Македонија
(Видео) Мисајловски: Одговорност за пожарот во Тетово мора да има, народот очекува оставка од Филипче и Заев
Искажуваме најдлабоко сочувство кон семејствата на вчера настраданите наши сограѓани во пожарот во болницата во Тетово. Нема доволно зборови за утеха за оние кои ги изгубија најблиските. Нека Господ биде со нив, да им дава сила да ги поминат овие најстрашни моменти. Глетката од Тетово е жална и трагична. Ужасна трагедија, истакна на денешната прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски.
Изрази благодарност и до пожарникарите од Тетово и до медицинскиот персонал од болницата во Тетово, кои први се најдоа на местото, како и на граѓаните од Тетово кои даваа прва помош за санирање на и така ужасните последици од овој настан.
„Животите на луѓето се најскапиот дар, тие не смеат да завршат така како што завршија на повеќе наши сограѓани во Тетово. Барајќи здравје од државата, наши сограѓани, на општа жал, најдоа ужасна смрт. Државата, преку својот здравствен систем, од моментот на прием на пациентите во болница е одговорна за нивните животи. Ниту еден живот не смее да згасне поради нестручност, некадарност и неодговорност при менаџирање со здравствениот систем. ВМРО-ДПМНЕ ќе се воздржи од тешки зборови во овие денови за неспособноста на оваа Влада. Не сакаме да внесуваме политика во најтрагичниот момент од животите за многу наши луѓе и сограѓани од Тетово и Тетовско. Но за почеток, денес и без одложување мора да има функционална и морална одговорност, народот очекува неотповиклива оставка од Венко Филипче и Зоран Заев“, потенцира Мисајловски.
Оставка, бидејќи како што наведе, народот не верува во институциите управувани од оваа власт, двајцата ќе бидат и објективна пречка за транспарентна и неутрална истрага која мора да ја има.
Народот, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, бара извештај кој ќе е веродостоен, точен и прецизен. Народот очекува одговор каде е причината и одговорноста без влијание на моќ која што во моментот ја поседуваат Венко Филипче и Зоран Заев, порача Мисајловски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

