Македонија
(Видео) Мицкоски: Измените на Законот за организација и работа на органите во државната управа се со цел да го исполниме ветеното на изборите

Пред изборите кои поминаа ветивме функционална и ефикасна влада која ќе спроведе реформи и ќе донесе подобар живот. Суштината на овој предлог е реформи во администрацијата, а со цел да ги решиме реалните проблеми на граѓаните со ефикасни политики со одлуки кои ќе донесат подобар животен стандард, повисоки плати, повисоки пензии, подобро образование, ефикасна социјална заштита, развиена економија и земјоделие. За да го направиме ова ни треба добра организација на владата и затоа поднесувам предлог на Законот за измени на законот за организација и работа на органите во државната управа по скратена постапка, рече пратеникот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски кој даде образложение на измените на Законот за организација и работа на органите во државната управа кој во Собрание по скратена постапка.
Мицкоски побара поддршката од сите пратеници.
„Ова го правам во име на огромната поддршка која ја добивме на изборите и во име на реформите кои мора да ги направиме. Се обврзавме да преземе активности со цел преиспитување и рационализација на поставеноста на органите на државната управа со можност за спојување или укинување на одредени државни органи“, кажа Мицкоски.
Според него „на овој начин доаѓа до реорганизација на министерствата во самата влада, реорганизација во која дел министерства ќе бидат нови, а агенциите ќе бидат укинати, дел од министерствата прегрупирани односно ќе бидат пренесени надлежностите со цел да се одговори на потребите на граѓаните“.
Мицкоски објасни кои се клучните поенти или што содржи овој закон.
„Министерството за труд и социјална политика продолжува да работи како Министерство за социјална политика, демографија и млади. Или Агенцијата за млади и спорт се укинува, а работите од нејзината надлежност преминуваат во Министерството за спорт и во Министерството за социјална политика, демографија и млади“, рече Мицкоски.
Според него предложените измени на Законот се формира ново Министерство за енергетика или дел од надлежностите кои ги имаше досега Министерството за економија во делот на рударството и енергетиката ќе бидат дел од надлежностите на новото формирано министерство, а тоа е Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини.
Мицкоски информираше дека Министерството за култура продолжува да работи како Министерство за култура и туризам или туризмот кој беше одделение или сектор во Министерство за економија се префрлува во Министерството за култура и туризам.
Се воведува и Министерство за дигитализација кое во суштина ќе ги наследи обврските што ги имаше досегашното Министерство за информатичка технологија и администрација.
„Ова министерство е многу важно за борба против корупцијата ќе се зголеми транспарентноста на работата на државните институции“, кажа Мицкоски кој укажа дека ќе имаме исто така и Министерството за администрација.
Министерството за економија и труд освен досегашниот дел на економија ги презема надлежностите од труд.
„Со ова работниците и работодавачите ќе го водат дијалогот заедно на едно место и целиот процес ќе биде олеснет“, рече Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски на настан на Атлантскиот совет: Потребна е забрзана интеграција

На покана на Јерн Фленк, директор на Атлантскиот совет, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на настан организиран од Советот, кој се одржа во просториите на Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Покрај министерот Муцунски, на настанот се обратија и министерката за европски прашања на Црна Гора, Маида Горчевиќ, како и претставници Делегацијата на Европската Унија, невладиниот сектор и самиот Атлантски совет.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја нагласи потребата од одлучна и доследна поддршка за реформските процеси во регионот. Посебен акцент стави на Планот за раст како практичен инструмент кој го забрзува приближувањето кон единствениот европски пазар и носи реални економски придобивки за граѓаните – уште пред полноправното членство.
Министерот подвлече дека реформите мора да бидат препознаени и вреднувани од страна на Европската Унија преку конкретни и навремени чекори, со цел зачувување на кредибилноста на процесот на проширување и спречување на дополнително разочарување кај граѓаните. Тој истакна дека реформските процеси се потврда за јасната европска ориентација на Владата, и дека нивното спроведување не претставува само исполнување на агенда, туку реално подобрување на квалитетот на животот и на општеството во целина.
Во завршницата на обраќањето, министерот Муцунски, во контекст на денешниот Самит, ја повтори пораката дека Западниот Балкан е составен дел од Европската Унија и дека европската целина ќе биде комплетна само ако земјите од регионот станат нејзин дел. Тој упати повик за забрзана интеграција на регионот, што ќе значи и вистинска европеизација на овој дел од континентот.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со шпанскиот премиер Педро Санчез

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, во рамки на учеството на 4. Меѓународна конференција за финансирање на развојот во Севиља оствари средба со премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез.
Осврнувајќи се на нашите евроинтеграции, Сиљановска-Давкова посочи на тешките македонски компромиси коишто треба да бидат соодветно вреднувани од Европската Унија и истакна дека влезот во ЕУ ќе биде корисен и за самата Унија, и за земјите кандидати коишто дополнително ќе ја стабилизираат.
Таа оцени дека Шпанија е важен партнер на земјава во рамки на НАТО, ООН, ОБСЕ и изрази благодарност до владата на Санчез и Шпанија за доследната поддршка на македонските аспирации за членство во Европската Унија.
Реафирмирајќи ја посветеноста на државава кон евроинтегративниот пат, Сиљановска-Давкова ја повтори позицијата дека билатералните прашања не треба да бидат пречка во пристапниот процес. Имајќи ги предвид турбулентните геополитички процеси во светот, таа укажа на потребата од одржување на кредибилитетот на политиката на проширување и нагласи дека регионов кој историски, географски и културно припаѓа на ЕУ, треба што поскоро да се интегрира во европското семејство.
Претседателката со задоволство ја прими информацијата од премиерот Санчез дека Шпанија е заинтересирана за зголемена економска соработка во делот на туризмот, инфраструктурата, земјоделието, енергетиката, соларната енергија и управувањето со водните ресурси.
Двајцата соговорници разговараа за соодветно одбележување на учеството на македонски борци во Шпанската граѓанска војна.
Македонија
Муртезани-Старовиќ: изразена подготвеност за заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји

Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска на маргините на Самитот посветен на Планот за раст на ЕУ што се одржува во Скопје, оствари билатерална средба со министерот за европски интеграции на Република Србија, Немања Старовиќ. Во оваа прилика, Муртезани му честиташе на министерот Старовиќ за неодамнешното именување на функцијата и изрази уверување дека заедничките напори ќе продолжат со нова динамика и проактивност во насока на унапредување на европската агенда на регионот.
Муртезани и Старовиќ разговараа за продлабочување на билатералната соработка, особено во контекст на спроведувањето на Планот за раст, кој претставува заедничка можност за засилување на регионалната економска поврзаност и приближување кон европските политики. Посебен акцент беше ставен на досегашната соработка врз основа на Меморандумот за разбирање меѓу двете министерства, како и на новите можности за иницијативи од заемен интерес, вклучително и прекуграничните програми за развој и инфраструктурно поврзување.
Министрите го нагласија значењето на доследна и координирана примена на европските реформи во регионот, како предуслов за реализација на економските и институционалните придобивки предвидени со новиот пристап на ЕУ. Во таа насока, беше изразена заедничка подготвеност за продолжување на блиската комуникација и заедничко делување кон целосна европска интеграција на двете земји.