 2018 година, но од тогаш, иако законски мандатот е ограничен на три години, нов конкурс не е распишан. Тој го нарече ова директор со три мандати плус еден гратис и нагласи дека ваквата состојба е спротивна на духот на законот. Според Мециновиќ, уште од 2021 година постојат најави дека Програмскиот совет ќе распише нов конкурс за генерален директор, но тоа никогаш не се случило.
Истовремено, Програмскиот совет сега презема иницијатива за избор на нов надзорен одбор, со образложение дека му истекол мандатот, но не ја објаснува причината зошто не постапува и за позицијата директор. Според Мециновиќ, дури и самите записници од седниците на Советот потврдуваат дека тие не се сигурни во своите надлежности и бараат автентично толкување од Собранието, но такво барање досега не е добиено во Собранието. Во март годинава, без дополнителни објаснувања, Советот одлучува да распише конкурс за надзорен одбор во консултација со актуелниот директор, што дополнително ја прави ситуацијата спорна, додава тој.
Партијата Левица смета дека оваа состојба отвора сомнежи за можно политичко и лично влијание во управувањето со јавниот сервис, при што се користат правни сиви зони за одржување статус кво.
Претставникот на Левицата најави дека ова е само прва во серијата прес-конференции, на кои ќе бидат изнесени дополнителни информации за работењето на МРТ, потенцијални злоупотреби и кршење на работничките права во оваа институција. Тој ги повика сите што располагаат со информации за работењето на јавниот сервис слободно да ги споделат со Левицата како парламентарна партија.
„Вистината сите ја знаеме – прашањето е дали ќе одлучиме да бидеме слепи за неа“, заклучи Мециновиќ потенцирајќи дека МРТ мора да се заштити од политичко и од приватно влијание и да се врати на вистинскиот пат – да биде сервис во интерес на јавноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Променливо облачно со локални врнежи од дожд, особено претпладне

Времето денеска променливо облачно со локални врнежи од дожд, наместа поројни, проследени со појава на грмежи, особено претпладне. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 9 до 14, а максималната ќе достигне од 18 до 24 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен дожд и грмежи, особено претпладне. Минималната температура ќе се спушти до 13, а максималната ќе достигне до 23 степени.
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно, сончево и топло со мала до умерена облачност. Од почетокот на следната седмица повторно ќе настапи дестабилизирање на времето со локални врнежи од дожд и појава на грмежи.
Македонија
Без струја дел од општина Аеродром

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, корисниците од булеварот Видое Смилевски Бато, делот кај што се вкрстува Февруарски Поход спроти Рамстор Ново Лисиче, во општина Аеродром.
Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.