Македонија
(Видео) Мицкоски: Заев ја втурнува државата во уште поголема криза, тој е изворот на кризата и мора да си оди
Република Македонија влегува во општествена, економска и политичка криза. Неспособноста да се управува со политичките процеси, да се испорача резултати кои се ветија и кои се потребни на граѓаните Владата и Заев ја втурнаа државата во поголема и поопасна криза. Се работи за влада со изгубен легитимитет, влада која година ипол буквално не испорача ниту еден резултат. Договорот со Грција е параванот зад која се одвива грабежот на деценијата, вели во видео-обраќањето лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Според него, кризата не е пречка да продолжат тендерите за луѓето од власта, да има 5.3 милиони евра во 4 очи за тендер за учебници кои еве гледаме се одвива во неколку нови продолженија, да се случуваат крвави тендери во здравството, криминални иновации, оние трагикомични тендери за лубриканти од 1.5 милиони евра, кои владата ги преставува како борбата за здравјето на граѓаните, а во исто време болните чекаат за инсулин во болниците, а во операционите сали нема ниту завој за преврска.
,,Бизнисите на фамилијата на власт стануваат се поголеми, додека приходите на обичните граѓани се се помали. Велеа дека биле за правда, но власта освен тоа што прави политички прогон, бега од предлогот за нова обвинителска институција која вистински ќе се бори против криминалот и корупцијата, а бега, бега затоа што криминалот е во самата власт.
Нема директни странски инвестиции, нема нови работни места, ниту пак 500 евра просечна плата, нема поголеми пензии, подобри услови за студентите, нема поврат на ДДВ, ниту зголемена поддршка за земјоделците, и сето ова додека градежништвото бележи рекорден пад од минус 30 проценти, а капиталните инвестиции за 7 месеци се очајно ниски 21 процент. И во локалната самоуправа каде поминува една година, речиси апсолутна власт на СДСМ немаме никакви резултати. Имаме една година неработа, криминал и очај. Ветија почист воздух, но резултати нема, ветија мораториум на градби, но зградите во Аеродром никнуваат во парковите, ветија чесно работење, но градоначалникот шверцер од Ново Село останува недопирлив за вистинската правда. И додека сето ова се случува власта гледаме како власта се труди да ја поништи волјата на граѓаните. Продолжуваат со процедурата за уставни измени и покрај тоа што народот се изјасни против договорот со Грција. Ова се вика насилие. Процесот кој го раководеше лично Зоран Заев се удира во ѕид и додека тоа се случува одново се лиферуваат нови лаги. Па така премиерот вчера ќе го слушнеме како името Македонија било заштитено, во исто време додека истата таа влада поднесува амандмани со кои 288 пати го брише името Македонија во Уставот, и го заменува со ново име договорено со јужниот сосед”, вели Мицкоски.
Тој потсетува дека Владата, Собранието и секој еден пратеник ја има одговорноста да работи и дејствува согласно волјата на народот. А волјата на народот е јасна и недвосмилено изразена на референдумот.
,,ВМРО-ДПМНЕ е против овој договор и така ќе остане. Изворот на кризата која сега се случува не е отфрлениот договор со Грција, не е ниту пропаднатиот референдум, туку самата власт и Зоран Заев кои мора да си одат за да Македонија победи. А ве уверувам, со силата на народот, заедничката мудрост и одлучност Македонија ќе победи, и сите заедно ќе се избориме за стабилност, европска иднина и сочувано достоинство”, вели Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.

