Македонија
(Видео) Мицкоски овластен да ги одбере кадрите кои ќе бидат дел од техничката влада, Џафери нема да биде поддржан од ВМРО-ДПМНЕ, рече Муцунски
2024 година за граѓаните на Македонија е година на промени, година во која ќе се ослободиме од криминалната власт на СДС и ДУИ и година во која ќе се донесат промените кои ги заслужува народот, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски по завршување на седниците на Централниот и Извршниот комитет на оваа партија.
На вечерашната седница на ИК се донесоа 5 клучни одлуки за изборниот процес, рече Муцунски.
„ИК на ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука да учествува во техничката влада, што би значело именување на лица кои согласно законот за техничка влада треба да бидат на предлог на ВМРО-ДПМНЕ. За таа цел очекуваме и ЦК да донесе одлука со која што ќе се овласти претседателот на ВМРО-ДПМНЕ да ги одбере лицата кои ќе бидат дел од техничката влада. Причината поради која ИК донесе ваква одлука е затоа што во Македонија никогаш не било полошо. Македонија се наоѓа во тешка ситуација. Од криминал, преку корупција до партизација, нема нерегуларност која не е направена од страна на власта. Кронизмот во нашето општество е потврден и од нашите меѓународни партнери. СДС и ДУИ кои се промовираат како европски фронт, се на сериозен пат да ја уништат европската перспектива на Македонија. Ковачевски и Ахмети контролираат и вршат влијание и врз судството и врз обвинителството. Институциите се користат како алатки за тендери, а МВР е партнер на криминалот. Со ваква власт Македонија е се подалеку од ЕУ, со институции контролирани од оваа власт нема независност, непристрасност и професионалност“, истакна тој.
Дополнително, како што рече, поради сите овие горенаведени причини ИК на ВМРО-ДПМНЕ зазема став да се воздржи од гласањето на техничката влада, која под водство на Талат Џафери од ДУИ, нема никаков легитимитет, истата е само коалициски договор помеѓу СДС и ДУИ.
„ИК на ВМРО-ДПМНЕ ги изгласа Делегатите за Конвенцијата за избор на кандидат за Претседател на Република Македонија. Согласно критериумите преку кои се бираат и застапеноста на структурата на партијата, Делегати на Конвенцијата ќе бидат вкупно 475 лица. Исто така, се комплетирани и составите на нашите Општински изборни штабови.
ИК на ВМРО-ДПМНЕ донесе Одлука за формирање на Комисија за преговори со актуелните коалициски партнери, но и сите останати политички партии кои ќе пристапуваат и ќе бидат дел од Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
Со оглед на акутната криза која се однесува на издавањето на пасошите, каде се гледа и актуелната неспособност на власта, ИК донесе одлука за поднесување на иницијатива до Уставниот суд која е поврзана со законите поврзани со промената на личните документи. Оваа состојба е голем срам за државата, за Спасовски и Ковачевски кои директно се виновни за фактот што под примитивни услови и на ваков недостоинствен начин се обезбедуваат личните документи“, потенцира Муцунски.
Со овие одлуки ВМРО-ДПМНЕ, како што нагласи, е комплетно подготвена за изборниот процес кој следува.
„Идејата за промени ќе биде водилката која што ќе не движи напред, граѓаните потврдуваат дека никогаш не било полошо“, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Притвор од 48 часа за сопругот по смртта на неговите жена и ќерка во Карпош
Судот му определи 48 часовен притвор на сопругот од Карпош чија жена и ќерка починаа по пад од зграда.
„Основното јавно обвинителство Скопје до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје поднесе предлог за определување мерка краткотраен притвор од 48 часа против едно лице за кое постојат сомненија за сторени кривични дела – Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1 и Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик“, соопштија од Обвинителството.
Од таму појаснуваат дека притворската мерка е неопходна со цел преземање на сите истражни дејствија со цел обезбедување докази во однос на сомненијата и додаваат дека по предлог на јавниот обвинител, судот определи притвор.
Македонија
МНР ги повика македонските државјани заглавени во ОАЕ да се јават во амбасадата во Абу Даби
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека, имајќи ја предвид актуелната безбедносна состојба, Амбасадата на Република Северна Македонија во Абу Даби, во координација со локалните власти во Обединетите Арапски Емирати, активно работи на финализирање на деталите околу организацијата на комерцијален лет за евакуација на македонските државјани.
Се повикуваат сите граѓани кои се заинтересирани за евакуација, а сè уште не се пријавиле, во најкраток рок да стапат во контакт со Амбасадата во Абу Даби преку следните контакти:
Телефон: +971 56 441 7532
Е-маил: [email protected]
„Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Пријавените лица навремено ќе бидат информирани за понатамошните чекори и условите за безбедна реализација на евакуацијата“, велат од Министерството.
фото/Depositphotos
Македонија
(Фото) Руте во посета на Армијата: Дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили
Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, денес во касарната „Илинден“, Скопје, оствари посета на Армијата, која се реализира во рамки на неговата официјална покана на Македонија.
Генералниот секретар беше пречекан од началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски и министерот за одбрана Владо Мисајловски.

Во рамките на посетата, генералниот секретар се обрати пред припадниците на Армијата истакнувајќи го придонесот што нашата држава го прави во рамки на Алијансата.
„Вие навистина дејствувате над вашите капацитети кога станува збор за истурените копнени сили (Forward Lend Forces)“, истакна Руте, потенцирајќи „со тоа се грижите навистина да ја одбраниме секоја педа од територијата на Алијансата“.

За време на посетата беше извршена смотра на построените единици, како и на опремата и средствата со кои располагаат Лесната пешадиска баталјонска група и декларираните единици од составот на Баталјонот на специјални сили.
Во знак на признание за придонесот во зајакнувањето на соработката и поддршката на Армијата на Република Северна Македонија во рамки на Алијансата, началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски му додели Голема плакета на Армијата на генералниот секретар на НАТО.

На настанот присуствуваа генерали на Армијата и претставници од Армијата и Министерството за одбрана.

