Македонија
(Видео) Мисајловски: Заев на четири дена пред избори гласа финансиска помош за 159 фирми, ДКСК да отвори постапка
Во моментот Зоран Заев одржува седница на Владата за одобрување средства за поткуп на фирми. Заев спротивно на Изборниот законик, денес, на дневен ред на Владата ставил точка за гласање без расправа – доделување финансиска поддршка на 159 компании на 4 дена пред одржување на локалните избори, изјави Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ова е предлог-дневен ред за одржување на денешната владина седница, од него се гледа дека се прави флагрантно кршење на Изборниот законик и институционален поткуп за што следува одговорност.
Зоран Заев и сите членови на Владата денес треба да знаат дека со гласањето на оваа точка на Владата прават кривично дело за кое ќе одговараат. Со ова се крши член 8а од Изборниот законик, чиј ст. 1 и 2 најстрого забрануваат исплаќање буџетски средства во тек на кампања.
Чл. 8-а ст.1 т.3 вели: „Не може да се вршат исплаќања на плати, пензии, социјална помош или други исплати и материјални надоместоци од буџетски средства или од средства на јавните фондови што не се редовни месечни исплати, односно сите едногодишни трансфери и исплати или еднократни трансфери од буџетски средства или од средства на јавни фондови, ниту да се отуѓува државен капитал ниту да се потпишуваат колективни договори“.
Истиот член ст.2 т.1 забранува да се исплаќаат субвенции што не се редовни месечни исплати во периодот од 20 дена пред почнување изборна кампања, па до завршување на изборот“, рече Мисајловски.
ВМРО-ДПМНЕ ја повика ДКСК да реагира и да отвори постапка.
„Ова е очајнички обид на Заев и СДСМ преку поткуп да извршат влијание на волјата на избирачите. Ако СДСМ е сигурен во победата, исплатата може да ја направи една недела по изборите. Доколку, пак, им мислеа добро на фирмите, тоа ќе го направеа многу порано пред изборите.
Многу е важно да знаат и граѓаните и фирмите дека финансиската помош на компаниите и поединците ќе продолжи со ВМРО-ДПМНЕ, но тоа нема да се прави на 4 дена пред гласање, туку континуирано. Владата е слуга на народот и не смее државните средства да се злоупотребуваат за изборни цели.
За ова грубо кршење на законите и поткуп од невидени размери, ќе бидат известени сите меѓународни организации што го следат изборниот процес, како и странски претставници во земјата, а истовремено и ќе поднесеме соодветни пријави до институциите“, порача Мисајловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

