Македонија
(Видео) Мицкоски: Индустриското производство во мај зголемено за 9,4 проценти во споредба со минатата година

Премиерот Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање во однос на растот на индустриското производство во Македонија, изјави:
„Да, исклучително сме задоволни, бидејќи индикаторите, посебно во вториот квартал, почнуваат конечно да покажуваат раст. Значи оној период на стабилизација на македонската економија, сега е проследен со раст. Токму една од причините за таквиот раст е и работата на компании слични на Реплек, каде што сме денеска. Да го поздравиме сето ова што го прави менаџментот тука и да ги охрабриме да продолжат во таа насока.
Раст од 9,4% речиси двоцифрен раст на индустриското производство во мај, споредено со мај минатата година и раст на 9% на преработувачката индустрија во мај, е нешто коешто навистина за нас е многу значајно“, вели Мицкоски.
Додаде дека ако се земе периодот од почетокот на годината заклучно со мај месец, односно првите 5 месеци споредено со истиот период лани, растот е над 3 проценти, однсоно е 3,3%, а кај преработувачката индустрија 4,5%.
„Можам слободно да заклучам дека периодот на консолидирање и стабилизација е завршен, сега почнуваме преку овие индикатори да генерираме раст. Туризмот расте со повеќе од 20% и расте индустриското производство, растат инвестициите и така натаму. Ценам дека вториот квартал, би требало да имаме исклучително висок раст на македонската економија.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Заврши времето на Спасовски, кога полицајки сами се удираа од пајак возила, со законските измени МВР се отвара за професионалците, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Заврши времето на шиканирањето на професионалците во Министерството за внатрешни работи. Заврши времето на Оливер Спасовски, кога полицајки сами се удираа од пајак возила. Заврши времето кога Спасовски, наместо да ги заштити полициските службеници, се ставаше во служба и заштита на криминалци и насилници, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Миле Талески од СДСМ на која тој зборувајќи за зимените за како што го нарече скандалозниот Закон за полиција, додаде дека пратениците се заложници на Тошковски.
„И откако СДС на чело со Оливер во МВР, министерството го претворија во служба со која царувале криминалците, сега жолчно се борат против закони кои го враќаат професионализмот на полициските служби. СДС за седум години МВР го стави во служба на мафијата и нивен заштитник, така што на 215 белосветски криминалци и наркобосови и додели македонски пасоши, наместо да биде во служба на заштита на безбедноста на граѓаните и државата.
СДС кој што не може да излезе од сенката на Зоран Заев и кој сеуште раководи од партијата, може да измислува, критикува и да се обидува да манипулира со јавноста колку сака, тоа не му поминува“.
Според партијата на власт, законските измени што се носат се исклучиво за подобрување на состојбите во безбедноста и полициските служби и МВР се отвора за професионалците.
Како што појаснуваат, се дефинираат професионални и специфични критериуми за директори, кои ќе се именуваат исклучиво со искуство во полициските работи.
„Се отвораат нови полициски станици и се усогласува внатрешната организација и нормативното уредување со новиот концепт на управување во полицијата.
Институционалниот пустош кој СДС го остави, полека се санира и средува“.
Македонија
Муцунски – Герапетритис: Грција ја поддржува Македонија на нејзиниот европски пат

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска, во рамки на работната посета на Грција, оствари средба со шефот на грчката дипломатија, министерот Јоргос Герапетритис.
Министрите Муцунски и Герапетритис изразија задоволство од денешната средба, во период кога двете страни посветено работат на унапредување на односите помеѓу двете земји. Притоа имаа отворен разговор и размена на мислења за повеќе прашања од заеднички интерес соопштија од Министерството.
На средбата, од страна на министерот Муцунски била изразена искрена благодарност за солидарноста што Грција ја покажа за време на трагедијата во Кочани и неодамнешните итни состојби во близина на Дојран. „Тоа не беа само гестови на помош – туку вистински дела на пријателство“, истакна министерот Муцунски.
На средбата стана збор и за безбедноста – како на регионално, така и на глобално ниво. Беше потврдено заедничкото делување во рамките на НАТО и потребата од блиска координација во овие неизвесни времиња. Воедно, министрите се осврнаа на процесот на евроинтеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија. Во оваа насока, министерот Герапетритис ја нагласи силната поддршка за нашиот евроинтеграциски пат.
„Сакам уште еднаш да ја истакнам поддршката на Грција за напредокот на Северна Македонија на нејзиниот европски пат, врз основа на воспоставените условности и принципот на сопствени заслуги, со посебен фокус на основните критериуми“, додаде грчкиот министер Герапетритис.
Почитувањето на меѓународното јавно право останува императив за двете страни, а билатералните односи, како и досега, ќе се засноваат на меѓусебно разбирање како соседи и сојузници во НАТО, констатираа двајцата министри како заклучок од средбата.
Во фокусот на средбата беше унапредувањето на соработката помеѓу двете земји, а акцентот беше ставен на потенцијалот за економска соработка помеѓу двете држави, како и на соработката во делот на инфраструктурата и енергетиката.
„Нашиот фокус беше и на резултати кои носат придобивки за граѓаните. Инвестиции. Трговија. Инфраструктура. Енергија. Разговаравме за проекти како Kоридорот 10 и гасниот интерконектор – не само како технички проекти, туку како двигатели на раст, безбедност и регионална поврзаност“, нагласи министерот Муцунски по средбата.
Македонија
Тошковски во Турција: Можности за заеднички проекти и поддршка во процесот на модернизација на опремата

Министрите за внатрешни работи и одбрана Панче Тошковски и Владо Мисајловски на покана на турскиот министер за национална одбрана на Република Турција, Јаваш Гулер учествуаат на Меѓународниот саем за одбранбена индустрија – ИДЕФ 2025 во Истанбул.
Саемот беше отворен со свечена церемонија на која се обрати претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, испраќајќи силна порака за значењето на одбранбената индустрија како двигател на стабилноста, безбедноста и соработката меѓу сојузниците.
ИДЕФ претставува значајна платформа за размена на идеи, технологии и воспоставување соработка со сериозни меѓународни партнери од одбранбениот и безбедносниот сектор.
„Во рамки на саемот се сретнав со претседателот на Турската агенција за одбранбена индустрија, Халук Ѓоргун, со кого и претходно имаме воспоставено конструктивна комуникација. Разговаравме за можностите за заеднички проекти и поддршка во процесот на модернизација на опремата и капацитетите што ги има нашата држава. Исто така, остваривме средба и со министерот Гулер, на која разговаравме за унапредување на билатералната соработка, заеднички вежби и размена на експертиза, со цел зајакнување на безбедносната стабилност и подготвеност. Турција е еден од најголемите и најдолгорочни пријатели на нашата држава. Како две сојузнички земји во НАТО, секогаш сме стоеле една до друга кога било најпотребно, во духот на солидарноста, стабилноста и заедничката безбедност.“, потенцираше Тошковски.
Подвлече дека како држава, мораме да инвестираме во современи решенија и сојузништва што ја гарантираат нашата безбедност и ја унапредуваат позицијата на Македонија како кредибилен партнер во регионалните и глобалните безбедносни процеси