Македонија
(Видео) Митрески: СДСМ е за воведување на отпечаток од прст
СДСМ е за отпечаток од прст на локалните избори и не е против како што лаже ВМРО-ДПМНЕ, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието Јован Митрески во одговор на новинарски прашања.
Тој рече дека секогаш кога станува збор за измени на Изборниот законик тогаш мора да се обезбеди консензус како и сите политички чинители треба да се согласат за измени во Изборниот законик.
„Оние дилеми коишто се јавуваат кај другите политички чинители се поврзани со тоа што може или треба да се направат измени во законот за да се префрлат базите на податоци од МВР и се поставува дилемата што ако во случај во текот на денот на гласање се случи некаков дефект, паѓање на мрежа и слично, дали треба да биде прекинато гласањето или треба да има и други опции за граѓаните да гласаат. СДСМ и коалицијата што ја предводи во Собранието се за воведување отпечаток од прст, но од друга гледна точка, лагите на ВМРО-ДПМНЕ мислам дека се само барање алиби за изборниот пораз којшто ќе се случи на локалните избори и мислам дека е уште рано да зборуваат за тоа односно да не плачат уште сега за тоа што ќе се случи“, посочи Митрески.
Во однос на работата на Собранието, координаторот Митрески посочи дека опозицијата и натаму продолжува да ја блокира работата на Собранието и дека со претседателот Џафери на редовни и вонредни координации ќе се наоѓаат решенија за натамошното функционирање на Парламентот.
„Опозицијата прво ги блокираше измените на Деловникот за да може пратеници кои се позитивни или се во изолација да работат од далечина, а кога имаме такви случаи во мнозинството, тогаш не доаѓаат, за да не се изгласаат законите. Во однос на работата на опозицијата од албанскиот политички блок, станува збор за невидена контрадикторност. Значи тие што се во коалиција, тие кои најавуваа ново парламентарно мнозинство, едни на други, како што е Законот за државјанство, ама на крајот блокирано е Собранието. Денеска стигнаа најави за блокирани на Законот за прекршоци со 2.000 амандмани. Станува збор за блокирање на закон каде што ги зголемуваме казните на сите кои наштетуваат на животната средина. И наместо во таа борба да влеземе посилно, ние имаме блокада од страна на албанската опозиција. Ова очигледно е блокада на Собранието и во следниот период со претседателот Џафери треба да разговараме за тоа како ќе излеземе од оваа ситуација“, заклучи Митрески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерството за здравство ги кани на соработка нашите лекари кои работат во странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

