Македонија
(Видео) Мицкоски: Нашата пратеничка група треба да биде коректив на сите погрешни чекори на парламентарното мнозинство

„Обврската пред новиот пратенички состав е мошне сериозна. Македонија е пред отворање пристапни преговори со Европската Унија, но истовремено се соочуваме со здравствени, економски, социјални и образовни предизвици, кои се од голем размер. Човекот учи додека е жив и најдобро е ако учи од туѓите искуства бидејќи така спречува да ги повторува истите грешки. Македонија не смее да си дозволи нови изгубени години затоа што тоа се нови изгубени генерации и послаби капацитети. Предизвиците што стојат пред сите нас се глобални, но и внатрешни, поврзани со лошото владеење, злоупотребата и нефункционалноста на институциите. Токму со силен капацитет нашата пратеничка група треба да биде истовремено и коректив на сите погрешни чекори на актуелното парламентарно мнозинство, но истовремено да нуди и мерки и решенија што ќе обезбедат просперитет, стабилност и поквалитетен живот за нашите сограѓани“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната обука „Зајакнување на капацитетите на новоизбраните пратеници“, организирана од Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Институтот „МК91“.
Според Мицкоски, овој пратенички состав пред себе ќе биде исправен со сериозен предизвик да коригира политики на една старо-нова влада, која покажа исклучително низок капацитет во справување со барањата, потребите и проблемите на граѓаните.
„Македонија, за жал, овие три години назадува, стана најкорумпираната држава во Европа, а има и пад на листата на дуинг-бизнис, што говори дека сивата економија и криминалот сериозно удираат врз стабилноста и просперитетот на Македонија. Поради ваквата состојба, имаме сериозен пад на економијата и стандардот на граѓаните, кој дополнително го влошуваат со непромислени потези, како поскапување на електричната енергија, но истовремено сме земја од која најголем број млади сакаат да се отселат. Европските вредности и стандарди стануваат сè подалечни за нашиот народ бидејќи таму кај што царува криминалот, селективната правда и сиромаштијата, таму нема напредок.
Колку порано се застане на патот на оваа деструктивност толку побргу ќе се фати патот на успехот и благосостојбата. А вие како пратеници сте ја добиле поддршката од народот за тоа да работите и за тоа да се борите. Ваквите искуства ќе бидат драгоцени да вградиме секој свој сегмент во мозаикот наречен европска Македонија затоа што со својот личен придонес за промоција на европските искуства и вредности ќе помогнете Македонија побрзо и поуспешно да излезе од вртлогот на безредието и да чекори кон подобро утре на нашите идни генерации. Во таа насока, денешната обука, која ќе ја предводат голем број експерти со практично и теоретски искуство во работата на законодавниот дом, треба да биде поттик за сите вас присутни денес да го инвестирате сиот свој потенцијал и претходно знаење во насока на градење силна и европска Македонија.
Уште еднаш голема благодарност до организаторите на денешниот настан“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ДУИ: „Влен“ покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив

„Процесот на вработувања во државните институции се одвива селективно и дискриминаторски, при што Албанците остануваат целосно непретставени. Секојдневно, нивното исклучување станува редовна пракса на оваа Влада“, велат од ДУИ.
„Наместо да се зајакне правичната застапеност, Владата предлага замена на постојниот законски механизам (балансерот) со нефункционална комисија која еднаш годишно ќе подготвува „анализи“. Таквиот модел не гарантира ниту застапеност, ниту фер примена на законот, ниту основна еднаквост.
Дури и овој навредлив предлог-закон не се испраќа во Собранието, што укажува на понижувањето и недостаток на капацитет од страна на остатоците на ВЛЕН.
„Влен“ досега покажа елементарно непознавање на законодавната процедура, додека ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат да се потсмеваат со нив ангажирајќи ја Каракамишева да изготви навредлив закон, кој потоа и самите не се осмелуваат да го достават до Собранието.
ДУИ бара од надлежните институции и од меѓународниот фактор внимателно да ја следат оваа ситуација и да реагираат на назадувањето на правичната застапеност на Албанците во јавните институции“, се наведува во соопштението на ДУИ.
Македонија
Муцунски од Мала Преспа: Преку конкретни проекти ќе продолжиме да ја јакнеме врската со дијаспората

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, заедно со министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, и министерот за култура, Зоран Љутков, вчера ја посетија Мала Преспа и општина Пустец – домот на македонското малцинство во Албанија. Во рамки на посетата, министрите остварија топли и конструктивни средби со локалното население и присуствуваа на свеченото отворање на фестивалот „Македонско културно лето“, каде настап имаше Велешкиот театар.
„Мала Преспа и Пустец се жив доказ дека етничката и културната разноликост не разделува, туку обединува. Благодарение на официјалниот статус на македонскиот јазик, двојазичното образование, активната дипломатска и прекугранична поддршка од нашата Влада – заедно со посветеноста и ангажманот на локалното население – македонската заедница во Албанија успева да ја зачува својата уникатност, да ја негува врската со матичната земја и да гради мостови на пријателство меѓу двете држави“, истакна министерот Муцунски во својата објава на социјалните мрежи.
На средбите со Македонците од Албанија, министерот ги сослуша нивните предизвици и се обврза дека поддршката од државата нема да остане само на декларативно ниво.
„Преку конкретни проекти и активности, ќе продолжиме да ги јакнеме врските на дијаспората со татковината. Само така ќе ја чуваме и пренесуваме македонската историја, култура и традиција во овој значаен дел од Балканот“, порача Муцунски.
Министерот упати искрена благодарност за поканата и срдечниот пречек и истакна дека секогаш со задоволство ќе се враќа во Пустец – помеѓу Македонците во Албанија.
Македонија
Герасимовски: Во мојот мандат Центар доби целосна поддршка за урбаната велосипедска култура

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на средбата со жителите од строгиот центар разговараше за најгорливите урбани предизвици: сообраќајниот метеж, загадениот воздух и потребата од алтернативен превоз.
„Она што секојдневно го отежнува животот во Центар е хаосот во сообраќајот. Затоа вложуваме во решенија за почист воздух и подобар квалитет на живеење“, истакна Герасимовски.
Тој потсети дека Центар е првата општина што воведе субвенции за алтернативен превоз, велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, мерка што се надградува од година во година:
„Во мојот мандат воведовме и субвенции за дополнителна опрема, за што интересот постојано расте. Само годинава, од предвидените 600.000 денари за велосипеди, веќе се субвенционирани 197 граѓани”, рече Герасимовски, посочувајки дека во последните три години се дадени субвенции за над 500 велосипеди.
„Жителите на Центар заслужуваат модерен и одржлив град. Затоа продолжуваме со инвестиции во алтернативен превоз, почиста животна средина и поздрав начин на урбано живеење“, порача Герасимовски.