Македонија
(Видео) Митева: Шилегов да каже каде се 12.5 милиони евра од продажбата на градската куќа

Повторно го прашувам Шилегов каде се и за што се потрошени 12.5 милиони евра од продажбата на градската куќа, изјави Марија Митева, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
„ Кога Шилегов се фали дека нешто набавил, нека се присети дека да не беше ВМРО-ДПМНЕ сега уште ќе се возеа старите автобуси од пред 40 години по улиците на Скопје. Градските власти од ВМРО-ДПМНЕ купија 310 автобуси за ЈСП, или 3 пати повеќе од тоа што се фали Шилегов дека купил како возила за сите градски претпријатија.
Петре Шилегов кога се фали дека додека е градоначалник претпријатијата под Град Скопје набавиле 130 возила треба да знае дека толку возила се набавени во времето на ВМРО-ДПМНЕ во само едно претпријатие. Додека за сите претпријатија во целост се набавени над 500 возила и механизација, односно 4 пати повеќе од тоа што Шилегов денес се фали.
Во време додека ВМРО-ДПМНЕ управуваше со Град Скопје набавени се 100 возила само за ЈП „Комунална хигиена“, во чиј состав влегуваат камиони за собирање на смет, чистење и миење на улици, и тоа е најсовремена опрема каква што имаат и големите европски метрополи.
Нови машини се купени и за ЈП „Улици и патишта“, тоа 2 камиони четироосовинци, 2 ровокопачи, машина за нанесување на асфалт, неколку валјаци, камиони за пренесување на работници и алат, машини за залевање на пукнатини на асфалт и многу друго.
Во ЈП „Паркови и зеленило“, ВМРО-ДПМНЕ има набавено 10-тина возила и над 50 косилки, како и тракторска косилка и камион за пресадување на дрва која е машина каква што претходно немала Република Македонија. Десетици возила се купени и за ЈП „Градски паркинг“ и за „Дрисла“ каде се купени утоварувачи и машини за пресирање на сметот.
Ова е 4 пати повеќе од тоа што се фали Шилегов дека го купил. Тоа е разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ 4:1“ порача Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.